Клаузулата за баланс би значела запирање на преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската унија.
На 3 февруари, новото парламентарно мнозинство објави дека ќе го укине постојниот Закон за Обвинителството и ќе донесе нов со цел да се извршат смени во обвинителството, бидејќи сметаат дека борбата против криминалот и корупцијата не е можна со постојните обвинители.
Ѓукановиќ нема да го потпише разрешувањето на двајца генерали
ЕУ постојано ја критикуваше оваа намера, повикувајќи ја владата да не се враќа назад со реформите.
„Повеќе не е ризик да се активира клаузулата за баланс, но тоа е многу извесна ситуација во која поглавјето 23 (судството и основните права) ќе се врати на почетокот во преговорите, но ќе има и други последици од поглавјето за соработката меѓу институциите на Црна Гора и на ЕУ, но и на индивидуалните членки на ЕУ и Црна Гора“, вели за РСЕ претседателот на Европското движење во Црна Гора, Момчило Радуловиќ.
Поранешниот преговарач за поглавјата 23 и 24 и поранешен помошник министер за правда Маријана Лаковиќ-Драшковиќ се согласува дека ваквото сценарио може да доведе до официјален прекин на преговорите на Црна Гора со ЕУ.
„Усвојувањето на законот, благо речено, ќе доведе до веќе најавеното уназадување во судството и до привремено прекинување на преговорите и евентуално посериозни последици поврзани со спречување на употреба на одредени средства“, вели Лаковиќ-Драшковиќ.
Сепак, Демократскиот фронт кој ја предводи владејачката коалиција смета дека е помал проблем заострувањето на односите со Брисел отколку отпуштањата во врвот на обвинителството.
„Одложувањето на гласањето за измените на законите за обвинителство е поопасно за државата и граѓаните отколку потенцијалното привремено нарушување во односите со Брисел“, изјави пратеникот од Демократскиот фронт Славен Радуновиќ.
Нацрт-извештајот, чиј автор е Тонино Пицула, известувач за Црна Гора во Европскиот парламент, исто така, изразува жалење за ограничениот напредок во судството.
Србија се премисли - не го протерува амбасадорот на Црна Гора
Милош Конатар од Граѓанското движење УРА (Здружена акција за реформи), која е дел од владата, смета дека нема да има тензии во односите со ЕУ поради најавените измени во законите на обвинителството.
„Ќе продолжиме со преговорите во наредните денови со цел да најдеме решение што ќе овозможи сето ова да се спроведе без никакво оптоварување на односите со ЕУ. Европа е наш партнер, има јасни правила и ние, како земја-кандидат за членство, сме тука да дејствуваме во согласност со тие правила “, вели Конатар за РСЕ.
„Од 2007 година, ЕУ донираше над 610 милиони евра финансиска помош за Црна Гора“, беше објавено на официјалната страница на Фејсбук на Европската унија во Црна Гора. Дадени се 70,3 милиони евра за зајакнување на владеењето на правото.
Момчило Радуловиќ, од невладиното европско движење, смета дека Брисел нема да калкулира со најавените измени на системските закони, за чие усогласување работеа поранешната Влада на Црна Гора, Европската унија и експерти од Венецијанската комисија неколку години.
Првичната иницијатива за промена на обвинители
Еден од лидерите на ДФ и претседател на парламентарниот Комитет за безбедност и одбрана Милан Кнежевиќ, на крајот на минатата година објави дека и даваат на Владата на Здравко Кривокапиќ еден месец да иницира измени на законот на Обвинителството.
Целта, како што наведе, е „демонтирање на институцијата поврзана со организираниот криминал“, која, како што рече, „била искористена како тупаница на ДПС во борбата против политичките противници“.
Бидејќи Владата не реагираше, Демократскиот фронт ја започна постапката во Собранието, каде што пет парламентарни клубови од новото мнозинство, Демократскиот фронт, Демократите, граѓанското движење УРА и Движењето за промени, официјално се појавуваат како поборници за измени во законите за обвинителството.
Овие закони би можело да се најдат на дневен ред на вонредната седница на Собранието планирана за 18 февруари.
Која е суштината на промените?
Новото парламентарно мнозинство предводено од Демократскиот фронт, од првиот ден на освојувањето на власта во Црна Гора (изборите што ги освоија се одржаа на 30 август 2020 година), инсистираше на смена на специјалниот обвинител Миливое Катниќ. Тој е на чело на Специјалното обвинителство од 2015 година.
Тој беше главен обвинител во случајот државен удар во кој, меѓу другите, двајца лидери на ДФ беа осудени на пет години затвор.
Прва седница на црногорскиот парламент, Ѓукановиќ не присуствуваше
Поради законот и процедурите, не беше можно да се извршат кадровски промени со просто мнозинство гласови, па владата донесе одлука за укинување на постојниот Закон за специјалното обвинителство и гласање за новиот Закон за обвинителство за организиран криминал.
Со усвојувањето на овие измени автоматски ќе се прекине мандатот на обвинителите во Специјалното обвинителство предводено од Миливоје Катниќ.
Друга новина е промената во структурата на Обвинителскиот совет. Според сегашната одлука, Обвинителскиот совет има 11 члена, од кои шестмина се обвинители, четворица се реномирани адвокати и претставник на Министерството за правда.
Според новото решение, пет места би биле резервирани за обвинители, пет би биле делегирани од парламентот, а едно место би било за Министерството за правда. Едноставно мнозинство во парламентот би било доволно за избор на нов обвинителен совет. Главниот обвинител ќе биде избран од страна на Обвинителскиот совет. Всушност, владата би имала мнозинско влијание врз изборот на членови во обвинителството.
Според мислењето од 2015 година, Венецијанската комисија оцени дека назначувањето и разрешувањето на членови на Обвинителскиот совет во Собранието ќе биде политизација, ако не е поддржано од две третини од пратениците.
Критика од ЕУ
Објавата на претставниците на владејачкото мнозинство беше критикувана од претставниците на ЕУ, сугерирајќи дека тие очекуваат Црна Гора да напредува на патот кон членството и да не уназадува во реформите, како што неодамна изјави Ана Писонеро Хернандез, портпарол на Европската комисија.
Таа потсети дека усвојувањето на уставните амандмани од 2013 година, кои ја зајакнуваат независноста и одговорноста на судството, е предуслов Црна Гора да ги отвори пристапните преговори со ЕУ.
„Постои посебен привремен критериум во поглавјето 23, според кој, Црна Гора треба да ги спроведува овие уставни измени во согласност со препораките на Венецијанската комисија и европските стандарди и најдобри практики“, рече Писонеро Хернандез, нагласувајќи дека ова важи и за Законот за јавно обвинителство и Законот за специјално обвинителство.
Брнабиќ тврди дека Србија не влијаела на изборите во Црна Гора
Според неа, како резултат на веќе спроведените реформи, Црна Гора воспостави тела и механизми кои обезбедуваат независност на судската и обвинителството и одговорност.
Амбасадата на САД во Црна Гора целосно ја поддржа позицијата на ЕУ, наведувајќи дека „препорачува Владата да се држи до постигнатото, наместо да се враќа назад“.
Каков е ставот на партиите од поранешната влада?
Опозициските партии остро ја критикуваа иницијативата за укинување на Специјалното обвинителство, поради фактот што на процесот не му претходеа демократски процедури или консултации со европските партнери.
„Промената на обвинителските закони на овој начин, без јавна расправа, без комуникација со опозицијата, ЕУ и Венецијанската комисија, е значаен чекор наназад и на крајот може да доведе до блокада на нашиот европски пат, а нашите европски партнери го кажаа ова јасно за нас“, рече за РСЕ Иван Вујовиќ од Социјалдемократската партија (СДП).
Опозициската Демократска партија на социјалистите (ДПС) проценува дека измените и дополнувањата на Законот за државно обвинителство ќе бидат кршење на Уставот и правниот систем на Црна Гора.
„И покрај јасната порака на ЕК, претставниците на новото парламентарно мнозинство, а со тоа и Владата, избрана од тоа парламентарно мнозинство, планираат да ги изменат овие закони што се спротивни на меѓународните стандарди во оваа област, спротивни на најдобрите европски практики и за жал спротивно на црногорскиот Устав“, се наведува во реакцијата на ДПС од 6 февруари.
Црна Гора ги отвори сите поглавја во преговорите со Европската унија. Досега, Црна Гора привремено ги затвори преговарачките поглавја: 25 - Наука и истражување, 26 - Образование и култура и 30 - Меѓународни односи.