Варова вода, петролеј, масло од канабис, различни алги, билки, сирупи од тревки, витамини, антиоксиданти... Листата е долга, а секој пациент болен од рак од неа бара лек за кој се надева дека ќе му помогне да го победат ракот и да го продолжат својот живот колку што можат повеќе. Не е мал бројот на луѓе кои покрај класичните медицински третмани, спас бараат во лечењето со алтернативни препарати, па без доволно податоци и врз основа на тоа што може да го прочитаат од искуствата на некои други пациенти на интернет, се одлучуваат и тие на тој чекор.
На социјалните мрежи може да се прочитаат поделени искуства за пациенти со рак кои пиеле варова вода или петролеј, мислејќи дека тоа ќе им помогне полесно да ја победат болеста или ќе им ги намалат болките. Некои од нив се уште пијат и се убедени дека тоа им помага, за разлика од други пациенти кои велат дека пиењето на овие препарати им предизвикале дополнителни штетни последици.
„Откако се разболев веќе две години пијам варова вода и добро се чувствувам. Не знам зошто викате дека не помага, кога ете мене не ми е полошо, моето искуство е позитивно“, пишува еден пациент болен од рак на бели дробови.
Од друга страна пак, други пишуваат дека никако не треба да се користи варовата вода, споделувајќи искуства дека тоа создава дополнителни проблеми.
„Никако варова вода. Ги гори цревата и желудникот, немојте со такви глупости“...
„Татко ми пиеше варова вода, ама многу повраќаше. Подоцна ја мешавме и со јогурт, ама воопшто не му беше подобро“...
„Пред неколку години кога татко ми беше многу болен, му правевме една течност со лушпи од јајца, лимони и не се сеќавам што стававме друго, ама ова со варта, што е калциумова вода ме потсети дека можеби има некоја врска. Инаку од тоа со лушпите од јајца немаше подобрување“, пишуваат членови на фејсбук група во кои членуваат болни од канцер.
Инаку, вообичаено варовата вода пациентите си ја прават во домашни услови и главната состојка е всушност негасена вар.
Слични коментари има и за пиењето на петролеј, кој како и варовата вода не може да се купи од аптека, туку пациентите го набавуваат од соседните земји, најчесто од Албанија. Овој нафтен дериват се користел како народен лек и бил најраспространет во посиромашните земји, вклучувајќи ја Русија, земјите од источна Европа и Африка. Во земјава исто така го користат пациенти болни од рак. Некои признаваат дека пијат, други пак се сигурни дека тоа не помага.
„Абре нормални ли сте вие? Каде е таа препорака за лечење со газија или петролеј? Па тоа е бре отровно и ако се вдишува, а не пак да се пие? Штета, некој ќе се излаже со вакви терапии, наместо со лекување на лекар, и ќе си замине заради отровната газија. А блиските ќе мислат дека смртта била заради ракот. Страшно“...
„Не сум толку запознаена со овој начин на лекување, ама лековите ако ги пиеш без дозволена доза нема да те доведат до смрт? Морфиумот не те води во смрт?
Не велам дека не е штетен петролејот, ама веројатно начинов си има доза, мера, процедура“, коментираат граѓани на социјалните мрежи.
Што вели науката и медицината
Од Здружението за помош и поддршка на пациенти и нивни негуватели со хематолошки заболувања ХЕМА, велат дека добар дел од нивните пациенти користат алтернативна терапија. Тие не сакаа да зборуваат пред нашиот микрофон, но Мирјана Бабамова од ова здружение потврдува дека од моментот кога ќе ја дознаат дијагнозата, покрај класичната терапија, пациентите посегнуваат и по алтернативни препарати за лечење и пробуваат се што ќе прочитаат на интернет.
„Имаме пациенти кои кажале дека користат варова вода или петролеј меѓутоа тоа е тотално погрешно. Само можат ад си направат повеќе штета на организмот и досега никој од нив не ни дал образложение за ефектите од тие терапии, кои сметам дека се штетни и воопшто не може да се дефинира како терапија. Затоа и ние како здружение постојано апелираме да не се користи нешто на своја иницијатива, значи се што се зема да биде во консултација со лекар, оти ваквата употреба на варова вода, петролеј и други препарати само можат да му наштетат на пациентот, а не да му помогнат“, вели Бабамова од здружението „ХЕМА“.
Доктор Нино Васев, директор на Универзитетската клиника за онкологија со години работи со пациентки болни од рак. Вели дека алтернативната медицина има катастрофални последици врз нивната состојба.
„Вие не можете да им го одземете правото на некои жени да земаат таква терапија, само кога ќе ве прашаат може да им кажете дека затоа нема научни докази. За канабисот на пример ко се користи и во медицинска форма, за намалување на болката, но ние не го препорачуваме како лек за кои има научни докази дека помагаат. Варовата вода на пример стана едно помодарство и според мене нема поголема глупост да лечите со неа клетки коишто не можете да ги уништите ни со тешки хемиски зрачења“, вели доктор Васев.
Истото мислење го делат и неговите колеги-хирурзи. Професорот на Медицинскиот факултет Никола Јанкуловски, кој е дигестивен хирург вели дека многугодишната пракса во хирургијата покажала дека има штетни последици кај пациенти кои се лекувале со варова вода или петролеј.
„Јас и моите колеги кои ја практикуваме службената медицина базирана на научни докази не ги упатуваме пациентите на алтернативна медиција и тоа е препуштенио на самите пациенти. Иако постојат разни налини на алтернативно лекување, барем ние не препорачуваме и мислам дека е тоа најисправно. Се случува понекогаш самите пациенти да залутаат кон различни алтернативни методи коишто секако дека можат да им наштетат и сме виделе такви случаи. Затоа сметам дека тоа треба да е под некаква контрола и затоа постојано даваме совети да не влегуваат во некои непроверени начини на лекување“, вели професор Јанкуловски.
Директорот на кочанската болница, хирургот Александар Серафимов вели дека примената на алтернативна терапија е распространета и во кочанскиот крај. Но, и тој не ја оправдува.
„Последните две пациентки кои ги имав во сала беа со дијагноза рак на дојка. Едната девојка која користела алтернативна терапија кога ја отворивме во салата, се чудевме што видовме, и ништо од тоа што го пиела не и донело нешто добро, напротив, немаше лек за неа. Другата немаше користено ништо друго освен класичната хемотерапија, ја опериравме, еве таа е добра. Можам само да им порачам дека живееме во лек на современа медицина и не можеме да се лечиме со бабини или со непроверени лекови. Во спротивно самите себеси се уништуваат, иако на почетокот веројатно психолошки им делува и мислат дека тоа ќе им помогне“, дециден е доктор Серафимов.
И директорот на Охридската болница Горан Балевски е категоричен дека пациентите треба да се држат до конвенционалната медицина.
„Луѓето треба да ги слушаат лекарите. Линијата примарно, секундарно и терцијарно здравство мора да биде поставена и да функционира беспрекорно, по протокол и со медицина базирана на докази. Живееме во време на интернет, на „ти реков-ми рече муабети“, но не може и не смее луѓето во се што ќе прочитаат да веруваат и да го употребуваат како лек за некоја состојба“, порачува доктор Балевски.
Во меѓувреме оние кои си имаат мака се обидуваат да си ја олеснат и не се двоумат да пробаат се за што ќе слушнат дека на некому му помогнало. На пример, пациенти споделуваат мислења за корисното влијание на алгите, билката змиско грозје, карела горка диња и многу други. Споделуваат рецепти за сирупи направени од различни билки, сокови, витамини, минерали итн.
„Постои една вистина за алгите, успеале да ја преживеат земјината еволуција повеќе од пет милиони, а можеби и грешам, може да се билиони години. Алгите во денешницата веќе се сметаат за храна на иднината, за здрава храна. Нас, ни преостанува, секој да пронајде лек кој ќе му го подобри животниот век на секој од нас, личните резултати да ги споделиме, и да помогнеме на други“, пишуваат пациенти болни од рак.
За разлика од алтернативната медицина, лекарите немаат против комплементарната терапија, која пак подразбира дополнително земање на витамини и суплементи.
„Мене не ми смета ако пациентот зема це-витамин или пие сок од брусница. Се што се додава на пациентот не смета, додека алтернативната терапија- одзема, таа прави алтернација и ја иззема класичната медицина. А комплементарната медицина е друго нешто, зошто еден онколог би имал против витамини, сокови, сирупи од природни состојки кои можат пациентите дома да си ги направат? Сметам дека нема ништо лошо во тоа“, заклучува доктор Васев.