Достапни линкови

Економско заздравување - прво скокни, па речи оп


Премиерот Зоран Заев на прес-конференција го претставува петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за компаниите.
Премиерот Зоран Заев на прес-конференција го претставува петтиот пакет економски мерки наменет за граѓаните и за компаниите.

Властите да бидат умерени со давањето оптимистички изјави дека на економската криза ѝ се гледа крајот, апелираат економисти и стопанственици во услови кога здравствената криза чија последица е економската сè уште не е ставена под контрола, а во државата сè уште не е почнато масовно вакцинирање.

Економските параметри минатата година, како последица на пандемијата, го допреа дното, но деновиве премиерот Зоран Заев рече дека напролет се очекува излез од кризата и постигнување на очекуваниот раст на економијата.

Професор Зоран Ивановски вели дека треба внимателност со оптимистичките најави, оти не се знае кога ќе заврши кризата, а има и проблеми со вакцинацијата и тоа не само во земјава.

„Државава е мала и отворена економија и многу зависи и од условите кои владеат на пазарите со кои соработуваме, така што навистина сите предвидувања кои се прават се соочени со голем број на непознати варијабли и оттука е мојата порака од потребата да се биде умерен оптимист“, вели професор Ивановски.

Тој додава дека власта со пакетите за економска помош придонесе за одредено „гаснење на пожарите“ предизвикани од кризата во економијата, но дека можеби државата треба да размислува и во други правци.

„Особено во дополнителна стимулација на приватните инвеститори, тоа е прво. Тие се демотивирани од тромата администрација, а владата при конципирање на законите да ги земе предвид и гледиштата на бизнис заедницата. Второ, да си ја заврши домашната работа на полето на капиталните инвестиции и трето што би требало да направи за да го подгрее оптимизмот е да продолжи со кампањата за барање на нови, алтернативни пазари, зашто сегашните, традиционални пазари, соочени со кризата, тешко дека ќе ја пребродат, а од тука да се зголеми побарувачката и потрошувачката на наши производи, што е неопходен услов за реализирање на стапката на економска активност на нашата земја“, вели тој.


Индустриското производство во 2020 во споредба со 2019 е паднато за скоро 10 проценти, но се забележува раст во последните месеци од минатата година. Сепак, бројот на вработени во индустријата е намален.

Во Агенцијата за вработување се регистрирани 158 илјади луѓе кои бараат работа, што е за 50 илјади повеќе од март минатата година, кога почна кризата. Од Агенцијата, пак, велат дека само 18 илјади луѓе останале без работа како последица на корона-кризата. Од Агенцијата апелираат луѓето кои се водат како активни баратели на работа да го регистрираат својот статус во центрите за вработување, оти во спротивно ќе бидат избришани од листата на невработени цела година и нема да можат да си ги остваруваат своите права како невработени лица. Може да бидат избришани 50 илјади невработени оти доцнат со редовното пријавување. Активните баратели треба лично да се пријавуваат во Агенцијата еднаш месечно, а пасивните на шест месеци.

Статистичките податоци покажуваат дека е намалена и побарувачката од странство во услови кога најголемите партнери на државата имаа и сè уште имаат затегнати мерки поради ковид кризата.

Премиерот Зоран Заев, преставувајќи го петтиот пакет економски мерки, рече дека овој пакет е последен со директно помагање, оти се очекува излез од кризата и раст и развој на економијата.

Но од Стопанската комора на северозападна Македонија велат дека ако вакцините доцнат ќе мора да има и шести пакет мерки.

„Во таков случај мерките би требало да продолжат поради тоа што тоа делува и психолошки кај бизнисот поради задоцнување. Апелираме вакцините да бидат што побрзо достапни“, вели Хеби Хоџа, претседател на Комората.

Тој посочува дека многу бизниси веќе отпуштиле работници, а дел се на прагот на одржливост. Од Комората бараат пописот да се спроведе и да нема чести избори.

Вицегувернерот на Народна банка Фадил Бајрами исто така вели дека вакцинацијата ќе има ефект врз глобалната економија, а во тие рамки и врз домашната која е зависна од случувањата на меѓународен план.

„Конкретно, вакцинацијата може да претставува позитивен сигнал што ќе ги поттикне оптимистичките прогнози и со тоа да придонесе економското закрепнување да се одвива и побрзо отколку што првично се очекуваше. Но, сепак сè уште е рано да се прејудицираат такви ефекти, дури не се добие појасна слика за здравствените ефекти од вакцинацијата врз интензитетот на пандемијата“, наведува Бајрами во интервју за МИА.


Од Народната банка минатиот месец истакнаа дека последните расположливи податоци за економската активност за четвртиот квартал посочуваат на поповолни движења во домашната економија и поумерени негативни ефекти од здравствената криза во споредба со претходниот квартал, во услови на целни и помалку рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ковид-19, како и постепено приспособување на однесувањето и навиките на субјектите кон новонастанатата состојба и закрепнување на производството и извозот вклучени во глобалните синџири на снабдување.

Податоците за овој период покажуваат натамошно забавување на годишниот пад на индустријата и прометот во вкупната трговија, забрзување на растот на градежништвото, а единствено неповолно движења се забележуваат кај прометот во угостителството.

Министерот за финансии Фатмир Бесими вели дека остануваат проекциите согласно коишто за годинава се предвидува раст на економијата од 4,1 процент, но истовремено упатува порака дека растот нема да се постигне лесно.

„Постигнувањето на растот ќе биде проследен со многу предизвици и од аспект на економската политика и од аспект на приватниот сектор и на пазарот на труд. Оваа година е специфична со многу претпазливости од сите страни за да успееме во ова што го правиме. Затоа одиме со петтиот пакет-мерки со развојна компонента, но за да успеат мерките треба да има соодветна реакција и од приватниот сектор“, вели министерот за финансии.

Воедно нагласува дека главен приоритет е здравјето и оти здравствениот сектор ќе биде главна детерминанта за движењата на економијата. Во земјава има околу 7000 активни случаи на заразени со ковид-19, а се уште се чекаат вакцините со кои би почнала масовна вакцинација.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG