Јордан Плевнеш, прочуениот писател и долгогодишен амбасадор на Република Македонија во Франција, на промоцијата на монографијата „Главата на Омер Калеши во светското сликарство“ во септември 2012 година, во своето инспиративно обраќање до публиката и до целата овдешна културна јавност, ќе забележи дека „ако не постоеше, тогаш Омер Калеши требаше да се измисли“. Дека „тој е единствената трајна духовна вертикала што ја врзува балканската цивилизација“.
„Ако не постоеше Омер Калеши тој требаше да биде измислен бидејќи во овие децении на големи турбуленции е единствената трајна духовна вертикала, еден духовен свет врзан за вредностите на Балканот, човек кој што ги бранеше достоинствата на убавината на балканската цивилизација.“
Во истата пригода Академик Луан Старова ќе забележи дека „треба да се чувствуваме горди што во нашата земја изникна и се создаде еден таков смел човек што има силна функција да го обединува светот“.
Омер Калеши и писателот Јордан Плевнеш снимени во Скопје во 2012 на промоција на монографијата „Главата на Омер Калеши во светското сликарство“ .
А, Калеши, пак, искрено среќен што на еден таков навистина достоинствен начин 50-годишнината од неговото творештво и 80-годишнината од животот се најдоа на листата на прослави на Собранието на Република Македонија, а во пресрет на големата ретроспективна изложба што подоцна, во октомври, се одржа во Даут пашин амам, ќе рече дека тој едноставно му припаѓа на Балканот.
Јас им припаѓам и на Македонците и на Албанците и на Турците. И, затоа секогаш кога имам некоја изложба во Париз, како ретроспективната во УНЕСКО во 2002 година што ја направи Јордан Плевнеш кој тогаш беше амбасадор на Република Македонија таму, присутни се и амбасадорите на Република Албанија и на Турција... Сите работи што ги правиме ги правиме заеднички. Тоа е соединување. На тој начин – со уметничка соработка, со изложби, со книги... сме насочени едни кон други. Затоа со него ја направивме оваа книга и на турски и на француски и на албански и на македонски. Тоа е многу убава работа.
А, по нецели десет години и само два месеца по неговата смрт во април годинава, делото на Омер Калеши повторно ќе блесне со сета своја моќ во Национална галерија, овојпат во Чифте амам. Триесеттина негови слики, масла на платно, меѓу кои и во 2012-та подарените „Чобан“ и „Глава“, ќе се најдат на изложбата што како организатори ја потпишуваат Универзитетот „Мајка Тереза“ од Скопје и семејството на неодамна починатиот уметник, а која е планирано да се одржи од 16 јуни до 1 јули.
Но подетално кој е Омер Калеши, уметникот чии дела се изложени во голем број галерии на сите пет континенти и творецот кој со своето дело го обединувал вечно разделениот Балкан.
Калеши е роден е во кичевското село Србица во 1932 година, од татко Албанец и мајка Македонка со муслиманско потекло. Македонскиот му е мајчин јазик. Се школувал во Скопје, студирал во Истанбул, Турција, а повеќе од 30 години живеел и работел во Париз, Франција.
За големиот сликар е познато дека се одликувал со космополитски дух. Во неговиот творечки опус до крајот на животот останува доследен на своите корени, при што главниот фокус е насочен кон човечкиот лик, нагласувајќи ја главата, како симбол на неговиот дух. Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои всушност се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција.
Самостојно изложувал во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан... а за неговото творештво со одбрани зборови пишувале и еден Жак Лакариер, Исмаил Кадаре и други големи дејци.
Во 2018 година Омер Калеши е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите и истата година е добитник на државната награда „Мајка Тереза“.
Дел од неговото културно наследство се галериите со неговото име во Универзитетот „Мајка Тереза“ во Скопје, Универзитетот „Илирија“ во Приштина, Националната галерија на Македонија, Галериите во Турција во Бурса и во Тирана во Албанија.
Кон ова само уште информацијата во текот на оваа година Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево планира да отвори Галерија- музеј со дела од маестро Омер Калеши.