Српскиот претседател Александар Вучиќ разговарал два часа со Србите кои што живеат во северот на Косово да се повлечат од барикадите, затоа што добиле гаранции од ЕУ и САД дека ќе им бидат исполнети барањата. Ова во јавноста го соопшти директорот на Канцеларијата за Косово во Владата на Србија, Петар Петковиќ. Тој посочи дека до оваа одлука дошло по заедничкото соопштение на САД и ЕУ во кое се изразува загриженост за тензиите и се бара од двете страни да преземат итни мерки за деескалација на ситуацијата.
„Ги поздравуваме уверувањата на раководството на Косово дека на Косово нема списоци на српски државјани кои ќе бидат уапсени или кривично гонети за мирни протести/барикади. Истовремено, мора да се почитува владеењето на правото, а секоја форма на насилство е неприфатлива и нема да се толерира“, се подвлекува во заедничката изјава.
Петковиќ, изјави дека „никогаш немало посилни гаранции од САД од ЕУ кога се во прашање барањата на Србите“, кои тие ги поставени со цел да се повлечат од барикадите.
Претставниците на Србите кои учествуваат во блокадите на северот на Косово бараат ослободување на уапсените Срби и „повлекување“ на наводните списоци со имиња на Срби кои ќе бидат уапсени од косовската полиција.
Според Петковиќ најдобрата вест е дека Дејан Пантиќ е пуштен во домашен притвор.
„Тоа е голема победа, пред се за српскиот народ во Косово“, рече Петковиќ.
Неколку часа претходно властите на Косово му ја сменија мерката на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ од затворски притвор во домашен притвор.
Апсењето на Пантиќ поттикна некои локални Срби да ги блокираат патиштата на север. Косовската полиција го приведе поради сомневањата за терористички напад односно дека тој бил вмешан во нападот врз членовите на Централната изборна комисија на северот на Косово на 7 декември.
Косовските власти незадоволни од судскат одлука, судиите со порака не се мешајте
Косовскиот премиер, Албин Курти изрази негодување поради одлуката судот во Приштина да му ја смени мерката притвор со мерка домашен притвор на Пантиќ.
Тој во обраќање пред новинарите, попладнево изјави дека би сакал да знае „кој е тој судија“ кој го пушти од притвор Пантиќ, кој се сомничи за тероризам.
„Кога имате обвинение за тероризам да пуштиш некого во домашен притвор. Многу сум љубопитен да разберам кој е обвинителот што го поднесува ова барање и кој е судија на претходна постапка што го одобрува“, додаде тој.
Судскиот совет на Косово изрази загриженост поради ваквата изјава на Курти. Во нивната реакција е наведено дека судиите се и треба да бидат независни во извршувањето на уставните и законските должности, а тенденциите за мешање се неприфатливи и најостро се осудуваат.
„Јавно го известуваме премиерот Курти дека врз основа на Уставот и законот, надлежното службено лице кое ја донело оваа одлука се вика судија на Република Косово, одлуки кои мора да се почитуваат без коментар, без исклучок, вклучувајќи ја и Владата“, се наведува во соопштението од судскиот совет.
Обвинителството соопшти дека оваа промена е направена поради здравствената состојба на поранешниот полицаец Дејан Пантиќ.
„Специјалното обвинителство на Република Косово, врз основа на здравствениот, а воедно и човечкиот аспект, на Основниот суд во Приштина му предложи замена на мерката притвор за обвинетиот Пантиќ, бидејќи не можел да ги уживаат правата на притворениците“, се вели во соопштението.
Обвинителството соопшти дека по посетите на медицинските тимови на мисијата ЕУЛЕКС било констатирано дека Пантиќ не е во добра здравствена состојба и било препорачано да биде испратен во болнички центар, „но, оваа препорака не била спроведена.“
Поради блокадите, од 10 декември се затворени две гранични точки што ги поврзуваат Косово и Србија - Јариње и Брњак. Дополнително на 27 декември поради поставени барикади на територијата на Србија затворен е и граничниот пункт Мердаре. Според денешната одлука на косовскиот суд, ден по поставувањето на блокади на Мердаре, Дејан Пантиќ треба да биде префрлен во домашен притвор.
Зошто има тензии?
Косово стекна независност од Србија во 2008 година, речиси една деценија по герилскиот бунт против репресивното владеење на Белград.
Србија, сепак, сè уште смета дека Косово е составен дел од нејзината територија и ги отфрла сугестиите дека ги зголемува тензиите и конфликтот во границите на својот сосед. Белград ја обвинува Приштина за газење на правата на малцинските Срби.
Етничките Срби, кои не ја признаваат владата во Приштина или косовските државни институции, сочинуваат 5% од 1,8 милиони жители на Косово, а етничките Албанци сочинуваат околу 90%.
Околу 50.000 Срби кои живеат во етнички поделеното северно Косово одбиваат да ја признаат владата во Приштина или статусот на Косово како земја одвоена од Србија. Тие имаат поддршка од многу Срби во Србија и нејзината влада.
Зошто повторно растат тензиите?
Нови етнички тензии избувнаа од 10 декември кога Србите поставија повеќе блокади на патиштата и разменија оган со полицијата по апсењето на поранешен полицаец за наводен напад врз полицајци кои служеле за време на претходниот протест.
Застојот доаѓа по неколкумесечни неволји околу прашањето за регистарските таблички на автомобилите.
Косово со години сака околу 50.000 Срби на север да ги сменат нивните српски таблички на автомобили издадени од Приштина, како дел од желбата на владата да наметне власт над својата територија.
Градоначалниците на етничките Срби во северните општини, заедно со локалните судии и околу 600 полицајци, поднесоа оставки во ноември во знак на протест.
Откако беа подигнати барикадите на почетокот на декември, српските трупи почнаа да се концентрираат на југот на земјата, на границата со Косово. Тие беа стационирани во касарната во блиската Рашка, каде што неколкупати ги посетија министерот за одбрана и началникот на Генералштабот.
Иако досега, во екот на тензиите со Косово, борбената готовност на армијата беше подигната неколку пати, ова е првпат Србија да ги вклучи сите полициски единици, кои се ставени под команда на началникот на генералот Штабот на Војската на Србија, во највисок степен на готовност.
Што бараат Србите?
Србите во Косово сакаат да создадат здружение на општини со мнозинско српско население, кое би функционирало со поголема автономија.
Србија и Косово постигнаа мал напредок по ова и други прашања откако во 2013 година се обврзаа на дијалогот под покровителство на ЕУ.
Која е улогата на НАТО и ЕУ?
НАТО има околу 3.700 војници стационирани на Косово за одржување на мирот. Алијансата рече дека ќе интервенира во согласност со нејзиниот мандат доколку стабилноста во областа биде загрозена.
Мисијата на Европската унија за владеење на правото на Косово (ЕУЛЕКС), која пристигна во 2008 година, сè уште има околу 200 специјални полицајци таму.