Достапни линкови

Граѓаните трагаат по ниски цени, државата да биде Робин Худ


Робин Худ.
Робин Худ.

Граѓаните станале поштедливи во услови кога има голем скок на храната и на енергенсите. Тие се водат по народната „колку ти е долга чергата, толку ќе си ги пуштиш нозете“. Државата треба да ги замрзне цените и на нафтата, да даде директна финансиска инјекција за сиромашните и повеќе да го оданочи богатите граѓани и фирмите, вели економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ.

Секој ден во потрага по ниски цени, купување само на најосновното, разлистување на флаери и каталози за да се види кај има попусти. Ова се дел од начините на кој граѓаните се обидуваат да се справат со се повисоките цени на основните прехранбени производи. Државата за да ги намали последиците од ценовните шокови првин ги замрзна цените на основните прехранбени производи, сега ги ограничува маржите, ја субвенционира разликата во цената за парно, за да не бидат сметките многу високи, се зголеми минамалната плата, а има најави за помош за пензионерите.

„Колку ти е долга чергата, толку ќе си ги пуштиш нозете“

Борка Кузмановска е пензионерка, со пензија од 12 илјади денари (200 евра). Нејзината пензија ја троши на храна, а со пензијата на сопругот, која е за околу 2000 денари повисока, плаќаат сметки и лекови. Таа вели дека откако поскапеле основите прехранбени производи станала поштедлива.

„Мора човекот да се снајде, колку има приходи, толку ќе троши или како што е она народната „колку ти е долга чергата, толку ќе си ги пуштиш нозете“. Сега повеќе штедиме за разлика од порано кога одевме во продавница и кога артиклите беа поевтини, а сега секој ден секој втор артикал е поскапен. Купувам само она што е потребно, залихи не правам, ниту пак купувам непотребни работи како што правев едно време кога си дозволувам се што ќе видам да купам, да пробам, сега веќе тоа го нема“, вели пензионерката.

Таа додава дека со пари што Владата им ги вети на пензионерите ќе си ги подмири сметките за струја. Од годинава струјата покапе за речиси 10 проценти, а нема повеќе ни дневна евтина тарифа.

Премиерот Димитар Ковачевски на 4 март соопшти дека според новата методологија, усогласувањето на пензиите ќе се врзе за порастот на трошоците за живот со 50 отсто, и за просечна плата, исто така 50 отсто. А за пензионерите ќе има и по дополнителни 1000 денари во месеците април, мај и јуни.

Да се замрзне и цената на нафтата

Бранимир Јовановиќ од Виенскиот институт за меѓународни економски истражувања вели дека државата мора да ги ограничи цените на храната и на нафтата.

„Со храната тоа го направија, но она што го направија со маржата мислам дека е погрешно, се гледа дека доведе во покачување на цените и до недостаток на производи. Мислам дека треба да се врати на она старото, да се фиксира цената, за да не им се дозволи на фирмите да прават добивка во ситуација кога граѓаните осиромашуваат“, вели тој.

Јовановиќ додава дека за замрзнување на цените на нафтените деривати во земјава не се ни разговара, а веќе тоа го направиле голем дел од европските земји и дел од земјите од соседството.

„Во соседството тоа го направија Бугарија, Србија, Хрватска...Замрзнувањето на цените на нафтените деривати е многу помалку проблематично отколку замрзнувањето на цените на храната. Зошто со замрзнувањето на цените на нафтените деривати вие практично оданочувате неколку големи нафтени компании. Сите тие остваруваат високи добивки, а со оваа криза нивните добивки уште повеќе ќе се зголемат“, вели Јовановиќ.

Освен најави за повисоки пензии, недамна беше изгласан и закон за повисока минимална плата. Минималец од 18 илјади денари ќе има од април, односно од мартовската плата. Досега најниската плата изнесуваше 15.200 денари.

Цените на трошоците за живот растат секој месец

Основните прехранбени производи минатата година првин поскапеа поради прекинатите синџири на испорака со затворањето на економиите со пандемијата на ковид 19, а потоа дополнително поскапеа со енергетската криза што го зафати светот кон крајот на минатата година.

Податоците на Заводот за статистика покажуваат дека индексот на трошоците на живот и на цените на мало за февруари во однос на јануари пораснале за околу еден проценти. Ценита пак во февруари годинава во споредба со истиот период лани пораснал за 7,6 проценти, а цените на мало за 8,6 отсто. Изминатиот месец пак беше забележан огромен месечен скок на цените, колку што немало во изминатата деценија.

Но иако граѓаните дале повеќе пари за храна, сепак купиле помалку производи, покажуваат статистичките податоци.

Поскапеле цигарите, чајот, кафето и какаото, виното, овошјето, лебот и житата, рибата и морските плодови итн.

Податоците на Агенцијата за храна и земјоделство на ОН (ФАО) покажуваат дека цените на храната на светско ниво се на прагот да срушат повеќедецениски рекорд и дека цените на храната пораснале за многу краток период. Цените на вакво ниво биле во периодот од 1074 до 1976. А ваков скок на цените за краток период имало само во 1974, 2006 и во 2010.

Освен храната, поскапеа и нафтените деривати, како последица на растот на цената на суровата нафта на светските пазари. На светските пазари цените достигнаа највисоко ниво во последните три години. Во земјава пак вака високи цени на нафтата немало десет години. Во периодот март-април 2012 цената на барел нафта била 125 долари, малопродажната цената на бензините изнесувала околу 90 денари, а на дизелот околу 75,50 денари. Сега, цената на бензините е од 84 до 86 денари, а дизелот е 75, 5 денари за литар.

Бензинска пумпа во центарот на Скопје на 4 март 2022.
Бензинска пумпа во центарот на Скопје на 4 март 2022.

Во продавница само со список

Мими Андонова, е домаќинка, која како што вели мора домаќински да се грижи за семејниот буџет.

„Најчесто пред да идам да пазарам ги разгледувам каталозите од маркетите и бирам што и каде има најповолна цена, си правам список и ги купувам најнеопходните работи или ако евентуално нешто е на акција во тој период“, вели таа.

Фари Имери, кој живее од социјална помош, вели дека со брат му одат од продавница до продавница, барајќи брашно по поевтини цени.

„Во поголемите продавници има, но по повисоки цени. Со брат ми баравме, ама рафтовите се празни, сакавме да купиме брашно и зејтин, но изгледа продавачите ги кријат, за после да ги продаваат по повисоки цени“, вели тој.

Вториот сет на мерки треба да биде директна финансиска помош за сиромашните граѓани и за фирмите погодени од кризата, вели Јовановиќ од Виенскиот институт за економија.

„Во Австрија тоа го направија, воведоа енергетски ваучери за секое семејство за да се покријат повисоките цени на струјата. Во Македонија не се направи такво нешто, се направи само некоја мала субвенција за 7000 домаќинства за покривање на сметките за струја. Државата мора да им даде финансиска инјекција на граѓаните кои се погодени од ова, пред се посиромашните. Во земјава околу 25 проценти од населението е сиромашно“, вели Јовановиќ.

Живот на минималец
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:13 0:00

Надолни изгледи за раст на економија во 2022

Македонската економија сега е пред нов удар. Првин беше погодена од пандемијата со ковид, па од енергетската криза, а сега треба да се справува со економските последици од случувањата по нападот на Русија врз Украина.

Поранешниот гувернер на Народната банка Петар Гошев минатата недела за РСЕ рече дека државата во овој момент не може да направи многу, оти шоковите се надворешни, а капацитетот за амортизација на ударите е потрошен во време кога не морало тоа да се прави. Единствен излез, вели тој е во задолжувањето на земјата, која и така е високо задолжена.

Јавниот долг на Македонија е над 60 отсто од Бруто домашниот производ. А во услови на пандемија долгот е зголемен за дури 15 процентни пени, се посочува во ревизорскиот извештај, што на средината на минатиот месец го објави Државниот завод за ревизија. Ако македонските граѓани лани биле задолжени со по 3.475 евра, сега должат по над 3.500 евра.

Јовановиќ вели дека треба да се воведен прогресивен данок, но не само за граѓаните, туку и за фирмите, особено за оние неколку стотина големи, профитабилни фирми.

„За фирмите кои остваруваат милионска добивка во секоја ситуација. Целосно е оправдано да се земе мал дел од нивната добивка за да им се даде на сиромашните. Тоа е улогата на државата, да зема од оние кои имаат и да им дава на оние што немаат, односно државата да биде еден вид на Робин Худ“, вели тој.

Во најновиот Макро-монитор на институтот за економски политики Фајнанс тинк се наведува дека изгледите за растот на македонската економија во 2022 се изразено надолни, односно претходната проекција за годинава од 4 проценти раст станува нереална во новите околности. Нова проекција за растот Фајнанс тинк ќе објави во јуни 2022.

„Неизвесноста во економијата се засили на почетокот на 2022 година, како резултат на зголемените притисоци од цените на храната и енергијата на глобално ниво. Притисоците врз цените и изгледите за растот дополнително се влошија со инвазијата на Руската Федерација врз Украина на 24 февруари 2022“, стои во извештајот.

Минатата година заврши со раст на БДП од 4 проценти.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG