Достапни линкови

Ива Дамјановски со „Теремин-вокс фантазија“ во Филхармонија


Ива Дамјановски
Ива Дамјановски

Дела од композиторите Мартину, Ајк и Јовановска ја чинат програмата за претстојниот концерт „Теремин-вокс фантазија“ на пијанистката Ива Дамјановски и нејзините музички соработници што ќе се одржи овој четврток, на 28 април во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија

Со еднаква страст и кон музиката и кон поезијата, кон перформансите и пишувањето, младата македонска уметничка Ива Дамјановски продолжува да ги руши бариерите. Со секој свој иден исчекор да се издига над рамната линија на нашава културна реалност.

А, „Теремин-вокс фантазија“ е насловен концертот што Дамјановски, придружувана од своите колеги музичари Маријана Николовска (пијано), Татјана Петрушевска (обоа), Мартин Димитров (виолина), Марија Трајковска (виолина), Илза Бафтиари (виола) и Паскал Краповски (виолончело), ќе го изведе в четврток, на 28 април во 20 часот, во Камерната сала на Филхармонија. На програмата се одбрани дела од чешкиот композитор Бохуслав Мартину, една од најдобрите американски и светски изведувачки на инструментот „теремин“ - Каролин Ајк и од македонската композиторка Маја Јовановска.

- Идејата за концертот, кој е всушност само еден од двата кои ќе ги оствариме со Филхармонија годинава, е на иницијатива на нашата национална куќа. По мојот прв настап на теремин и реализацијата на концертниот проект „As we danced we gave substance to shadows“, поканета од Тина Иванова, почнав со работа на концептите за овој концертен пар. Изборот на програмата беше интересен процес, се обидов да претставам повеќе страни на инструментот преку две „Фантазии“ посветени на тереминот од потполно различни периоди. Фантазијата на Мартину која го третира како класичен инструмент-солист, дел од камерен состав од една страна и Фантазијата на Каролина Ајк, една од најдобрите тереминистки во моментов во светски рамки, која ги истражува неговите тембрални способности од друга. Финалето на концертот е пак „As we danced we gave substance to shadows“ првото дело за теремин од македонски автор - Маја Јовановска, како дело кое за мене е значајно, не само бидејќи влегува во историјата на нашата современа класична музика како прво со ваква инструментација туку и поради неговите естетски вредности, вели Ива Дајановски во пресрет на концертот.

Ива Дамјановски
Ива Дамјановски

Инаку, родена 1996 година Ива Дамјановски е дипломиран пијанист на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ (2019) во класата на проф. Тодор Светиев. Моментално е студент на катедрата за Музикологија, на универзитетот „Università di Trento“, како и на катедрата по Музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност во класата на прoф. Марија Ѓошевска. Добитник е на наградата на УКИМ за најдобро дипломиран студент на Факултетот за музичка уметност во учебната 2018/2019 година.

Автор е на научната статија „Сценското дело на иднината: современиот перформативен феномен, неговиот развој и комуникација со публиката.“, објавена во четвртото издание на научното списание “Ars Academica” (2016) и на трудот ELELORP 76: MUSICA NOVA MACEDONICA / Електроакустичната музика во Македонија, нејзиниот развој и карактеристика“, презентиран во рамки на научната конференција на 42-то издание на манифестацијата „Струшка Музичка Есен“, кој е издаден и во официјалниот зборник на манифестацијата.

Згора на тоа таа е дел од организацискиот, режиски и изведувачки тим на серијата концерти „No Hay Banda“ посветени на филмската музика, во соработка со Академската сцена при Факултетот за драмски уметности (2017- 2019). Исто така, Ива Дамјановски е организатор, режисер и изведувач на концертните проекти „Монохроматика“ (дел од програмата на манифестацијата „Денови на Македонска Музика“, 2018 ) и „Монолози“ (дел од програмата на фестивалот „Златна Лира“, 2018).

Моментално работи хонорарно како корепетитор на Факултетот за музичка уметност при УКИМ и е дел од експерименталното дуо „Алембик“. Нејзината прва композиција за пијано, „Breath“ е објавена во компилацијата „Kлавирско небо 3" во издаваштво на продукциската куќа „Pop Depresija“. Во 2021 го реализира и својот солистички концертен проект „Аs we danced we gave substance to shadows“, на кој за првпат настапува, покрај пијано програмата и со изведба на теремин.

Ива Дамјановски
Ива Дамјановски

Како поетеса Ива Дамјановски е добитничка е на наградата „Игор Исаковски“ за најдобар дебитантски поетски ракопис во 2017 за стихозбирката „Тие“ (2017, Блесок), кој две години подоцна го добива своето второ и дополнето издание за ПНВ Публикации од Скопје.
Во 2020 е издадена и нејзината втора стихозбирка „Двоумење“, за која и е доделена наградата „Браќа Миладиновци“ на "Струшките вечери на поезијата".

Инаку, нејзината поезија е застапена во многу антологии и списанија за книжевност а добитник е и на третата награда на конкурсот „Антево Слово“ за најдобра необјавена песна (2021), како и специјалната награда на меѓународниот натпревар "Castello di Duino" во Трст, за најдобра необјавена песна со значајна социјална или хуманистичка порака (2021).Учествувала и на голем број поетски читања во и надвор од државата, меѓу кои и „Астални проекции“, а нејзината поезија е застапена во монографијата посветена на поетската манифестација (2019, "Бегемот"),како и голем број други поетски читања во Скопје.

Конечно, поезијата на Ива Дамјановски е преведувана на српски, грчки, хрватски, словенечки, англиски, албански, шпански, италијански, бенгалски и романски јазик.

- По овој концерт се враќам во Италија каде што треба да ги завршам магистерските студии по музикологија, а паралелно работам на моите магистерски студии по Пијано во Скопје на ФМУ во класата на професорката Марија Ѓошевска, за кои планирам да го остварам рециталот до крајот на годината. Во мај треба да остварам и еден концерт-работилница со тереминот во Италија и најверојатно (доколку временски успеам) да присуствувам на извесни книжевни средби во Софија. За понатаму се планирани мојот пијано рецитал посветен на женското музичко творештво 'Жена-творец', уште еден концерт со тереминот како дел од програмата на Македонска Филхармонија, издавањето и концертна промоција на нашиот албум со 'Алембик', организација на фестивалот 'Синестетика' со Виктор Танасковски, како и издавањето на мојата трета книга поезија 'Тријажа' со Темплум, појаснува младата уметничка.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG