Достапни линкови

Советници или комесари? Русија сака да ги заштити учениците од „деструктивно влијание“


протест за поддршка на Алексеј Навални. Москва, 31 јануари 2021 година
протест за поддршка на Алексеј Навални. Москва, 31 јануари 2021 година

Во некои училишта во Русија во експериментална фаза е спроведувањето на иницијативата за воведување специјални воспитувачи кои ќе работат со децата. Некои набљудувачи сметаат дека оваа иницијатива е обид да се задржат учениците да не учествуваат на антивладини протести.

Кон крајот на јануари, додека Русија беше потресена од бран протести предизвикани од апсењето на опозицискиот лидер Алексеј Навални, министерот за образование Сергеј Кравцов се обрати во горниот дом на парламентот, Советот на Федерацијата, прашувајќи ги пратениците: „Како треба децата да ги постигнат целите што им се поставени? Што може да влијае врз нивниот поглед на светот и во кој момент од нивниот живот?“. Што може да се стори за да се спречи можноста некој да изврши деструктивно влијание врз децата?“

Навални ги повика своите приврзаници да ја ослободат Русија од „крадците“

Неговите прашања беа во контекст на коментарите на државните службеници и извештаите на медиумите контролирани од Кремљ, кои се чинеа дека имаат за цел, и покрај недостаток на докази, да ги прикажат Навални и другите организатори на протестите дека биле склони да ги намамат малолетниците на улиците за да и се спротивстават на владата.

Како дел од одговорот, Кравцов објави програма наречена „Навигатори на детството“, која има за цел да создаде нова позиција во руските училишта наречена „советник на директорот на училиштето за воспитание и да работи со ученичките организации“.

Терминот „воспитание“ го означува процесот на едукација на децата со соодветно однесување за интеграција во општеството на возрасните.

Сепак, некои набљудувачи сметаат дека оваа иницијатива е обид да се задржат децата на училишна возраст од антивладини протести.

Официјалните лица ги предупредуваа малолетници да се држат настрана од уличните демонстрации уште од 2017 година, кога тинејџерите беа меѓу десетиците илјади кои демонстрираа откако Фондацијата на Навални за борба против корупцијата објави видео во кое се прикажуваат раскошни домови, наводно во сопственост или користени од тогашниот премиер Дмитриј Медведев.

Спротивен ефект?

Политичкиот аналитичар Константин Калачев вели дека ако целта на предлогот е да се спречат тинејџерите да присуствуваат на митинзи, тоа може да даде спротивен резултат.

Константин Калачев
Константин Калачев

Тој предлага властите да избегнуваат какви било напори да воведат „политички комесари“ - термин за функционерите кои во советската ера и обезбедуваа лојалност и дисциплина на Комунистичката партија во армијата, работните места и во руските училишта.

„Ако во училиштата се појават некакви политички комесари или „воспитувачи“ и почнат да им објаснуваат на децата за опасноста од учество на протести, тоа само ќе го поттикне нивниот интерес за такви работи“, изјави Калачев за РСЕ.

Иницијативата „Навигатори на детството“ ќе се прошири на национално ниво во 2022 година, но веќе се спроведува во 10 тест региони, од Калининград на Балтичко Море до Сахалин на Пацификот. Една од локациите е градот Севастопол на Крим, украинскиот црноморски полуостров што беше заземен од Русија во 2014 година.

Приведени демонстранти придружувани од полицијата за време на протестот против затворот на опозицискиот лидер Алексеј Навални во Санкт Петербург, 31 јануари 2021 година
Приведени демонстранти придружувани од полицијата за време на протестот против затворот на опозицискиот лидер Алексеј Навални во Санкт Петербург, 31 јануари 2021 година

Со овој проект управува Руското движење на ученици (РДС), кое - и покрај неговото име - беше формирано по налог на претседателот Владимир Путин во 2015 година, како дел од неговата младинска иницијатива насочена кон „формирање на личноста врз основа на приоритетните вредности на руското општество“.

На чело на РДС е 33-годишната Ирина Плешчева, која порано работеше за про-Путиновиот народен фронт во московскиот регион и за младинското про-Путин движење „Наши“.

Кремљ обвини западни дипломати за обид да влијаат на Судот за Навални

Во коментар за РСЕ, Плешчева вели дека планот за советници не е одговор на протестите што ја зафатија Русија по затворот на Навални, кој беше уапсен по пристигнувањето од Германија, каде што беше лекуван од труење со нервен отров за кое тој го обвинува Путин.

„Овој проект е веќе стар шест месеци“, вели таа, наведувајќи: „Го започнавме минатата година. Можеби ќе се потсетите дека Државната дума во минатиот мај одржа дискусии за проектот на патриотско образование и тогаш беа објавени овие позиции“.

Таа вели дека целта на иницијативата е да се подобрат комуникациите со децата. „Знам дека, покрај образованието, нашите деца многу малку излегуваат од училиште. Тие немаат други можности, вклучително и можност за нормална интеракција едни со други надвор од социјалните медиуми. Покрај ова, сега имаме пандемија, која наметна многу ограничувања. Наставниците велат дека едноставно немаат време за децата“, вели таа.

Според неа, новите советници ќе развиваат воннаставни активности заедно со учениците, давајќи им примери за компјутерски игри, граѓански волонтерски програми и следење на училишните оброци.

Младите Руси со поддршка преку ТикТок за Навални
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:20 0:00


„Општо, учениците не се многу заинтересирани за политика. Ако го погледнете ТикТок, дури и во текот на последните неколку недели, кога децата беа испровоцирани да излезат на протести, ќе видите дека децата таму се повеќе заинтересирани за најновите танци или кој во кого е заљубен. За време на пубертетот, децата се заинтересирани за други работи освен за политика“.

„Тие треба да бидат интегрирани“

„Не зборуваме за политичко образование, туку за комуникација со деца. Поентата на таа комуникација е да може да одговараме на прашања што ги интересираат“ вели Плешчева која за весникот Комерсант изјави дека новите советници „ќе мора да го знаат јазикот на децата, да ги гледаат истите „стримови“ и филмови, да слушаат музика што ја слушаат, да бидат активни на социјалните мрежи и да разбираат видео и компјутерски игри“.

Според „Комерсант“, таа навела дека особено внимание ќе се посвети на децата кои биле приведени на демонстрации за да „не чувствуваат дека сме лути на нив или дека се напуштени“. „Тие треба да бидат интегрирани во проектите на РДС“, додаде таа.

Нов закон во Русија: социјалните мрежи ќе може да блокираат повици за протести

РДС планира да им понуди додаток на плата од 15.000 рубли (200 долари) месечно на новите советници, кои ќе бидат регрутирани од сегашни наставници и луѓе кои допрва треба да завршат педагошки факултет. Избраните ќе поминат низ 106-часовна програма за обука.

Очекувањата се дека околу 2.500 советници ќе поминат низ програмата првата година и ќе започнат да работат во некои од повеќе од 40.000 училишта во земјата.

Членови на про-Кремq младинско движење „Наши“ минуваат покрај постер што го покажува рускиот претседател Владимир Путин во летниот камп на езерото Селигер, на околу 300 км северо-западно од Москва на 17 јули 2007 година.
Членови на про-Кремq младинско движење „Наши“ минуваат покрај постер што го покажува рускиот претседател Владимир Путин во летниот камп на езерото Селигер, на околу 300 км северо-западно од Москва на 17 јули 2007 година.

Аналитичарот Калачев предвидува дека новата иницијатива најверојатно ќе ја сподели судбината на „Наши“, младинска група поддржана од Кремљ, која се појави пред една деценија, но повеќе не постои. „Заврши одамна и многу нејзини активисти сега имаат опозиционен став“, рече тој, додавајќи: „Тие беа разочарани од иднината што им беше ветена за нив, но никогаш не беше реализирана. Нивните очекувања беа големи и беа разочарани“.

Детскиот психолог Светлана Кахмар исто така е скептична. „Гледам дека овој проект го водат луѓе што порано биле во Наши. Но, штом таа организација повеќе не беше финансирана, таа исчезна од нашето секојдневие. Општеството не го прифати тоа“, вели таа.

Училишни психолози

„Сигурна сум дека новите работници нема да бидат доволно обучени да зборуваат со децата за политика“, наведува Кахмар, оценувајќи: „И, нашите деца не се толку глупави па нема да видат кога се врши притисок или да забележат кога им се наметнуваат некои информации“.

Кахмар додаве дека неодамна бил намален бројот на психолози, логопеди и други слични професионалци во руските училишта. „Треба да го прашаме Министерството за образование зошто ги прекина сите форми на ваква поддршка, но сега тие се обидуваат да ги покријат своите траги и да ги воведат овие нови позиции“, рече таа.

Всеволод Луховитски, шеф на професионалната организација „Учител“, смета дека проектот најверојатно ќе пропадне, бидејќи премалку луѓе би биле подготвени да ја преземат работата за 15.000 рубли месечно. „Мислам дека нашите бирократи ќе го заборават ова за неколку месеци“, рече тој.

Според истражувањето спроведено за време на масовните демонстрации против Путин на 31 јануари, помалку од 2 насто од учесниците биле на возраст под 18 години. 66 проценти од учесниците биле на возраст од 18-35 години.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG