Достапни линкови

Забранетa во ЕУ, руската „Раша Тудеј“ може да најде дом во Србија?


Европската унија на 1 март ги суспендираше радиодифузните активности на некои руски медиуми поддржани од државата, вклучително и РТ.
Европската унија на 1 март ги суспендираше радиодифузните активности на некои руски медиуми поддржани од државата, вклучително и РТ.

До и за време на нејзината инвазија врз Украина, Русија започна информативна војна, потпирајќи се во голема мера врз Спутник и Раша Тудеј (РТ) за да го шири надвор од нејзините граници, она што нашироко се смета за про-Кремљ пропаганда. Тони Весоловски

Раша тудеј (РТ) е забранета во ЕУ, а технолошките компании презедоа слични чекори за да ја спречат Москва да ја шири пропагандата за нејзината, како што ја нарекува, „специјална воена операција“ до глобалната публика. Србија е кандидат за ЕУ, но не е обврзана со одлуките донесени во Брисел.

Сега, Србија која има историски врски со Москва, размислува дали да дозволи РТ да започне со емитување од Белград. Ако РТ ја пренесе својата порака во домовите во Србија, ќе најде приемчива публика.

Неодамнешното истражување на една српска невладина организација покажа дека две третини од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат поблиски со руската страна во тековниот конфликт. Според српските медиумски регулатори, РТ не поднесе никакво официјално барање.

Британија воведе санкции за „бесрамните пропагандисти“ на Путин

Но, извештаите за таков план што неодамна кружат во српските медиуми, очигледно се сфатени сериозно од Брисел, а портпаролот на високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Петер Стано неодамна изјави за РСЕ дека Белград треба двапати да размисли пред да ги продлабочи врските со радиодифузерот финансиран од Кремљ.

„Без коментирање на најавите за намери, дозволете ми да потсетам дека ЕУ воведе ограничувања за емитување, дистрибуција и рекламирање против РТ како дел од санкциите како одговор на нелегалната агресија на Русија против Украина.

РТ е дел од руските пропагандни и дезинформациски инструменти со што Кремљ ја придружува неговата незаконска агресија против Украина“, рече Стано, додавајќи: „Се очекува Србија како земја кандидат постепено да се усогласува со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и соодветните одлуки“. Белград веќе е домаќин на Спутник, чија веб-страница и радио емисии на српски јазик го претставуваат она што истражувачите во САД велат дека е „алтернативна реалност за нејзината српска и словенска публика“.

Основањето на РТ во Белград ќе и овозможи на администрацијата на рускиот претседател Владимир Путин да ја пренесе таа порака во повеќе домаќинства од оние до кои стигна Спутник, бидејќи вклучува ТВ емисии. И тоа би можело да биде голем државен удар на Кремљ не само во Србија, туку и пошироко на Балканот, вели српскиот аналитичар Бошко Јакшиќ.

„Москва има желба да продолжи да шири пропаганда, првенствено во Србија и ентитетот Република Српска во Босна и Херцеговина, кои се бастион на нејзините интереси. Зајакнувањето на руското медиумско присуство во регионот би бил уште еден успех за Москва“, оценува Јакшиќ.

Британија ѝ ја одзеде дозволата за емитување на руската РТ во Велика Британија

Србија е зависна од природен гас, оружје и политичка поддршка од Москва. Таа ја осуди инвазијата на Путин врз Украина во Обединетите нации, но не спроведува санкции. Српскиот претседател Александар Вучиќ се пожали на „кошмар“ за Србија ако треба да избере страна.

Вучиќ, поранешен ултранационалист, кој ја зацврсти својата контрола врз власта со тоа што се претстави како реформатор посветен на стремежот на Србија кон членство во ЕУ, исто така се огласи да го брани правото на РТ да емитува во Европската унија, опишувајќи го како прашање на слободата на информирање.

Меѓутоа, дома, владата на Вучиќ врши притисок врз медиумите, при што се помалиот број независни медиуми се соочуваат со построга контрола, заклучи Фридом хаус во годишниот извештај објавен во февруари.

Лансирана во 2005 година како Russia Today, државно финансирана РТ постојано се проширува, со радиодифузери и веб-страници на англиски, француски, шпански и арапски јазик. Работејќи низ повеќе мрежи ширум светот, РТ драматично се намалува во последните месеци, бидејќи технолошките компании и ТВ провајдери ги прекинуваат врските поради неиспровоцираната инвазија на Русија врз Украина. Европската унија на 1 март ги суспендираше радиодифузните активности на некои руски медиуми поддржани од државата, вклучително и РТ.

„Спутник и Русија денес се под постојана директна или индиректна контрола на властите на Руската Федерација и се суштински и инструментални во поттикнувањето и поддршката на воената агресија против Украина и за дестабилизација на нејзините соседни земји“, изјави Жозеп Борел, шефот за надворешна политика на ЕУ.

Гигантот на социјалните медиуми Мета им забрани на некои од нив да влезат во платформите што ги поседува, вклучувајќи ги Фејсбук и Инстаграм. Во Соединетите Држави, RT America престана со работа и го отпушти персоналот во март.

И покрај нејзината репутација и проблеми, Оливера Зекиќ, претседател на српскиот Совет на Регулаторната управа за електронски медиуми (РЕМ) рече дека РТ ќе добие фер сослушување во Србија доколку аплицира за дозвола за емитување. Зекиќ посочи дека забраната на ЕУ за РТ нема да влијае врз каква било потенцијална одлука.

Русија го ограничи пристапот до РСЕ, Би-Би-Си и Дојче веле и социјалните мрежи

„Тоа нема да биде проблем ако Русија денес аплицира бидејќи РЕМ се занимава, пред сè, со почитување на слободата на говорот и изразувањето. Но, треба да се забележи дека оваа информација за нивното доаѓање е само гласина“, рече Зекиќ за РСЕ.

„Секоја веројатна одлука за тоа дали да и се даде лиценца на РТ може да се сведе на каприцот на Вучиќ“, тврди Јакшиќ. Тој додава дека српскиот лидер може да му угоди на Кремљ, имајќи ја предвид „штетата нанесена на односите неодамна“, вклучително и поддршката на Србија во март на резолуцијата на Генералното собрание на ОН со која се осудува руската инвазија на Украина. Во исто време, Јакшиќ вели дека таквиот потег би имал цена.

„Во време кога Западот бара од нас да им се придружиме на санкциите против Москва, Србија би си пукала во ногата ако ја дозволи контроверзната РТ“, рече тој.

Дури и без РТ, медиумите во Србија го фалат Путин и генерално ја поддржуваат Русија во инвазијата врз Украина. Водечкиот српски таблоид, Информер, отпечати неколку написи кои го фалат Путин. Два дена пред да започне целосната руска инвазија на 24 февруари, објави приказна на насловната страница со наслов „Украина ја нападна Русија“.

„Провладините пропагандни медиуми во Србија го создадоа култот на личноста на Путин, кој дури го надминува оној што го изградија за Вучиќ“, изјави Динко Грухоњиќ, вонреден професор по новинарство на Универзитетот во Нови Сад.

Како што инвазијата на Русија се одолговлекува и се зголемуваат извештаите за наводните руски злосторства, медиумското покривање на Србија за Русија „омекнува“, наведува ЦРТА, белградска невладина организација која се залага за транспарентност и демократски реформи во Србија.

„Иако првичната отворена поддршка за Русија е омекната од почетокот на војната, медиумите продолжуваат да известуваат во корист на Русија и против Западот“, се заклучува во извештајот објавен на 6 јули. ЦРТА, исто така, откри дека две третини од анкетираните изјавиле дека се чувствуваат „поблиски“ со Русија. Три четвртини од испитаниците рекле дека веруваат оти Кремљ бил принуден во војна „поради намерите на НАТО да се прошири“.

Истата анкета сугерира дека 40 насто од населението се залага за откажување од долготрајната стремеж на Србија за пристапување во Европската унија и наместо тоа, сојузник со Москва.

„Јавното мислење се формира во медиумска средина во која доминираат телевизии и весници со провладина уредувачка политика и силна проруска пристрасност“, вели Вујо Илиќ, истражувач, додавајќи: „Русија во провладините медиуми е претставена како политички и воен сојузник, заштитник на српските интереси во Косово и Босна, како и економски добротвор, на пример со обезбедување гас по поволни цени“.

Србија и Русија имаат историски врски, делумно вкоренети во православната црква. Тие врски беа зајакнати кога Русија се спротивстави на НАТО бомбардирањето на поранешна Југославија (сега Србија) во 1999 година и го отфрли прогласувањето независност на Косово во 2008 година.

Руските напори за дезинформации се добро воспоставени во Србија. Лансиран во 2015 година, Спутник емитува дезинформации против ЕУ и НАТО во Западен Балкан од својата регионална база во Белград.

„Најистакнатите наративи што ги објави Спутник Србија се дека ЕУ и НАТО се слаби, фрагментирани, хегемонични и агресивни“, напиша српската аналитичарка Јелена Јевтиќ во 2021 година. Овие наоди беа повторени од истражувачите од Универзитетот Тафтс со седиште во САД, кои открија дека Спутник Србија „често објавува приказни со цел да создаде алтернативна реалност за својата српска и словенска публика. Оваа реалност истовремено ги зголемува перцепциите за заканите за српските малцински групи во Западен Балкан и ја прикажува Русија како витален сојузник на нејзините словенски браќа“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG