„Браво!“ – постирал стикер на нашата ФБ страница Костадин Штрклев по веста дека српскиот патријарх Порфириј му го врачи томосот за афтокефалност на МПЦ-ОА на архиепископот Стефан по заедничката архиерејска литургија во Соборната црква во Белград.
Редовниот Блажо Хогар Страшниот со дилема: „Каков е овој томос што СПЦ го дава пред Вартоломеј?“, а Михаил Пановски, постирал: „Абе неписмени едни! Томос за афтокефалност може да даде само вселенскиот патријарх Вартоломеј“.
Изјавата на шефот на македонската дипломатија Бујар Османи по работната средба со бугарската колешка Теодора Генчовска во Скопје дека„имаме уште работа со Бугарија, а времето е кратко“, вообичаено, предизвикала повеќе ваши реакции. Слободанка Камчева со коментар: „Имаме време, што не издржавме. И овие авантури на македонската власт/незнаење, ќе ги издржиме“. Гоце Гаков со предупредување: „Да не се ПРЕРАБОТИТЕ, само пазете!!!!“
По неделното интервју на РСЕ, овој пат со пратеникот и потпретседател на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, има повеќе негативни коментари, особено во врска со неговото мислење дека „власта се задолжува, но парите одат во дупка“.
Илија Симоски, кој смета дека Николоски е „човек без срам и лице“, со објаснување: „Парите од задолжувањето одат за плати, дневници, за патни трошкови за единствениот народен театар во Македонија кој е единствен во светов“, па додал: „Предлог за Нобелова награда за неработење“. Дејан Секуловски напишал: „Се јавија основоположниците на задолжувањето“, но Катерина Трифун Петровска со спротивно мислење: „Оваа влада ги краде!“ Таша Рангел, пак, налутено коментирал: „ ќе критикувате, а во ваше владеење кај идеа парите од задолжување, ВО ЏЕБОТ НА ГРУЈО ПАТОРОТ“.
Во „Изјава на денот“, на нашата веб-страница е поместена изјавата на рускиот претседател Владимир Путин во неделата: „Русија ќе напаѓа нови мети ако на Украина ѝ се испорачаат ракети со долг дострел“.
Марјан Јовчев коментирал: „... Јак си оти немаат оружје и се силиш. Сега прпа, а?“ Но Валери Велков го одбрува мислењето на Путин: „Па и треба“. И Лепа Ристеска со пофалба: „Браво ПУТИН“. За Александар Михајловски, рускиот претседател е „диктатор“, а Добри Павловски потсетува: „... Па тој и тие околу него имаат убиено повеќе Руси од овие 30 000 што досега му ги убија во Украина, има цели тимови за елиминација на политичките противници во Русија, веќе 20 години е на власт, како Русија да ја наследил директно од татко му“. Блажо Хогар Страшниот и овде со коментар: „Како тргнал ќе распука, ама по сите шавови“.