„Швајцарија има голем број умрени и заболени, САД имаат најголем број заболени и умрени, а ги лечат илјадници лекари. Не критикувај оти оваа болест нема лек“. Ова е постот на Вердин Волчевски кој им одговара на некои недоверливи посетители на нашата ФБ страницата кои имаат критички коментари за мерките што ги презема државава за справување со Ковид 19. И Дадо Сејвиор со забелешка: „Сѐ епидемиолози по Фејсбуков“.
Имено, по најавата на министерот Венко Филипче дека во земјава започнува втората фаза на епидемијата и дека кон крајот на овој месец се очекува пикот, Агим Куманова им препорачува на здравствените власти: „Лечете ги луѓето, ова е лудило невидено, месец и нешто има само болни, што работите вие, кога не можете да ги лекувате дајте си оставка и побарајте стручни луѓе од Европа, Русија, Кина...“ Наско Панов се надоврзува: „Нашиве ги изгонија руските дипломати од земјава (веројатно мисли на рускиот дипломат што беше прогласен за persona non grata поради шпионажа). Сега ќе ја молиме Русија за помош, еве НАТО нека се погрижи за нас како нови членови“. Никола Ѓоргиоски смета дека власта сѐ има програмирано точно до детаљ... „да завршат да го плашат народот точно како што им кажале од ЕУ“. Илија Ѓорески постирал дека е лага информацијата oти во општините Дебар и Жупа нема новозаболени од коронавирусот, исто како и Семи Џогановиќ кој информацијата ја смета за „најголема лага на 21 век“. Дини Џафери одговара на ваквите постови: „Не е лага туку напротив е голема вистина, сѐ е до свеста на народот“. Омер Далипоски препорачува: „Цела Македонија треба како Дебар ако сакаме да куртулиме... алал да им е на дебарчани, респект“.
Првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски излезе со втор пакет предлог економски мерки до Владата, а Јанко Ѓоргиев му порачал: „Чувај си го пакетот“. Игор Икс, пак, забележува: „Ааии, абе овој досаден стана“. Редовното неделно интервју на РСЕ е со министерот за образование, Арбер Адеми, кој ,покрај другото, најавува дека ќе има интернет за сите ученици и дека со донации ќе се помага на учениците што немаат компјутери. Има повеќе постови во кои граѓаните забележуваат дека „за да функционира онлајн настава треба да има широкопојасен интернет со одредена брзина, тој не видел дека ни електронскиот дневник не се отвора, заглавува, не е ова за популизам, се работи за образовен систем и образование на младата популација“ – коментирал Ѓорѓи Ристески.
Потпишана со Анемона постирала дека „брзината на интернетот сега не е иста како пред вирусот, сега не можеш линк да отвориш а да не чекаш, мејл да напишеш подобро по голуб да го пуштиш побрзо ќе стигне“. Раде Сања во постот информира дека „во Кавадарци интернетот е паднат на 3 мега. Тоа значи дека не можеш на Гугл да срчаш, не па онлајн настава да држиш“.