Достапни линкови

Бугарските даночни обврзници плаќаат за евтините одмори на државните службеници


Добро познатите одморалишта во Бугарија продолжуваат да нудат евтини одмори за одбрани луѓе
Добро познатите одморалишта во Бугарија продолжуваат да нудат евтини одмори за одбрани луѓе

Милиони Бугари за време на комунизмот одеа на одмори субвенционирани од државата. Сега, само државните службеници можат да го прават тоа. Даночните обврзници плаќаат милиони лева секоја година, така што полицијата, воените и владините службеници можат да минат евтин одмор. Текст на Генка Шикерова.

Дали сакате да одите на бугарското црноморско крајбрежје во текот на летото, да го видите морето од вашата тераса и да платите 9 лева за една ноќ (едно евро е околу два лева)? Веројатно секој сака, но не секој и го може. Вработените во голем број државни агенции во Бугарија имаат такви привилегии.

Добро познатите одморалишта продолжуваат да нудат евтини одмори за одбрани луѓе. Сепак, оваа шема не е евтина за даночните обврзници, кои мораат да ги покријат загубите на овие станици, бидејќи реалната цена на услугата е значително поголема од оние 9 лева.

Во Бугарија заживување на скандалот во кој се вмешани и обвинители

Неефикасното управување со овие одморалишта и загубите на штета на даночните обврзници се докажани црно-бело. Но, јавните службеници не се откажуваат. Напротив, овој месец обвинителството побара да добие уште едно одморалиште.

Картичката и навиките од минатото

Пред 1989 година, повеќето Бугари одеа „во одморалишта“ со картичка за одмор од фабриката, синдикатот или јавната служба. Хотели имаше малку, а некои не беа дозволени за Бугарите. Исчекувањето на 14-те дена во одморалиште или бунгалов траеше со месеци, а за картичките се бараа врски.

Одморот во советски стил беше еден од симболите на социјализмот, каде што не беа сите еднакви. Поблиските до Комунистичката партија одеа во подобрите летувалишта, а децата од работничката класа ги полнеа капацитетите во Приморско, Мичурин (денешно Царево) и Ахтопол.

Фрегата, одморалиште на Министерството за одбрана на Бугарија
Фрегата, одморалиште на Министерството за одбрана на Бугарија

Сега, повеќето компании и нивните одморалишта се приватизирани, а нивната судбина е различна - некои веќе се претворени во модерни хотели, додека други се напуштени. Но, општа работа е дека тие повеќе не се социјална придобивка за работниците. Сепак, ова не е случај со одморалиштата на државните службеници. Тие сè уште се достапни. Привилегијата да уживаат - исто така. Остануваат ниските цени за оние што ги користат.

Даночните обврзници имаат обврска да ги покријат загубите направени од оваа евтина привилегија за избраните. Во 2018 година Светска банка подготви извештај според кој 115 државни одморалишта направија загуба од 22 милиони лева или 11 милиони евра годишно.

Европарламентот со резолуција ја критикува власта во Бугарија

Извештајот беше доставен до Советот на министри, а Слободна Европа има копија од истиот. „Управувањето со туристичките сместувачки капацитети не е типична функција на владата“, се вели во извештајот, каде се препорачува повлекување на државата од оваа активност. Но, некои не се откажуваат од одморалиштата. Дури сакаат и повеќе.

Обвинителството ја побара и „Чајка“

Во почетокот на февруари годинава, главниот обвинител Иван Гешев побара од Врховниот судски совет (ДСК) да донесе став обвинителството да побара од владата да добие одморалиште во близина на Златните песоци. Тој е дел од комплексот Чајка, кој има затворен и надворешен базен, спа центар, сауна, теретана, ресторани, барови и конференциска сала.

Имотот во моментов е во сопственост на Државната компанија за консолидација. Ова компанија управува со приходите од приватизацијата, како и со преостанатите државни акции во веќе продадените претпријатија. Имотот што му се допаѓа на Иван Гешев не се користи од 2017 година, а трошоците за поправка и пуштање во употреба ќе ги чини даночните обврзници над 4 милиони лева.

Чајка, Златните песоци
Чајка, Златните песоци

Сепак, обвинителите ќе го користат по повластени цени. Сместувањето во него ќе чини 15 лева за една ноќ според ажурираните тарифи за користење на одморот во обвинителството и повисоките судови. За споредба - цените на ноќевањата во Златните песоци во текот на летото се многукратно повисоки. Такви се цените за сместување и во останатите одморалишта на државното обвинителство.

Обвинителството има летувалишта на плажа - во одморалиштето „Свети Константин и Елена“, во Бјала, како и камп во близина на Варна. Ако претпочитаат планини, обвинителите можат да се одморат во едно од одморалиштата во Цигов Чарк, Боровец или веднаш до Златните мостови на Витоша.

„Ова не се одморалишта, тие се повеќе центри за обука“, изјавија од обвинителството за Слободна Европа. Тие објаснија дека статистичките податоци за зафатеноста на креветите во минатата година нема да покажат колку биле користени овие капацитети поради ограничувањата против ковид-19.

И покрај пандемијата, трошоците на обвинителството за одржување на местата за рекреација и обука во 2020 година беа над 6 милиони лева, според записникот од состанокот на ДСК на крајот на јануари.

Адмирај, одморалиште на Министерството за одбрана на Бугарија
Адмирај, одморалиште на Министерството за одбрана на Бугарија

Вработените во двата повисоки суда - Врховниот управен суд (ДСА) и Врховниот касационен суд (ДКС), исто така, имаат свои капацитети. Скоро сите министерства и државни институции имаат одморалишта на атрактивни места. Најголемите сопственици на такви имоти се Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана.

Каде одмораат вработените во Министерството за внатрешни работи?

Според извештајот на Светска банка, годишниот оперативен дефицит од одморалиштата на Министерството за внатрешни работи е 17 милиони лева. Ова е покриено и од даночните обврзници.

Според последниот објавен ценовник, цената за кревет за вработените во Министерството за внатрешни работи и членовите на нивните семејства е околу 9 лева. Сауната е 3 лева, услугите за физиотерапија се по 1,5 лева.

министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов
министерот за одбрана на Бугарија Красимир Каракачанов

Министерот за одбрана Красимир Каракачанов на крајот на јануари годинава потпиша наредба за утврдување на цените за летната сезона во 2021 година за вработените во Министерството за одбрана. Цената варира според изборот - ВИП- соба, активна или вон сезона и се формира како збир на „цена според социјалната програма“, што е околу 23 лева според изборот на соба.

На пример, цената за стандардна соба, вклучувајќи ноќевање со појадок, ручек (плус безалкохолни пијалаци) и вечера е околу 30 лева по лице. Постојат и повластени цени за пензионирани војници. Двокреветна соба со појадок за нив чини 64 лева.

Унгарија, Бугарија и Романија критикувани од ЕУ за владеење на правото

Радио Слободна Европа испрати писма до обвинителството, Врховниот касационен суд, Врховниот управен суд, Министерството за одбрана и Министерството за внатрешни работи за тековните податоци поврзани со одржувањето на одморалиштата, но засега нема одговори.

Извештајот на Светска банка цитиран погоре анализираше 115 одморалишта. Сепак, тие се значително повеќе, а со текот на годините и нема податоци за точниот број на одморалишта во Бугарија.

Изградбата на овој вид одморалишта започна во раните 50-ти минатиот век. Во текот на следните три децении, развојот на мрежата одморалишта (наменети за Бугари) и хотели (наменети за странци) доведе до појава на дестинации за одмор во Бугарија - крајбрежните одморалишта „Св. Константин и Елена“, Златните песоци и Сончев брег, како и планинските одморалишта Боровец и Пампорово.

„Во 1980-тите, на крајот на социјалистичкиот период, државата ги субвенционираше годишните одмори на околу 3 милиони Бугари“, се вели во извештајот на Светска банка, во кој се додава: „И покрај достапноста на различни опции за сместување во моментот, останува силното чувство на приврзаност кај владините службеници за субвенции од државата“.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG