Домашното однесување, образовно-воспитниот систем, медиумите, социјалните мрежи, односно, комбинацијата на сите овие фактори може да се смета за причина за недоличното и во најмала рака агресивно однесување на средношколците во земјава, смета професорката Татјана Стојановска Иванова од Филозофскиот факултет во Скопје.
Имено, последните видео снимки постирани на социјалните мрежи на средношколци кои дивеат низ училиштата и прават што сакаат со училишниот инвентар ја шокираа јавноста, иако експертите истакнуваат дека вербалното насилство стана секојдневие, а загрижувачки е и порастот на психолошко и физичко насилство меѓу врсниците.
„Не може да се лоцира една причина за ваквото однесување. Колку и да звучи марксистички, семејството е основната клетка. Таму каде што не се работи со децата и каде таа воспитна мерка е запоставена, истражувањата покажуваат дека од таму потекнуваат најголемиот дел на деца кои практикуваат насилно однесување, како и кај семејства каде што насилството се одобрува. И училиштето си има своја функција, кај нас пак училиштата повеќе образуваат, отколку што воспитуваат. Од друга страна, самите стручни служби се неекипирани и не можете вие во едно училиште во кое има 2000 ученици да има еден психолог или еден педагог“, вели професорката Татјана Стојановска Иванова од Филозофскиот факултет во Скопје.
Од Сојузот на средношколци велат дека во последно време е модерно средношколците да прават глупости, да се снимаат и да ги објавуваат снимките на социјалните мрежи. Бленди Ходаи, ученик во Тетовската гимназија и член на Сојузот на средношкилци, признава дека некои негови врсници се однесуваат непримерно кон своите другарчиња нои кон професорите и дека причината за тоа е што имаат заштита од своите родители. Исто така посочува дека дел учениците револтирано реагираат кога професорите применуваат вербално насилство врз учениците.
„Ние воглавно имаме добри односи со професорите, но има и случаи кога професори прават вербален булинг врз учениците. Му викаат на пример: „не биди глуп“. Не секој ученик реагира бурно на таквиот коментар, но има и такви кои се чувствуваат демотивирани и потоа прават неубави работи“, вели Ходаи.
Но, која е пораката која со овие видеа и со ваквото однесување сакаат да ја испратат средношколците? Горица Илиоска, директорката на скопската гимназија „Никола Карев“, вели дека децата изразуваат револт најверојатно поради недостигот од внимание.
„Мислам дека децата имаат недостиг на внимание како од стана на родителите така и од страна на професорите. Ние сме преоптоварени со сите обврски на едукативен план, го забораваме воспитувањето, оптоварени сме со сите административни задачи кои ни се наметнати, сето тоа ни одзема многу внимание од нашето работно време за да можеме да го посветиме на нашите ученици. Од друга страна треба поголема соработка со родителите, и тука доаѓаме до една диспропорција. Родителите тие треба да сфатат дека нивните деца не се секогаш во право и не се секогаш исти дома и во училиштето“, вели Горица Илиоска.
Според Илиоска, за проблемите со кои се соочува професорската фела во однос на учениците и нивното поведение треба отворено да се разговара. Таа укажува на тоа дека бројот на отсуства од настава постојано се зголемува и дека е повеќе од аларматно однесувањето на дел од средношколците. Казните според Илиоска треба да следат, но само ако претходно за проблемот се разговара отворено од страна на сите засегнати страни.
„Јас би имала голем минус како директор, ако се обидам да прикријам дека имам проблем со мнеколку ученици во моето училиште. Јас треба да проговорам гласно за тоа. Не само со нив и родителите, туку и со другите колеги. Ние треба да почнеме отворено да разговараме дека децата отсуствуваат од настава, дека имаме енормно висок број изостаноци и ако некој од нас неоправдано го покрива тоа, ги продлабочуваме проблемите кои на крај завршуваат со инциденти. Ако дојде до казна, таа треба да е последната мерка, кога ќе видиме дека се сме пробале, а не сме успеале“, вели Илиоска.
Професорката Стојановска Иванова смета дека примената на физичка сила не е во духот на доброто родителство. Според неа најдобриот начин да се спротивставите на бунтовното однесување на децата е системот на награда и казна.
„Јас не сум за примена на физичка сила врз дете. Постојат соодветни казнени методи, во однос на поминување на слободното време, има соодветни парични казни или ограничување на времето кое ќе го поминува со другарите, потоа начинот на дружење ина крајот на денот поминувањето со своето дете одреден временски период за да му ги пренесете вистинските вредности е клучно за семејството“, заклучува Стојановска.
Инстаграм групата „Најлудите школски видеа“ на која средношколците ги објавуваа видеата од вандализмот во училиштата е веќе избришана, а МВР постапува по овој предмет.