Достапни линкови

Касами најавува нови кривични за претходната општинска администрација


Актуелниот градоначалник на Тетово Биљал Касами и поранешната градоначалничка Теута Арифи
Актуелниот градоначалник на Тетово Биљал Касами и поранешната градоначалничка Теута Арифи

Тетовскиот градоначалник Биљал Касами вели дека ќе продолжи да ги обелоденува злоупотребите кои ги вршеле претходната градоначалничка Теута Арифи и други вработени во општинската администрација. Од надлежните институции очекува да постапат во согласност со законските процедури

Градоначалникот на Тетово Биљал Касами најавува нова кривична пријава за претходната градоначалничка на градот Теута Арифи за наводни злоупотреби кои се правеле со договорите на дело. Кривична ќе добие и директорката на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“, Теута Лала, која пак вчера беше разрешена врз основа на ревизорски извештај во кој како што информираат од општината „се констатирани бројни финансиски прекршоци кои го оштетиле буџетот на училиштето и го попречиле нормалното одвивање на воспитно-образовниот процес“.

Директорката на гимназијата вели дека решението за разрешување е незаконско, a ревизијата селективна.

„Јас сметам дека сето ова е незаконски и јас ќе ги продолжам сите процедури за вистината да излезе на виделина. Сметам дека ревизијата беше многу селективна кон мене,“ изјави директорката Лала.

Првиот човек на Тетово, Касами во интервју за радио Слободна Европа кое ќе се емитува во недела, вели дека очекува надлежните органи да реагираат и да постапат во согласност за законските процедури.

„Ние очекуваме институциите да реагираат согласно устав и закон и затоа ние ја извршуваме својата обврска со тоа што ги собираме доказите и ги доставуваме до надлежните институции. Во ситуацијата ние сме во постојана комуникација со Антикорупциска комисија и јавното обвинителство. Досега три кривични пријави се доставени до Јавното обвинителство и една од нив е доставена до Обвинителството за организиран криминал затоа што се вклучени повеќе лица, четири. Веќе сме во подготовка на две следни кривични пријави за кои имаме основани сомневања дека се злоупотребени позициите. Едната е за договорите на дело на претходната градоначалничка која следната недела ќе биде пуштена и другата е за злоупотреби на позиција на еден директор на средно училиште за кој веќе од внатрешна ревизија се констатирани сериозни злоупотреби на позицијата, за што ќе следува исто така кривична пријава“, вели Касами во неделното интервју.

На прашањето дали градоначалникот Касами доставил кривични пријави против Теута Арифи, од Јавното обвинителство велат дека постапуваат и ги проверуваат наводите во сите поднесени кривични пријави.

„Против лицето за кое покажувате интерес има поднесени кривични пријави, меѓутоа додека не ги провери наводите во нив, Обвинителството не е во можност да споделува детали во врска со пријавите и дејствијата кои се преземаат“, се вели во одговорот од Јавното обвинителство.

Инаку кривичната пријава која неодамна беше поднесена од општината против Арифи е за предмет на експропријација, преку кој, како што вели Касами, општинскиот буџет бил оштетен за над еден милион евра.

Од Демократската Унија за интеграција пак, на Касами му порачаа да се фокусира на проектите кои ги ветил.

„Биљал нека ја реализира ветената програма пред граѓаните и да не ги оправдува неговите неуспеси со секојдневно претставување на неспособноста да менаџира и управува со Тетово“, велат од ДУИ.

Касами пак најавува и надворешна приватна ревизија која ќе ги идентификува евентуалните злоупотреби на претходната општинска администрација.

„Ние сме тука за да реализираме проекти, но истовремено мора да ги евидентираме злоупотребите кои се направени и да ги информираме надлежните. Затоа имаме внатрешна ревизија која работи перманентно на идентификација на ваквите злоупотреби и проследување на доказите. Веќе сме во фаза на тендерирање на надворешна приватна ревизија која ќе работи на идентификација на ваквите злоупотреби, така што паралелено работиме на реализација на проекти, но и на ревизија на тоа што било правено. Се надеваме дека ќе ни одговори и ќе не посети и Државната ревизија и дека тоа нема да биде дури после четири години. Значи работиме на два фронта и реализација на тоа што е ветено и идентификација на тоа што е злоупотребено од претходната администрација“, категоричен е Биљали.

Ова не првпат Касами отворено да зборува за наводни прекршувања и злоупотреби на службената позиција на претходното раководство на градот под Шара. Неодамна тој посочи дека со пари од општината се плаќале ручеци за активисти на ДУИ, а некои од тие ручеци достигнувале сума и до 80 000 денари. Тој исто така обвини и дека во општината се распишувале тендери откако работата веќе била завршена, а имало и такви кои земале плата, а не оделе на работа во општината.

По ваквите обвинувања за Арифи, лидерот на ДУИ Али Ахмети неодамна изјави дека има институции кои може да реагираат по овие прашања, и додаде дека прашања од дневната политика не треба да добиваат политички терен и да оцрнуваат личности и политички партии.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG