Како уште еден обид за вдомување на партиски заслужни кадри во дипломатијата ја коментираат домашните аналитичари со кои разговаравме за владината најава за испраќање економски советници во дипломатско-конзуларните претставништва.
Владата, имено, во 2017 година ги укина економските промотори кои беа воведени од владата на Никола Груевски во 2008 година. Беше оценето дека проектот е скап и не дава резултати. Сега, министерот за надворешни работи Бујар Османи, најавува нов концепт на економска дипломатија, но овој пат не со економски промотори, туку со економски советници.
Исто е или не е исто?
Долгогодишниот поранешен политичар Петар Гошев вели дека се работи за копирање на старите идеи.
„Она што претходно го критикуваат како недобро, потоа го смислуваат како нешто што наводно е добро. Постојано измислување на институции во услови кога постојните институции не си ја вршат доволно својата работа, дефинитивно не може да донесе резултат. Оваа идеја е најверојатно мотивирана да сместат уште еден број на луѓе од своите партиски арсенали и ништо повеќе од тоа“, вели Гошев.
Економскиот аналитичар Арбен Халили, кој ,исто така, има искуство во работата со странски инвеститори, потсетува дека политиката на економските промотори претходно беше критикувана како „џабе фрлање пари“.
„Искрено, лично не гледам никаква разлика, освен во именувањето, наместо промотори да бидат советници. И тие претходно и овие сега што ги најавуваат изгледа треба идејата да им е иста. Тогаш не ја сфаќам поентата зошто да укинеме нешто, па да го преименуваме со цел да назначиме други наши луѓе, условно кажано, на истите позиции“, вели тој.
Министерот Османи, на прес-конференција пред неколку дена, најави нов концепт на економска дипломатија со испраќање економски советници во дипломатско-конзуларните претставништва, кои „ќе бидат надлежни за доследно, професионално и ефективно претставување на нашите економски интереси во европски и воневропски земји, како и на покривање и постепено градење на нов препознатлив бренд во меѓународната јавност, пред сè на бизнис заедницата“.
„Новиот концепт на економска дипломатија ќе биде базиран врз издржана, јасна и прецизна стратегија за економските односи со странство. Извозните потенцијали, расположливата работна сила, капацитети, земјиште и останати ресурси за странски инвестиции. На основа на овие импути ќе се дефинираат содржинските и географските цели на економската дипломатија. Економски профилирани кадри, економски советници ќе се упатуваат во оние земји каде што има реален потенцијал за зголемување на економската соработка“, рече Османи.
Советниците треба да ги избере Меѓуресорска владина работна група, која сè уште не е формирана, а не се ни утврдени земјите во кои ќе бидат испратени советниците.
Економските промотори беа воведени во 2008 година. Прво имаше 33, а потоа нивниот број беше намален на 20. Тие беа вработени во Агенцијата за странски инвестиции, но беа испраќани во странство преку МНР, а во амбасадите имаа статус, прво на трети секретари, а потоа и на први секретари.
Додека беше во опозиција, СДСМ го критикуваше концептот на економски промотори како скап и дека не дава резултати. Дел од промотерите ги следеа и скандали во нивната работа.
Во предизборната програма на СДСМ од 2016 година, беше најавено дека „ќе се воведе концепт на економска дипломатија и ќе се искористат искуствата од успешните земји“. По доаѓањето на власт, СДСМ во 2017 ги укина промоторите и најави дека ќе бидат испратени 20 економски аташеа во земји најатрактивни за македонската економија. Потоа, на почетокот на 2019 година, поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев рече дека таа идеја е напуштена, зашто за да бидат аташеа треба да бидат професионални дипломати со најмалку две години стаж во Министерството за надворешни работи, „а таков специфичен кадар нема“. Тогаш, тој најави дека наместо аташеа ќе се отворат три регионални канцеларии за странски инвестиции – во САД, Германија и на Блискиот Исток кои ќе треба да покриваат цели региони, но ни тие не беа испратени.
Кои беа главните проблеми на економските промотори?
Луѓе што беа вклучени во привлекувањето странски инвестиции во изминатите години, а кои не сакаат јавно да зборуваат, велат дека независно дали се викаат промотори или советници, Македонија мора да работи на привлекување на странски инвестиции и промоција на извозот и туризмот. Тие сметаат дека концептот со промоторите бил добар, иако имало проблеми од кои сега може да се учи за да се избегнат.
Треба да се изберат луѓе со добро меѓународно образование или искуство во меѓународен бизнис. Селекцијата треба да биде строга и тие да поминат сериозна обука пред да бидат испратени. Нашите соговорници велат дека нема потреба од повеќе од 15 промотори и оти фокусот треба да се стави на земји од соседството, од Европа, кои имаат интереси во регионот, и на глобални економски играчи.
Еден од главните проблеми во овој концепт бил дуализмот во амбасадите, зашто промоторите биле вработени во Агенцијата за странски инвестиции, но во земјите во кои биле испратени, шеф им бил и амбасадорот, кој исто така има задолженија да работи на економска дипломатија. Во некои дипломатски претставништва имало одлична соработка меѓу амбасадорите и промоторите, но на некои места имало проблеми меѓу нив.
Друг голем проблем при работата на промоторите бил неефикасната администрација во Македонија, која треба да им биде поддршка. Се случувало тие да побараат некоја информација која им е итна и да ја чекаат со недели, велат нашите соговорници.