Достапни линкови

Кога контроверзните теми ќе дојдат на ред во училница


Илустрација - Ученик со книга
Илустрација - Ученик со книга

Здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ соработуваше со повеќе од 30 наставници од основни и средни училишта во Македонија, за да собере искуства и да даде насока за навигација низ контроверзни теми во училница.

Што се случува кога во училницата ќе се појави контроверзна тема? Дали ќе се избегне или ќе се дускутира, но и како ќе се дискутира? Одговори на овие прашања побара здружението „Лидери за едукација, активизам и развој“ (LEAD).

Работејќи со 17 наставници од основни и 19 наставници од средни училишта во Македонија, изминативе 4 месеци LEAD собирале искуства од наставата и како што велат, ги подготвиле наставниците со техники и начини за справување и дискутирање на контроверзните теми во училница.

„Главниот заклучок е дека контроверзните теми кај нас сè уште се сметаат за табу теми и многу тешко се разговараат. Дополнително, самите наставни програми не се конципирани на начин на којшто поттикнуваат опфаќање на контроверзни теми во самата настава. Третата работа е што не сите наставници поседуваат вештини со коишто можат да се справат во дискутирањето на контроверзните теми во текот на наставата“, изјави за РСЕ, Иван Јованов, извршен директор во LEAD

„Не сите наставници поседуваат вештини со коишто можат да се справат во дискутирањето на контроверзните теми во текот на наставата“
„Не сите наставници поседуваат вештини со коишто можат да се справат во дискутирањето на контроверзните теми во текот на наставата“

Што е контроверзно за младите?

Искуството на LEAD вели дека има неколку теми кои за младите се интересни за дискусија во училниците.

„Генерално не можеме да кажеме дека има една тема којашто доминира, меѓутоа има серија на теми коишто можеби се поинтересни за самите ученици и тие сакаат да ги дискутираат. Меѓу нив би рекол дека се меѓуетничките односи, правото на абортус, смртната казна, дигиталните учебници-дали да се воведат или не. Така што, овие теми коишто се актуелни пред сè, се најинтересни за дискутирање помеѓу самите ученици“, истакна Јованов.

Според нив, важно да се поттикне отворање на вакви теми.

„Контроверзните теми се од нашето секојдневие, меѓутоа разликата е што тие будат емоции кај учесникот или ученикот што ја дискутира таа тема, затоа ги класифицираме како контроверзни теми. И токму затоа, треба да се поттикнува тие да бидат дискутирани. Најчесто овие теми немаат јасен одговор - да или не. Туку, тоа зависи од самата позадина на ученикот, неговите лични ставови, социјалниот статус и таканатаму“ вели извршниот директор на LEAD.

Главните насоки за навигација на наставниците низ контроверзна дискусија се сместени во прирачник за предавање на контроверзни теми, изработен од Советот на Европа, со чија поддршка се реализира проектот „Наставници за едукација, демократија и човекови права".

„Наставниците добија обука според прирачникот, којшто содржи конкретни техники и алатки, како тие да опфаќаат контроверзни теми. И потоа, секој наставник изработи свој план за реализирање на една контроверзна тема за време на својот час и потоа го реализираше. И со самото тоа ги поттикнавме наставниците почесто да разговараат такви теми со учениците, но и да градат вештини за да можат да се справат со истите“, додаде Јованов.

Прирачникот за предавање на контроверзни теми ќе биде објавен во електронска верзија на веб страницата на LEAD, на македонски и албански јазик. Дополнително, ќе биде промовиран во печатена верзија на конференција за контроверзни теми која ќе се одржи на 4. ноември во Скопје.

  • 16x9 Image

    Емилија Бунтеска Нацоска

    Новинарската кариера ја почнува во 2007-ма година, во А1 телевизија. За време на своето искуство во телевизија, радио и онлајн медиуми, се фокусира на теми од културата, животниот стил, социјални теми и луѓе-приказни. Во тимот на Радио Слободна Европа се вклучи во јуни 2021 година.

XS
SM
MD
LG