Достапни линкови

Клубовите се жалат на спортските ваучери, АМС им закажа средба


Ракоментните клубови се жалат на висината на средствата на спортските ваучери кои ги доделува АМС. Од АМС велат дека средба со нив ќе имаат за два дена. ДКСК бара анализа за трошењето на парите од ваучерите и работат на АМС.

Во петок на средба во Агенцијата за млади и спорт ќе бидат повикани претставници на Ракометната федерација на Македонија и на клубовите кои се незадоволни од висината на спортските ваучери. До РФМ, како што информираат оттаму, пристигналe 18 приговори од клубови по основ на распределбата на средствата од страна на Агенцијата за млади и спорт (АМС) за мерката користење на финансиски средства по основ на даночно ослободување/ваучер.

„Приговорите се темелат дека финансиските средства се намалени во однос на минатите години или не се земени во предвид одредени бодувања согласно критериум пополнет образец, со што се доведува во прашање функционалноста на одредени спортски колективи. Ве молам да ни дадете одговор врска горенаведеното и да организираме работна средба каде ќе бидат присутни и претставници на ракометните клубови со цел да се надмине состојбата“, се вели во дописот на РФМ до АМС.

Како се бодуваат клубовите

РФМ ги бодува сите клубови врз основа на постигнатото во минатата сезона и потоа агенцијата ,според нив, ги определува средствата. Еден од оние што поднеле приговор е и ракометниот клуб Јуниор Кисела Вода кој годинава добил 29 илјади евра или 13 илјади евра помалку за разлика од лани. Клубот притоа е рангиран со 73 бодови или 3 бода повеќе од страна на РФМ споредбено со претходната година. Речиси идентична сума клубот добил во ваучерот за 2020 година иако тогаш бил рангиран со дури десет бода помалку.

Спортскиот директор на ракометниот клуб Јуниор Кисела Вода, Илија Чокрев вели дека не се задоволни според постигнатите резултати за време на минатата сезона очекувале повеќе пари оваа година.

„Ние добиваме драстично помалку од лани, односно 1.800.000 денари, а имаме повеќе бодови врз основа на сите критериуми затоа е малку чудно зошто е тоа така. И кај многу други женски и машки клубови повеќе од прва лига има такви некои нерегуларни работи, што не сакам да мислам дека се политики, бидејќи во спортот не треба да се мешаат такви работи. Не се знае што е проблемот ќе видиме после приговорите“, вели Чокрев.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски вели дека висината на ваучерите за ракометните клубови годинава се зголемила за речиси 73 илјади евра. Но, како што додава има и шест нови ракометни клубови.

„Немамe врски ние со бодовите и дефинитивно 80 отсто од федерациите манипулираат, не ние, агенцијата која нема основа тука да чепка, бидејќи агенцијата не ги знае клубовите и има над 1000 субјекти“, вели Мојсовски.

Тој додава дека ваучерите треба да се помош до државата, а не основен извор на финансирање.

„Пред три години немаше ваучери, а имаше спорт“, вели тој.

Меѓу приговорите е и на ракометниот клуб Работнички, кој иако има само шест бодови помалку годинава средствата му се скратени и од 89 илјади евра сега се предвидени 32 илјади евра. Тоа значи дека клубот ќе добие 56 илјади евра помалку во однос на лани.

Клубот Голден арт КЛ 7 на пример има сериозен скок во бодовите од 68 на 138, но, и сериозен скок во распределените средства. Од околу 40 илјади евра на 121 илјади евра или три пати повеќе.

И клубот Тиквеш има двојно зголемена бројка на бодови и дополнителни речиси 65 илјади евра вреден ваучер.

Но, на пример и Еурофарм Пелист како Тиквеш има сличен скок на бодови, но, за него се предвидени далеку помалку пари, односно само плус 22 илјади евра.

Разочарување од висината на ваучерот јавно на Фејсбук изрази и таеквондистот Дејан Георгиевски кој освои сребрен медал на олимпијадата во Токио, кој беше и прогласен за најдобар спортист во 2021 година.

„Никогаш нема да си дозволам да нападнам било чив спортски успех, најпрво затоа што така ме воспитале моите трнери а потоа затоа што многу добро знам што значи спортскиот витешки мегдан, без разлика за кој спорт станува збор.
Но никако не можам да раберам како било кој друг спортист во овој момент може да има поголема финансиска добивка со спортски ваучер од мојот успех, никој здраворазумен во нашата држава нема да најде здрава логика во ова што беше направено вчера од страна на комисијата за доделување ваучери при АМС. Срамно !Не сакам ни да помислам дека станува збор за намерно и свесно напаѓање на сребрениот олимписки медал, уште помалку не сакам да помислам дека во сето ова е вмешана политика или нешто слично“, напиша Георгиевски.

Мојсовски вели дека во неговиот случај е направена техничка грешка и висината на ваучерот е зголемена од 350 илјади на 500 илјади или 8000 евра. Истата сум ја имаат добиено само уште каратистот Емил Павлов кој освои сребрен медал на светското првенство во Дубаи.

Анти-корупциска бара анализа

Членот на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), Владимир Георгиев на вчерашната седница побара да се направи анализа за доделувањето на ваучерите. Според него, ризиците од можни злоупотреби на овие финансиски средства од даночно ослободување остануваат и годинава. Георгиев потсети дека во Националната стратегија на ДКСК за борба против корупција и судир на интереси за периодот 2021-2025 година прв пат е воведен секторот спорт, кој исто така, како што рече, е ризичен од корупција.

„Во него има повеќе детектирнаи ризици, а еден од тие ризици беше самото финансирање. Дали е добар тој модел на финансирање преку ваучери односно тоа е даночно ослободување согласно Законот за данок на добивка. Минатата година направивме голема анализа и врз основа на тоа дадовме поголем број препораки до надлежни институции, вклучувајќи ја и Агенцијата за млади и спорт, до Министерството за правда, до Владата“, рече тој.

Тој информираше дека Антикорупциска побарала и од Државниот завод за ревизија оваа година да ја стави во својот план за ревизија и Агенцијата за млади и спорт, што било и одобрено. Сето тоа, како што наведе Георгиев, од аспект на немање отчетност на спортските клубови, федерации и спортистите за тоа како ги потрошиле одобрените средства.

Спортските клубови, спортските федерации и индивидуалните спортисти можат да ги искористат ваучерите за добивање средства од даночните обврзници во земјава. Износот на ваучерите е различен во зависност од спортот, постигнатите резултати, организираноста на клубот, рангот на натпреварување.

Со владината мерка државата се откажува од парите по основ на данок на добивка и ги пренасочува во македонскиот спорт. Конкретно компаниите, дел од својата обврска за данокот на добивка наместо да ја платат на државата, ќе имаат можност да ја вложат во спортски клуб или спортист кои има добиено ваучер од Агенцијата за млади и спорт.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG