Достапни линкови

„Излишно“ на Гелева – сведоштво за нашата негрижа


Фотографија од изложбата „Излишно“ на Наташа Гелева
Фотографија од изложбата „Излишно“ на Наташа Гелева

„Излишно“ е насловена изложбата на фотографии на Наташа Гелева, што од 25 мај до 9 јуни се одржува во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид. Циклусот се бави со јавните објекти во распаѓање кои своевремено и служеле на заедницата, а денес се сведоштво на нашата негрижа.

Триесет фотографии на јавни објекти во распаѓање снимени во Скопје, напуштени згради кои своевремено им служеле на луѓето, на заедницата, ја чинат изложбата на Наташа Гелева насловена „Излишно“ што од 25 мај до 9 јуни се одржува во Центарот за култура „Глигор Прличев“ во Охрид. Циклусот, како што забележува авторката, всушност сведочи за нашата негрижа и за изгубените вредности на солидарност. За социјалната и економската несигурност, во општеството кое го бетонира граѓанинот на последно место.

Гелева притоа забележува дека соочувајќи се со излишноста на овие објекти, истовремено се соочуваме со нашата внатрешна состојба, која предупредувачки во духот на нихилизмот, бара од нас да се поштедиме од илузиите за овие изгубени идеали. Зошто, многу веројатно би било излишно.

Насловот „Излишно“ одразува песимистички поглед на животот во урбана средина, каде што објекти кои се напуштени со години, стојат, се распаѓаат, се претвораат во депонии и јавни нужници. Во една фиктивна, алтернативна реалност би биле реновирани или пренаменети, но секаква надеж за такво нешто би била излишна. Како противтежа на тоа имаме еден куп насилнички изградени нови станбени објекти, на секакви несоодветни локации, без паркинг, без простор за движење на пешаци, правејќи го животот во град се понеподнослив, вели уметницата.

Прашана за тоа дали „Излишно“ ќе го продолжи своето предупредувачко документаристичко патување по градовите од земјава, авторката признава дека би сакала , но дека во денешно време тоа и не е толку едноставно.

Секогаш кога ги организирам изложбите ништо не препуштам на случајот. И генерално се* сама правам, што подразбира дека трошам и ми треба многу енергија. Од таму, јас би сакала „Излишно“ да ја прикажам и на други места, да ја види публиката по Македонија, но морам да кажам дека за тоа навистина би ми била потребна во случајов логистичка поддршка. Конечно, се надевам дека приказната нема да заврши само со Охрид.

Родена 1978 година во Прилеп, Наташа Гелева дипломирала германски јазик и литература на Факултетот за филологија „Блаже Коневски“, а со фотографија се бави во последнава декада. Зад себе има учества на неколку групни постановки во Македонија, Србија и во Полска, учествуваше и во реализацијата на видеоперформансот „The Walk“ што ја доби главната награда на Биеналето на млади автори во Музеј на современа уметност во Скопје, соработувала во креирањето на музичките видеа на Сашко Костов и групата „Ха Ха Ха“, учествуваше во реализацијата на „Марионети“ на Ели Чочова, со Јане Алтипармаков го потпишаа документарниот-видео арт „И фабриките имаат душа“, а посебно бележита и беше третата самостојна изложба „Елегија за старата железничка“.

Инаку, таа во годиниве наназад е редовен учесник на сите манифестации на македонската алтернативна сцена, на фестивалите како БОШ, ДРИМ-он... а на ВИКЕНДОТ НА ГОРДОСТА со своите дела е присутна целава мината декада.

На актуелното издание на Фестивалот за квир култура, уметност и теорија Викенд на гордоста Скопје, на изложбата „Екстатични тела: Архива на перформативни квир тела во Македонија“, учествувам со осум фотографии од циклусот „Бев таму“, односно од изложбата што беше одржана лани во Културниот центар „Комитет“. Тоа се фотографии од програмите коишто се одржуваа од крајот на 2018 па се до денес, а на кои јас безмалку сум редовен посетител, истакнува Гелева.

Фотографија од циклусот „Бев таму“ - автор Наташа Гелева

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG