„Григор Прличев е најочевидниот пример на интелектуалец од Охрид кој во својот постепен и длабок развоен пaт, од детството до знаменит „Втор Хомер“ во Атина, за да дојде до сознание дека еден „општословенски“ јазик е за него добредојден, појасно од употребата на бугарскиот јазик. Во суштина тој одлично го говори својот мајчин охридски дијалект, но ја чувствува потребата за еден општословенски јазик, кој сака да го поврзе со вековното влијание на словенскиот развоен пат на јазикот, поточно поврзан уште со времето на Климента, како еден вид измислен од него „литературен јазик“. Пред него „и денес горат безбројни кандилца во Охрид“. Толку е длабок Климентовиот култ во Охрид и денес“.
Ова во својата рецензија за книгата „За Прличев и неговиот ХIХ век“ од проф. Д-р Вера Стојчевска - Антиќ и приредувачот М-р Милчо Јованоски ќе го напише, проф. д-р Георги Сталев, еден од најдобрите познавачи на животот и делото на Прличев кај нас.
Од друга страна, ќе биде забележано дека доменот на научни истражувања на авторката, проф. д-р Стојчевска - Антиќ се движи од IX до XIX век. Колку што биле силни и значајни тие почетоци во IX век, толку на одреден начин останале недоволно идентификувани во XIX век. Таа и во овој труд ги бара постојните преоди на нашиот јазик од времето на старословенскиот литературен јазик, кој во разните словенски средини преминува од XII век во црковнословенски, за да се дојде до XIX век со потреба од изразување на сопствен литературен јазик, различен од бугарскиот, од српскиот, а разбирливо тоа е евидентно и со грчкиот јазик.
Од таму, авторката во своето образложение за делото најнапред со констатација дека Прличев има големи заслуги за Охрид, за нашата земја воопшто. Меѓутоа, како што вели, ако „продреме малку подлабоко во неговото творештво ќе видиме какви длабоки корени во него оставил Свети Климент Охридски, не случајно создавачот, творецот на Охридската книжевна школа за што се пишувани бројни студии во светот“.
Згора, професорката Стојчевска – Антиќ истакнува дека во однос на јазичните прашања постои спектар на сознанија почнувајќи од фактот дека еден сиромашен охридски ученик толку добро го совладал грчкиот јазик што достигнал врв на височината да биде прогласен за добитник на највисоката годишна грчка поетска награда, ловроносец, „Втор Хомер“ за делото „Сердарот“ во Атина 1860 година. Меѓутоа, тој многу бргу се разочарал во сфаќањето на гордите Грци за непочитувањето на неговиот род за да се откаже од грчката култура и да пишува на свој дијалект или на таканаречен „општословенски јазик“ кој не доживеал успех. Од таму, таа со констатација дека неговиот вистински израз доминира со длабинското познавање и усвојување на охридскиот дијалект на кој јазик најискрено и најсоодветно пишувал и говорел кога им се обраќал на своите сонародници.
„Мошне значаен момент за неговиот однос и мислење кон јазикот претставува неговото писмо упатено до бугарскиот критичар Нешо Бончев. Прличев му го испратил за објавување преводот на „Илијада“. Бончев го одбил текстот и му ги истакнал писмено грешките. Прличев бил навреден и меѓу другото му одговара на критичарот: Вие не требаше да набројувате толку многу грешки. Требаше да напишете само Глигор Прличев не го знае бугарскиот литературен јазик. Сметам дека поточен одговор за Бугарите од оној што го наведува нема, зашто Глигор Прличев беспрекорно, до совршенство го знаел и го говорел својот охридски дијалект научен од неговата сакана и намачена мајка“, заклучува професорката Вера Стојчевска – Антиќ.
Покрај нејзините 12 трудови книгата содржи и автографски записи, документи, мислења од охридскиот новинар, Милчо Јованоски. Тој изнесува податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло (прв пат во печатена форма) за најастарите македонски изданија на негови значајни дела, филмови за Прличев, Прличевите визити, добитниците на наградата за најдобра поема...
„Уверен сум дека нема човек од Охрид кој е близок до книжевноста и јазикот а кој на еден или друг начин не посакал да му се доближи условно речено на Прличевото време и да стави камче во големиот мозаик сврзан со него . Ете мене искрено ми се исполни тој сон да творам за нашиот Прличев. Од дете, па до овие мои скоро шест децении неколку пати сум ја читал „Автобиографијата на Прличев“ и верувајте одново при секое читање сум откривал многу нови факти кои како првпат да ги читам. Тоа е доказ дека Прличев е слоевит автор. Тој со своите дела оставил неизбришлива трага во вкупната меморија на луѓето и тлото до каде што стигнал. Од Охрид до Атина, Софија, Солун и пак Охрид. Неговиот живот е преполн со плими и осеки. Воздигнат до Хомера, нападнат од мнозина. Болен не само физички туку и во душата. Разочаран од постапките на луѓето околу него, згаснува неговиот живот. Вљубеноста во родниот Охрид била дотолку голема што градот го нарекувал „таткојна“. Тоа доволно сведочи за него и односот кон сограѓаните, градот и дојденците. Оваа „книжевна читанка“ истовремено е мал туристички водич низ Охрид. Истражував и обелоденив податоци и слики за куќата и гробот на Григор Прличев, за семејното стебло кое за прв пат се објавува кај нас во печатена форма, за најстарите изданија на негови значајни дела кои ги поседува нашата библиотека, филмови за Прличев, Прличевите визити, добитници на наградата за најдобра поема... Секој мој текст започнува со некоја мисла на Прличев. Би заокружил со онаа на извесен Наум Филев кон Прличев при посетата на затворот во Охрид во кој бил затворен Прличев пред да го одведат во затворот во Дебар, која зборува за големата почит на охриѓани кон него: Знаиш ли дека машко и женско трчет кон св. Климентовиот храм? Знаиш ли колку свешчи горет пред св. Климента за вашето спасениe?“ , истакнува Јовановски
Инаку, планирано е книгата „За Прличев и неговиот XIX век“ од Д-р Вера Сточевска - Антиќ и приредувачот М-р Милчо Јованоски, посветена на патронот на НУ Библиотека во Охрид, да биде промоворана на почетокот од февруари во рамките на манифестацијата „Прличеви беседи“. Нејзиното издавање финансиски е помогнато од Министерството за култура и Општина Охрид.