Достапни линкови

Зголемени трошоци, исти плати - синдикатите се закануваат со тужби


Штрајк на синдикатите во Македонија.
Штрајк на синдикатите во Македонија.

Минималните месечни трошоци се зголемени за 3.399 денари, а владата планира покачување на платите од 1 јануари 2023 г., велат синидикатите и прашуваат: Како луѓето дотогаш ќе издржат? Во ваква ситуација штрајковите продолжуваат, а најавени се и тужби против Владата пред меѓународни институции

Продолжување на штрајковите во државните институции и тужба против државата пред Советот на Европа најавија синдикатите, поради одбивањето на Владата линеарно да ги зголеми платите во јавниот сектор за 2.806 денари.

Според синдикатите, повисоките плати се неопходни во услови на рекордна инфлација во земјава, но велат дека во моментов е запрен социјален дијалог и социјалното партнерство меѓу синдикаите и Владата.

Претседателот на Синдикатот на УПОЗ Трпе Деаноски вели дека доколку биде поднесена колективна тужба проитв Владата, за неусогласувањето на колективните договори со Законот за минимална плата, тоа ќе ја загрзи нејзината репутација пред европските институции, кои потоа може да изготват негативни извештаи.

„Доколку се случи тоа, државата може многу да загуби. Прво ќе загуби на реноме, ќе изгуби на пристапни преговори, може да се блокира дури и влезот на Македонија во она што сите го сакаме – Европската унија“, вели Деаноски во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Откако не го добија барањето за линеарно покачување на платите од 2.806 денари, синдикатите дадоа рок Владата да го продолжи социјалниот дијалог за покачување на платите, вели Деаноски.

Во спротивно, синдикатите ќе ги поднесат колективните тужби преку Меѓународната организација на труд, како и преку Меѓународната конфедерација на синдикати (ИТУК) и Европската конфедерација на синдикати (ЕТУК) кои ќе ги застапуваат пред Советот на Европа.

Од Владата за најавените тужби велат дека секој има право да поведе постапка пред надлежен суд доколку за нешто не е задоволен, а дека судот во рамки на своите надлежности ќе цени дали тужбата е основана или не.

Деаноски вели дека Владата подготвува методологија за покачување на платите која сè уште не ја виделе, но таа би започнала да се применува од 1 јануари 2023 година.

Што ќе прават работниците до крајот на годината кога цените секојдневно растат, прашува Деаноски?

„Владата апсолутно во овој момент нема слух за сопствените вработени, бидејќи таа е најголем работодавач во државата, ниту пак има слух да ги помогне граѓаните во најтешката ситуација и инфлација од осамостојавањето до денес“, вели Деаноски.

Од Владата за РСЕ велат дека остануваат на ставот вработените во јавниот сектор да добијат поголеми плати преку градење на систем кој ќе обезбеди постојан раст на платите и преку социјален дијалог кој ќе се однесува на сите 133.700 вработени.

„Процесот на дијалог подразбира и максимална вклученост на синдикалната организација во процесот за реформи во јавниот сектор кој опфаќа оптимизација и рационализација, како и заедничко дизајнирање на нов закон за плати во јавниот сектор кој ќе треба да се применува од 1 јануари 2023 година“, велат од Владата.

Во одговорот се додава дека носењето на нов Закон за платите во јавниот сектор ќе значи и нова методологија нов општ колективен договор во кои, како што велат, ќе бидат доуредени и дополнети правата на работниците во јавниот сектор, со кои треба да се следи инфлацијата и зголемувањето на просечната плата.

Минатиот месец е измерена рекордна инфлација од 14,5 проценти споредено со истиот период минатата година, според податоците кои ги објави Државниот завод за статистика (ДЗС).

За толкав процент во јуни оваа година бил зголемен индексот на трошоците за живот во однос на истиот месец 2021 година, додека индексот на цените на мало бележи зголемување од 13,7 отсто.

На месечно ниво згоелмени се цените на основните продукти: маслото, лебот, млекото, месото, според ДЗС, како и на горивата за споствени превозни средства кои се повисоки за 17,2 отсто, течните горива за домаќинствата за 16,3 проценти, цврстите горива за домаќинства за 6,2 проценти. Исто така, поскапени се и туристичките аранжмани за 6,4 проценти.

Деаноски вели дека со ваков раст на цените, голем број луѓе нема да можат да ја издржат зимата, ако се земе предвид реалната просечна плата во администрацијата која според него изнесува 21.300 денари.

Овие пари не се доволни, бидјеќи во моментов две минимални плати не можат да ја покријат минималната синдикална кошничка, вели Деаноски.

„Треба да се земе предвид дека цените што се ставени во таа минимална синдикална кошничка се најниските цени на основни производи кои може да се најдат во Македонија, не во продавници, туку на пазари. Тоа се цени за хигиена, превоз, образование и за културени живот кој со оваа плата нико го нема“, вели Деаноски.

Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) објави дека минималните месечни трошоци на едно четричлено семејство во јуни оваа година изнесувачле 39.710 денари, однсоно дека во однос на јануари се зголемени за 3.399 денари.

Според анализата на ССМ, најголемо зголемување на цените има кај храната и пијалоците.

ССМ бара веднаш да се пристапи кон склучување на Општиот колективен договор за јавниот сектор со зголемување на платите на работниците согласно порастот на минималната плата за најмалку 2.806 денари.

Во февруари годинава Собранието ги изгласа измените на Законот за минимална плата, со што беше овозможено покачување на 18 илјади денари, откако таков договор постигнаа синдикатите и Владата.

Но, оттогаш синдикатите започнаа да прават обиди вработените во јавниот сектор да добијат зголемување на платите, односно да се направи услогласување со Законот за минималната плата.

Од синдикатите велат дека социјалниот дијалог во моментов е запред, од Владата посочуваат дека цврсто стојат на ставот дека низ дијалог треба да се носат решенија во интерес, како што било обезбедено последното заедничко решение за раст на платите на вработените во образованието и детските градинки од 15 отсто.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG