Достапни линкови

Задоцнет обид на ВМРО-ДПМНЕ за пазарење со амнестијата


Демонстрантите влегуваат во Собранието на 27 април, 2017.
Демонстрантите влегуваат во Собранието на 27 април, 2017.

Предлог-законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ, според упатените е задоцнета реакција. Според нив, по поддршката во Собранието за продолжување на процесот за усвојување на уставните измени, предноста е во рацете на владејачките партии и сега ВМРО-ДПМНЕ нема простор за договор.

Во пресрет на изготвување на нацрт амандманите за промена на Уставот, ВМРО-ДПМНЕ со Предлог - закон за амнестија за сите инволвирани во случувањата во Собранието на 27 април минатата година. За СДСМ Предлог -законот е брутален упад во правосудството и најавија формирање на собраниска комисија за помирување и национално обединување. Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека евентуално неподдржување на Предлог -законот од страна на СДСМ ќе биде потврда дека власта спроведува селективна правда.

Политикологот од Факултетот за општествени науки, Митко Гаџовски смета дека природен след на работите е после сè што и се случи на ВМРО-ДПМНЕ, да поднесе еден ваков Предлог - закон со што би демонстрирала во јавноста, меѓутоа и пред нејзините членови дека е загрижена за обвинетите кои се дел од случајот за 27 април. Но, според него, сега СДСМ ја има предноста и ги држи картите во свои раце.

„Мислам дека е задоцнета реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ и да се случеше овој предлог многу пред она што се случи во Собранието со гласањето за уставните измени можеби и ќе имаше некакви шанси за договор. Сега е задоцнета реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ и мислам дека генерално амнестија за сите вклучени во настаните од 27 април нема да има“, вели Гаџовски.

Политичкиот аналитичар Алберт Муслиу на последните случувања гледа како на обид да се внесе целото општество во внатрепартиските недоразбирања кои постојат во ВМРО-ДПМНЕ.

„Самиот факт дека се иницира Закон за амнестија од кога ВМРО-ДПМНЕ ги исклучи од членство не само видни членови на партијата, туку и пратениците кои ја поддржаа иницијативата за уставни промени укажува на тоа дека ова е повеќе внатрепартиска работа и повеќе тенденција за регулирање на внатрепартиските кохезиони механизми отколку реално повикување на простување на случувањата од 27 април“, смета Муслиу.

Рокот од 15 дена кое и го даде Собранието на Владата за изготвување на нацрт амандманите истекува в петок. Премиерот Зоран Заев најави дека тие можеби ќе бидат изготвени и пред дадениот рок, а власта ги повика и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се вклучат во дебатата.

Во дебатата за нацрт амандманите ќе се вклучат и осумтемина пратеници од опозицијата кои гласаа „за“ пристапување кон уставни измени. Се очекува тие со колегите од СДСМ да разговараат за нивните четири барања доставени прд гласањето за уставните измени.

Во меѓувреме претседателот на Собранието Талат Џафери ги информирал координаторите на пратеничките групи и потпретседателите на Собранието дека е формирана нова независна пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“. На пратеничката група координатор ќе биде Елизабета Канческа Милевска.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG