Достапни линкови

Војната во Украина нема да го скрати патот на Македонија до ЕУ


Седиштето на Делгацијата на ЕУ во Скопје
Седиштето на Делгацијата на ЕУ во Скопје

Ситуацијата во Украина нема да го забави процесот на интеграција на Македонија во ЕУ, порачаа евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер. Патот кон ЕУ, посочуваат тие, е преку реформите и преку дијалогот со Бугарија.

Тоа што Украина бара брз прием во ЕУ, нема да го забави европскиот пат на Северна Македонија, велат евроамбасадорот Дејвид Гир и амбасадорот на Франција, Сирил Бомгартнер, кои денеска одржаа заедничката прес-конференција во врска со актуелната криза во Украина. Франција е актуелен претседавач со ЕУ. Амбасадорите велат дека брзиот пат кон ЕУ се реформите. и дијалогот Скопје- Софија.

„Не е прашање само да стане земја членка на ЕУ како таква. Како што стојат работите моментално тоа некако би створило слабост, земјата треба да се подготви за нејзиното членство во ЕУ, но прво што треба да се направи сега е да се отворат пристапните преговори“, рече евроамбасадорот Гир.

Францускиот амбасадор вели дека новиот геополитички контекст само ја зајакнува стратешката важност за стабилизирање на регионот.

„Особено за Северна Македонија на премин кон нова етапа, а тоа е регионална интеграција. Тој нов контекст не може да предизвика спротивни ефекти“, рече амбасадорот Бомгартнер.


Бугарија го блокира почетокот на преговори на Македонија за влез во ЕУ, тврдејќи дека земјава ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот. Со доаѓањето на нови влади во двете земји на почетокот на годинава преговорите меѓу Скопје и Софија се интензивираа.

Амбасадорите на денешната прес-конференција го поздравија дијалогот, нотирајќи дека така се решаваат спорови, а не со употреба на сила.

„Да ги оставиме тие што преговараат меѓусебе да најдат решенија. Европските институции и француското претседателство го следат сето тоа со високо ниво на внимание и се спремни кога ќе дојде соодветниот момент да го дадат својот придонес за да може во најкраток можен рок овие позитивни моменти да бидат крунисани со успех кој сите го посакуваме. Во овој стадиум не станува збор за бараме протагонизам, ниту пак да даваме некакви недоследни изјави, туку да му дозволиме на процесот кој во очите на сите е ветувачки да се остварува во најдобрите можни услови“ рече францускиот амбасадор.

Отпор на украински цивили против руските војници
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:20 0:00

Амбасадорите ја отфрлија споредбата меѓу Русија и Украина и меѓу Бугарија и Македонија

Амбасадорите, одговарајќи на новинарско прашање, ја отфрлија споредбата дека односите меѓу Русија и Украина се слични на оние меѓу Бугарија и Македонија, велејќи дека Москва има агресорски пристап кон Украина, а Бугарија била меѓу првите земји што ја призна Македонија, ја поддржа за НАТО и помога при евакуација на македонски државјани од Украина.

Османи - Момент е да се смени тоа што Западен Балкан е дупка во ЕУ

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска говорејќи за проширувањето на ЕУ во контекст на актуелната ситуација со Украина, рече дека Западен Балкан е слаба точка на ЕУ и дупка во нејзиното тело и оти сега е момент тоа да се смени.

„Проширувањето на ЕУ е пред се безбедносна политика и важна безбедносна компонента. Се надеваме дека ЕУ ќе смогне сили и ќе направи веднаш брзи чекори, а најлесниот пат е веднаш да почне преговори со Северна Македонија. ЕУ мора да ја смени динамиката во регионот. Од четирите отворени прашања во регионоот, БиХ, Косово, РСМ и Албанија, со започнувањето на преговорите со Скопје и Тирана ќе реши веднаш две и тоа ќе помогне за затворање и на другите две“, рече Османи во гостување на ТВ 24.

Ѓоргиев - Со Бугарија не се согласуваме што значи заедничка историја
please wait

No media source currently available

0:00 0:12:35 0:00

Тој посочи дека продолжува процесот на решавање на отворените прашања со Бугарија и се надева дека и Софија ќе го сфати моментот дека проширувањето на ЕУ е дел од безбедносната политика. Очекува да продолжи и ангажманот на САД за надминување на проблемот.

ЕУ сака да го ослабне агресорот и да и помогне на земјата жртва

Амбасадорите на ЕУ и на Франција во земјава порачаа дека Украина е жртва и мора да и се помогне на кој било начин, нотирајќи дека откако почна агресијата на 24 февруари, ЕУ воведе три пакети санкции кон Русија, а се разгледува и можноста како на брз начин да им се помогне на луѓето кои бегаат од војната, со тоа што ќе им се олеснат условите за престој, работа и образование во земјите членки на Унијата и нивните партнери.

Францускиот амбасадор во Скопје рече дека првата цел на ЕУ е во насока да се ослабне агресорот, потоа да и се помогне на земјата жртва. Тој потсети дека за првпат Унијата одлучи да помогне во купување оружје, за како што рече, херојскиот народ на Украина. И трета цел, вели францускиот амбасадор е да се спаси Европа. Крајната цел е да се мобилизира целиот меѓународен фактор, вели амбасадорот Бомгартнер. Тој додава дека можеби е се уште рано, но може да се извлечат одредени лекции од актуелната ситуација. Како пример го наведува одговорот на меѓународната заедница.

Европа не е политичко џуџе

„Европа од сето ова е поголема и посилна. За они кои се уште и веруваат Европа покажува дека не е политичко џуџе, туку силен актер на кој сега може да сметаме. Мислам дека сите овие настани го зголемуваат расудувањето дека навистина е неопходно Европа да се зајакнува, оти историјата се менува и станува сила што сака сопствена одбрана сопствена стратешка автономија од областа на енергетиката, но исто така и зајакнување на капацитети за сопствено производство во критични сектори. ЕУ се повеќе се афирмира како голем политички актер во светскиот поредок“, рече францускиот амбасадор во земјава.

Амбасадорите ја поздравија улогата на Македонија за помош околу Украина, и како што рекоа, земјава служи за пример во рамките на НАТО и е силен партнер на ЕУ. Македонија се приклучи кон санкциите, што ЕУ ги воведе кон Русија поради инвазијата на Украина. Земјава го затвори воздушниот простор за руски авиони, а препорача и да се укинат руските телевизии на операторите во земјава. Османи најави дека покрај воена помош, Украина ќе добие и хуманитарна помош.

Амбасадорите Гир и Бомгартнер на новинарско прашање дали се загрижени за можна дестабилизација на Западен Балкан, рекоа дека Унија во партнерство со САД долго се присутни во овој регион и дават придонес за стабилизирање на оваа зона.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG