Достапни линкови

Затворени фирми во рамки на просекот, но раст на отпуштени работници


Градежни работници. Илустрација.
Градежни работници. Илустрација.

Лани 6214 компании биле затворени, а 17.026 лица останале без работа. Според упатените, добро е што не се затвориле многу фирми, бидејќи отпуштените ќе имаат каде да се вратат на работа. Владата за наредниот месец го најави петтиот сет мерки за спас на економијата.

Бројот на згаснати фирми во минатата година е во рамки на просекот, за разлика од бројот на невработени лица кој забележа раст поради пандемијата на коронавирусот. Во минатата година биле згаснати 6214 компании. Во исто време, работата поради корона кризата ја загубиле 17.026 лица или во просек месечно по околу 1400. Бројот на новоосновани фирми лани ,исто така, се движи во просекот од изминатите неколку години, односно регистрирани биле 7077 фирми.

Секако дека цената за време на корона кризата ја плаќаат сите, а најпогодени се помалите компании кои се помалку ликвидни и неспремни да опстојат во вакви предизвици, вели економскиот аналитичар Арбен Халили, Мерките на Владата, според него, не биле доволни за да се справат компаниите соодветно со кризата и на прв удар се вработените. Но, како што додава Халили позитивен е и фактот што со исто темпо и за време на пандемија се отвораат фирми.

„На крај останува позитивна нула условно кажано, ако се согледа фактот дека овие мерки кои се болни за фирмите и вработените резултираат со привремено отпууштање на луѓе коишто после поминувањето на оваа криза ќе може да се вратат назад, наместо да бидат затворени компаниите. Затворање на компанија подразбира дека сите отпуштени луѓе нема да може да се вратат назад на своите работни места“, вели Халили.

Причината за затворањето на најголем дел од компаниите, според Централниот регистар, е поради тоа што не доставиле годишна сметка и финансиски извештаи. Доколку се споредат податоците за изминатите 4 години излегува дека во 2020 година најмалку компании ставиле клуч на врата. Во 2017 најмногу фирми биле избришани од списокот на Централниот регистар или 10.628. Потоа следи 2019 со 7234 и 2018 година со 6864 фирми.

„И покрај тоа што пред нас беше година проследена со потешкотии предизвикани од пандемијата со ковид 19, официјалните податоци кои единствено како релевантни ги поседува базата на Централен регистар, покажуваат дека 2020 година сепак се задржа во рамките на просекот- како за новоосновани правни субјекти, така и за оние кои згаснале“, велат од Централниот регистар.

Вкупно бројката на невработени, како што се наведува во податоците на Агенцијата за вработување, минатата година изнесува 156.432 лица. Лани во февруари пред пандемијата имало 105.816 невработени и доколку се одземе со бројката во декември излегува дека работа загубиле 50.616 граѓани. Но, според Агенцијата за вработување, само една третина од нив добиле отказ поради корона кризата.

„Со состојба на 31.12.2020 година евидентирани се 17026 невработени лица по основ на прилив од работен однос за кои престанокот односно одјавата од задолжително социјално осигурување е регистрирана во периодот после 11.03.2020 година, односно во периодот на кризата предизвикана од COVID-19 вирусот“, наведуваат од Агенцијата за вработување.

Петти пакет економски мерки

Владата најави дека наскоро ќе излезе и со петти пакет мерки за помош на економијата. За оваа намена, како што изјави, министерот за економија Крешник Бектеши, се обезбедени 50 милиони евра од Буџетот, а реализацијата на мерките ќе започне во февруари.

Колку пари од владините Ковид програми останаа непотрошени?

Министерот за финансии Фатимир Бесими изјави дека ефектите од антикризните мерки на Владата ќе се почувствуваат во првите месеци од годинава.

„Од јануари во континуитет ќе се работи и ќе се промовираат дел од мерките. Во првиот квартал ќе имаме и појасна слика за мерките. Според најновите податоци од Управата за јавни приходи, 13 илјади компании веќе аплицирале за декемвриската плата. Постојано сме во комуникација да најдеме и дизајнираме соодветни мерки, да се реагира брзо во поддршка на економијата во текот на 2021 за да се остварат проекциите за 4,1 раст, под претпоставка дека по вториот квартал ќе дојде до нормализирање на состојбата од ковид кризата“, рече Бесими.

Треба да признаме дека Владата и бизнис заедницата не беа спремни бидејќи за прв пат се соочуваат со ваков предизвик, додава Халили. Но, факт е дека предложените мерки, според него, биле во хармонизација со предложените од коморите.

„Така што секоја нова мерка којашто ќе придонесува кон мало придонесување на состојбата или ќе ги мотивира компаниите дополнително во одредена временска рамка да не ги отпуштаат работниците и таа минимална плата што веќе ја имаат да може ја задржат и понатаму сметам дека ќе биде добредојдена за сите. Освен за компаниите кои ќе имаат директна поддршка и вработените финансиски средства и државата ќе може парите да ги добие назад од уплатените придонеси што е подобро отколку да имаме зголемување на бројот на активни баратели на работа“, порачува Халили.

Бројката на невработени лица пред пандемијата постојано се движела на околу 100 илјади. Додека пак бројката на лица кои бараат работа во изминатите две години се движи од 80 до 90 илјади.

Барања на синдидкатите и коморите

Од ССМ предлагаат Владата да обезбеди финансиска помош и поддршка за компаниите​ пред се за исплата на плати, а субвенциите да одат директно на сметката на работникот​. Дополнително,​ еден од главните услови за добивање на финансиска поддршка​ да биде​ враќање на работниците кои биле испуштени од работа. Додека пак фирмите, според ССМ, кои добиле помош за плати да ги задржат работниците најмалку 3 месеци по престанокот на мерката.

„Сојузот на синдикатите на Македонија бара​ да се преземат сите напори​ со петтиот пакет мерки да им се помогне на работниците, претпријатијата и јавните служби да ја преживеат кризата, така што ќе можат нормално да се вратат на своите активности кога истата ќе заврши. Сите мерки, треба да бидат насочени кон зачувување на работните места, а во меѓувреме да се заштитат од невработеност и загуба на приходи и да се ублажат финансиските загуби“ истакнуваат од ССМ.

Дел од барањата на Северозападна комора на Македонија се ,исто така, да продолжат субвенциите за плати до март, потоа да се укине данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании, потоа да се зголеми фондот на Развојната банка за кредити со ниски камати, а увозот на суровини да биде со нула отсто акциза.

Минатата година Владата усвои четири пакети економска помош за сузбивање на последиците врз економијата предизвикани од ковид-19. Четирите пакети помош тежат околу една милијарда евра.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG