Политички земјотрес предизвика анкетата на ИРИ. Најмалку доверба, граѓаните, освен во политичките партии и во парламентот, имаат и во судството и јавното обвинителство. За двојно, во рок од една година, е зголемена и бројката на граѓаните кои сметаат дека државата оди во погрешна насока, односно, од ланските 30 отсто, на сегашни 58 отсто.
„Креаторите на политики на национално ниво ќе треба да останат фокусирани на економските прашања доколку сакаат да ги сменат овие бројки“, оцени Пол Мекарти, регионален директор на ИРИ за Европа.
Груевски „ги победи“ актуелните политичари
Како е можно екс премиерот Никола Груевски, обвинет за повеќе кривични дела и избеган од земјата веќе 4 години, да има највисок рејтинг меѓу политичарите? Одговорот на ова прашање не е тешко.
Враќањето на Груевски на „голема врата“, според политичкиот аналитичар Џељал Незири, е поради отсуството на резултати во борбата против корупција, како и начинот на практикување на власта од страна на СДСМ и другите функционери.
Поништени пресуди, „застарена“ правда
Како поминува времето, така станува се појасно дека главните обвинети „актери“ од предметите на Специјалното јавно обвинителство, би можеле да се извлечат неказнети, а во затвор заврши главната обвинителка Катица Јанева.
За помалку од еден месец Апелација укина две пресуди во кои првоосуден е поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков и неговите најблиски соработници.
Најголемите предмети за аферата прислушување како и за купувањето и уништувањето на опремата за прислушување се враќаат пак во Кривичен суд каде што беа заглавени неколку години.
Напролет процедура за измени во Уставот?
Уставните измени со внесување на Бугарите во Преамбулата би можеле да се усвојат до јуни, кога се очекува и да приврши европскиот скрининг на македонското законодавство, велат дипломатски извори за Радио Слободна Европа. Тие објаснуваат дека завршувањето на скринингот не е условен со уставните измени.
Независниот пратеник Скендер Реџепи, кој летово ја напушти матичната партија Алтернатива, смета дека уставните измени можат да поминат само со „силен земјотрес“ во ВМРО-ДПМНЕ затоа што без тоа Владата не може да обезбеди 80 пратеници колку што се потребни за да се вметнат Бугарите во Уставот.
Може да се претпостави кој би можел да го предизвика „земјотресот“ во ВМРО-ДПМНЕ.
Со кого Македонија треба да има најсилни врски?
Редоследот, според анкетата на ИРИ е: 1.ЕУ, 2.Турција, 3.САД, 4.Кина и 5.Русија. Најголем скок во однос на минатата година има Кина.
Ковид-дипломатијата наКина на Балканот и давањето на бесплатни вакцини резултираше со зголемено позитивно мислење кај македонските граѓани кон земјата, сметаат експерти по меѓународна политика, порачувајќи дека поради тоа државата треба да го „запали алармот“.
Солар Дата Колектор - Од Македонија до Јужна Африка
Солар Дата Колектор е македонска иновација, софтвер кој го следи животниот век на една фотоволтаична централа - од почеток до крај, од пресметка за местото каде да се постави една централа, до следење на производството на електрична енергија. И за сето тоа користи вештачка интелигенција и машинско учење.
Македонската Били Ајлиш - жена борец на музичкиот фронт
Младата пејачка Тамара Волческа која медиумите ја нарекоа македонската Били Ајлиш поради сличностите со светски славната пејачка, неодамна ја напушти македонската армија за, како што вели, целосно да ѝ се посвети на музичката кариера. Верува дека научените лекции и борбеноста во нејзиниот карактер ќе ѝ помогнат да си го најде местото на домашната музичка сцена.