Достапни линкови

Како би изгледала Србија без поддршката на ЕУ?


Претседателот на Србија Александар Вучиќ (прво десно), пред заедничката фотосесија со европските лидери на самитот Западен Балкан - ЕУ, во Брисел на 23 јуни 2022 година.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ (прво десно), пред заедничката фотосесија со европските лидери на самитот Западен Балкан - ЕУ, во Брисел на 23 јуни 2022 година.

„Доколку се укине безвизниот режим, тоа за мене би значело дека рејтингот на земјата опаѓа и дека се оддалечуваме од Европската унија”, вели за Радио Слободна Европа, Владимир Трипиќ од Белград.

Дека пред Србија била ставена можност да се укине безвизниот режим, но и стопирање на европската интеграција и инвестиции истакна пред деновиве српскиот претседател Александар Вучиќ.

Ова било споменато, доколку Белград не го прифати француско-германскиот предлог, односно планот на ЕУ за нормализација на односите помеѓу Србија и Косово, според кажувањата на европско-американскиот тим на дипломати со кој Вучиќ имаше разговори на 20 јануари.

Подготвеност на Вучиќ да ги нормализира односите со Косово, топката е кај Курти?


По овие разговори, српскиот претседател кажа дека Србија е спремна да го прифати нивниот концепт и да работи на имплементација на европскиот план.


Три дена подоцна, на 23 јануари, тој изјави дека можел да им каже на соговорниците дека нема да разговара, но дека тогаш ќе биде прашање на недели кога ќе се укине безвизниот режим на Србија со ЕУ.

Луѓе чекаат визи пред грчката амбасада во центарот на Белград, 15 јули 2009 година
Луѓе чекаат визи пред грчката амбасада во центарот на Белград, 15 јули 2009 година


Безвизниот режим на Србија со ЕУ стапи на сила во декември 2009 година. Од тогаш на српските граѓани не им беше потребна виза да патуваат во 27 земји-членки на ЕУ, како и во три земји кои не се дел од Унијата, ама се дел од Шенген зоната.

Владимир Трипиќ од Белград, за РСЕ цели дека тоа би значело и зголемување на трошоците кои немаат смисла за луѓето кои сакаат да патуваат.

„Тоа веројатно би значело дека би го ограничил бројот на патувања затоа што би ме мрзело да аплицирам за виза секој пат“.

Прашан што би значело стопирање на инвестициите, одговори дека според него „тоа не е добар пат“.

Велинка Алјиновиќ од Белград за РСЕ вели дека често патува со оглед дека работи во театар, но исто така патува и приватно.

„Не го прифаќам тоа, тоа е мачење“, е нејзиниот одговор на прашањето што би значело ако се вратат визите за патувања.

За В.К. од Белград, чие целосно име е познато на редакцијата на РСЕ, враќањето на визите би значело укинување на слободата на движење, но и слободата генерално.

„Мислам дека за нас тоа би значело враќање во некој период од животот кој сите сакавме да го заборавиме и надминеме“.

„Тоа е како да си затворен и не можеш слободно да се движиш како сакаш, каде сакаш и кога сакаш, туку си условен од различни пречки, а во овој случај тоа би биле визите“- додава таа.

Европската унија- најголем инвеститор и донатор на Србија

Белграѓанката В.К. смета дека граѓаните на Србија не знаат дека ЕУ е еден од најголемите инвеститори и најголем донатор на средства за Србија.

„Ако тоа исчезне, а не сакам да размислувам за тоа, едвај ги преживеавме 90-тите и психофизички и финансиски“, рече таа.

Во текот на 1990-тите, за време на режимот на Слободан Милошевиќ, Србија беше под меѓународна изолација и санкции поради нејзината улога во војните на територијата на поранешна Југославија.


Претседателот на Србија Александар Вучиќ во своето обраќање до граѓаните рече дека „нема полоша санкција од повлекување на инвестициите“.

Повторувајќи дека ЕУ е најголемиот инвеститор и донатор на Србија, Вучиќ го наведе како пример дека се очекуваат 600 милиони евра од ЕУ за изградба на брза пруга од Белград до Ниш на југот на Србија.

Претходно министерот за финансии Синиша Мали најави потпишување на договор со ЕУ за донација од 600 милиони евра за овој инфраструктурен проект во февруари.

Србија засега има само една брза пруга од Белград до Нови Сад.

Последици од евентуалното повлекување на инвестициите

Игор Новаковиќ од невладиниот фонд ISAC за РСЕ изјави дека Србија во последните 20 години толку многу се интегрирала во ЕУ што укинувањето на безвизниот режим и стопирањето на инвестициите ќе им создадат големи проблеми на граѓаните и на економијата.

„Би се вратиле редиците пред амбасадите и конзулатите, што би било многу јасен показател дека на одреден начин се враќаме во некое време пред 2010 година, односно во 1990-тите кога Србија беше изолирана“, рече тој.


Дополнително, прекинот на евроинтеграциите ќе биде, како што рече, сигнал до инвеститорите дека Србија не е безбедно место за нивните инвестиции.

„Добар дел од инвестициите што Србија ги привлече во последните десет години најверојатно би биле повлечени, а тоа би значело и удар за домашните бизниси кои работат со нив“, оцени Новаковиќ.

Тој изјави дека добар дел од домашните компании се или добавувачи или партнери на европски и други западни компании кои работат во Србија.

“Тие би го изгубиле бизнисот, што би значело дека невработеноста во Србија енормно ќе порасне“, вели Новаковиќ.

ЕУ во Србија преку бројки

Европската унија и натаму е лидер по директни странски инвестиции во Србија.

Според податоците на Народната банка на Србија достапни за првите девет месеци од 2022 година, инвестициите од земјите на ЕУ сочинуваат една третина од вкупните инвестиции.

ЕУ го држи првото место по вредноста на странските инвестиции во Србија повеќе од 10 години. Во претходната деценија, инвестициите од ЕУ учествуваа со 63 отсто од сите странски директни инвестиции.

Странски директни инвестиции во Србија 2011-2021 година

Европската унија е најголемиот надворешно трговски партнер на Србија. Околу 65 отсто од српскиот извоз минатата година отишол во земјите членки на Европската унија, а повеќе од половина (54 отсто) од вкупниот увоз на стоки во Србија бил од ЕУ, покажуваат податоците на Републичкиот завод за статистика од декември 2022 година.


Дополнително, од 2001 година, преку неколку различни инструменти и фондови, ЕУ и обезбеди на Србија повеќе од три милијарди евра грантови за поддршка на реформите, се наведува на веб-страницата на Министерството за европски интеграции.

Оваа поддршка е наменета за неопходните реформи на патот кон ЕУ во различни области.

Покрај тоа, Србија има договор за слободна трговија со земјите од ЕУ од 2009 година во рамките на Спогодбата за стабилизација и асоцијација.

Што порачаа меѓународните претставници?

Амбасадорите на Германија и Франција во Србија, Анке Конрад и Пјер Кошар, на 24 јануари изјавија дека не се зборува за казнени мерки или санкции во случај да не биде прифатен француско-германскиот план за Косово.

„Немаме казнен пристап кон Србија, не зборуваме за какви било санкции или уцени, ние само претставуваме еден начин за излез од оваа ситуација, кој сме сигурни дека ќе биде корисен за регионот и за народот. - изјави Кошар во заедничкото интервју со амбасадорот Конрад за телевизија Прва.

Тој изјави дека ќе има последици во случај на неприфаќање, но дека тоа не се санкции.

Германската амбасадорка Анке Конрад изјави дека ЕУ нема пристап до санкции во однос на европската интеграција.

„Сакаме да поддржиме преку ЕУ и билатерално да и помогнеме на патот на Србија кон Европската унија и тоа е се“, рече таа, пренесе агенцијата Бета.


Специјалниот советник на американскиот Стејт департмент, Дерек Шолет, на 19 јануари изјави за РСЕ дека членовите на европско-американскиот тим дипломати биле многу јасни од двете страни, Србија и Косово, во однос на високите очекувања што ги имаат за процесот на нормализирање на односите.

„Но, ние сме исто така многу јасни со нив за потенцијалните можности што може да се појават кога ќе имаме таков договор“, рече Шоле.

Србија засега веќе ги трпи првите последици. Една година нема отворено ниту еден кластер во преговорите за влез во ЕУ. Причината е што таа не воведе санкции кон Русија поради нејзината агресија врз соседна Украина.

И претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за време на своето обраќање на 23 јануари призна дека „Србија е на радарот на сите бидејќи не воведе санкции кон Русија“.

Вучиќ рече дека војната во Украина влијаела и на „остриот пристап со чувство на итност“ со кој се соочува Србија во однос на Косово, бидејќи во ЕУ „нема толеранција за какво било скокање во политичка смисла“.

XS
SM
MD
LG