Немам лични контакти со лидерот на ДУИ, Али Ахмети или со функционери на партијата, тврдеше во својот прв медиумски настап новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција- ОЈО ГОКК, Ислам Абази. Но, уште не седнат во фотелјата на неговата претходничка Вилма Русковска тој беше демантиран преку фотографии кои испливаа во јавноста. Абази, како што може да се види на една од фотографиите е во друштво на Невзат Бејта, поранешен градоначалник на Гостивар и висок функционер на ДУИ.
Прва со забелешки за начинот на кој се избираше новиот шеф на ОЈО ГОКК излезе Државната комисија за спречување на корупцијата- ДКСК.
Фотографиите оставаат простор да се верува дека „постоело некакво влијание“, вели претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска, иако не можат да кажат дали некој им наметнал на обвинителите како да гласаат.
„Доколку е тој човек со интегритет може да се избори и да докаже дека е тој што ќе го среди Обвинителството. Всушност треба да му дадеме простор на човекот, но сликата до сега не е поволна,“ рече Ивановска.
Абази за обвинител е избран за време на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. Неговите родители имаат куќа во Зајас, родното село на лидерот на ДУИ, Ахмети. Прв за изборот на Абази му честиташе заменикот за правда Агим Нухиу, кој доаѓа од редовите на најголемата албанска партија. Освен Нухиу, никој друг од ниедна политичка партија од власта и од опозицијата не упати пофалби или критика за изборот на Абази.
ВМРО-ДПМНЕ против изборот на Абази
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски Изборот смета дека изборот на Абази е партиско- политички договор на власта.
„Па јавна тајна е дека тоа претставува уште еден партиско- политички договор во власта, само исто така јавна тајна е дека таму имало две струи, едните за едниот, другите за друг, па победил овој и така натаму. Продолжува партизацијата затоа следната анкета нема да биде довербата во судството и обвинителството 8 проценти ќе биде еден, два или три проценти. Претпоставувам тоа се овие неколку фамилии кои што се денеска во власта и од ДУИ и од СДСМ“, рече Мицкоски.
Според него, тажно е што се продолжува со партизирање на институциите што треба да бидат носители на правдата, обвинителството и судството.
На социјалните мрежи „врие“ од реакции и критики за начинот и изборот на Абази. Меѓу нив реагираат и професори од правните факултети, како и многумина од правосудната фела.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев смета дека државниот јавен обвинител треба да излезе со став дали Абази има легитимитет и дали е правилно избран.
„ Секако тој треба да се докаже и во очите на јавноста дека е потполно ослободен од тие настани и дејствија со кои се поврзуваат со него и дали тие се пречка за неговото вршење на функција“, вели Илиев.
Министерот за правда Никола Тупанчевски изјави дека ги видел фотографиите кои имплицираат дека избраниот обвинител има некаква конекција или комуникација со претставници на одредена политичка партија.
„Дефинитивно никогаш не може до крај да се неутрализираат, најважно од целата работа и комуникацијата е дека практично времето ќе биде главниот фактор кој што ќе покаже дали навистина овие хипотези и претпоставки што се пласираат по неговиот избор имаат реална основа. Практично, комуникацијата не може да биде исклучена, но најважно е таа комуникација да не биде злоупотребена“, рече Тупанчевски.
Тупанчевски додаде дека честитката на Нухиу не била во име на министерството.
Џафери во одбрана на Абази
Познанството на Абази со луѓе на ДУИ, не треба да се коментира, со оглед дека станува збор за претставници на различни власти, вели претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Ако одиме од тоа дали се познаваме или не, ќе биде некоректно да кажеме дека ние не го познаваме човекот којшто ни бил во Вишото обвинителство во Гостивар. Така што, во тој контекст не е спорно ние дали се знаеме или не“, рече претседателот на Собранието.
Познанствата, според Џафери, не треба бидат пречка некој граѓанин биде избран за функционер, а личните релации не треба да се отежителна околност.
Абази кој доаѓа од Вишото обвинителство- Гостивар беше единствениот од четворицата кандидати за оваа функција кој немаше своја програма, не комуницираше со медиумите, не дебатираше со колегите и беше непознат за јавноста.
Абази изјави дека неговиот избор се должи на неговата кариера и неговиот професионален ангажман. Иако потекнува од истото село со првиот човек на ДУИ, како што рече, во неговото досегашно работење не оставил впечаток дека има релации или позиции со одредена политичка партија. Но, не пропушти и да каже дека не е забрането да се дружи со функционери, доколку во обвинителството нема некаква постапка против нив.
Нови измени на законот
За прв пат шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, се избра од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава. На Абази му беа доволни 66 гласа за победа пред неговиот најсериозен противник од скопското обвинителство Ермон Незири кој имаше само два гласа помалку.
„Јас ваков модел на избор не сум сретнал. Моделот е тотално промашен. Тогаш не треба ни Совет на обвинители да има. Министерот да размисли за нов концепт“, смета поранешниот судија Илиев.
Според Билјана Ивановска, се заборавило на критериумите за квалитет на оценките што ги дава Советот на јавни обвинители и на Програмата за работа.
„Сето тоа се елементи што ќе дадеа појасна слика за кој човек се работи, каква позадина има во својот професионален дел од работата. Така сликата ќе ни беше поцелосна“, изјави Ивановска, која најави дека ќе се реагира во насока на подобрување на критериумите за избор на јавниот обвинител.
Тупанчевски призна дека моделот кој всушност имаше за цел да ги исклучи надворешните влијанија покажал одредени слабости. Притоа тој најави нови измени на законот.
„Она што можеби во иднина треба да се преземе е дека тој модел не е доизграден и сметам дека доколку бидат додадени некои дополнителни критериуми во однос на изборот мислам дека би стигнале до подобри резултати и пообјективен избор“додаде Тупанчевски.
Советот на јавното обвинителство во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе го именува на функцијата јавниот обвинител што добил најмногу гласови. Шефот на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира на секои четири години.
Мандатот на претходничката на Абази, Вилма русковска истекува на 14 ноември. Но таа претходно беше суспендирана поради дисциплинската постапка против неа во врска со претресот во финансиската полиција кој поранешниот прв човек на институцијата Арафат Муареми тврди дека е незаконски. Против Муареми се води предмет во обвинителството под сомение за примање поткуп.