Земјотрес со магнитуда од 5,3 степени ,според Рихтеровата скала, го погоди во недела утрото главниот град на Хрватска, Загреб, а по него следеа неколку последователни удари кои предизвикаа штети на зградите. Како што се јавува има и повредени, а земјотресот кој се случи во 6.24 часот се почувствувал и во Риека, Вараждин и Славонски брод.
Директорот на детската волница во Загрев Горан Роиќ ги демантираше наводите на директорот на Итната медицинска помош Жарко Рашиќ, кој претходно рече дека нивна екипа во урнатините пронашла момче кое немало знаци на живот.
Од силината на потресот се урнати фасади на згради, во становите има распукани ѕидови, а во некои градски зони нема вода и струја. Премиерот Андреј Пленковиќ ги повика граѓаните кои излегоа пред зградите да држат социјална дистанца меѓу себе поради опасноста од ширење на коронавирусот.
"Имаме две препораки кои се контрадикторни- ги молиме сите граѓани внимателно да ги слушаат упатствата на штабот кои ќе бидат и за едната и за другата криза и ќе се објавуваат два пати дневно", рече Пленковиќ по итниот состанок на државниот врв.
Тој на прес конференцијата рече дека ова е најсилен земјотрес регистриран во Загреб во последните 140 години.
"Ја ангажиравме хрватската војска и сите служби на градот Загреб веднаш да тргнат во расчистување на урнатините“, рече Пленковиќ додавајќи дека целиот фокус е на здравствените објекти.
Претседатеот на Хрватска Зоран Милановиќ апелираше сие граѓани да ги слушаат само информациите кои доаѓаат од надлежните институции.
"Тоа во овој случај е штабот за цивилна заштита. Тие постојат за да го прават тоа во вакви ситуации. Се друго што слушате во јавноста треба да го занемарите“, рече Милановиќ.
Од Министерството за внатрешни работи порачаа дека луѓето треба да излезат надвор, да не бидат во групи поради опасноста од ширење на коронавирусот и да ги чекаат упатсвата од сеизмолозите. Граѓаните беа замолени и да ги исклучат вентилите за плин во становите.
Од земјотресот е уништена и кулата на загребската катедрала, а штета е направена и на Соборната црква на Цветниот плоштад. Земјотресот се почувствува и во Унгарија, Словенија и Австрија.