Достапни линкови

Кој е одговорен за нереализираниот План за чист воздух?


Аерозагадување во Скопје. 10.11.2020
Аерозагадување во Скопје. 10.11.2020

Ќе преземе ли некој одговорност за неисполнувањето на ветувањата од Планот за чист воздух, со кој за две години аерозагадувањето во Скопје требаше да биде намалено за 50 проценти, а во другите градови за 30 отсто, прашуваат граѓански организации за заштита на животната средина?

Не е реализирана целта со Планот за чист воздух со кој аерозагадувањето во Скопје требаше да биде намалено за 50 проценти во рок од две години, потврди за РСЕ министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Тој посочи дека со Планот за чист воздух имале буџет од 120 милиони денари во 2018 година и дополнителни 100 милиони денари во 2020 година и оти со тоа одредени училишта, градинки и јавни институции биле реновирани и направени енергетски поефикасни, но дека намалувањето на загадувањето во Скопје за 50 проценти „за жал сѐ уште не го постигнавме.“

„Причината поради која не го постигнавме е поради фактот дека треба да промениме многу во системот за загревање во нашата земја. Треба да направиме многу контроли и проверки во индустријата“, вели Нуредини во интервју за Радио Слободна Европа кое ќе го емитуваме в недела.

Според него, кон загадувањето значително придонесува и сообраќајот. Тоа, како што вели, се покажало за време на полициските часови поради Ковид-19 „кога дознавме дефинитивно дека сообраќајот и транспортот“ значително придонесуваат кон загадувањето.

„Тоа значително се намали за време на полициските часови“, вели Нуредини.

Планот за чист воздух, со кој власта ветуваше дека загадувањето на воздухот во главниот град Скопје во рок од две години ќе биде намалено за 50 проценти, а во останатите градови за 30 проценти, на крајот на 2018 година го промовираше тогашниот заменик министер за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули.

Од граѓанската организација „О2 Иницијатива“ велат дека уште тогаш ги навеле бројните недостатоци на Планот. Од организацијата посочуваат дека укажале на тоа дека целта нема да биде реализирана.

„Ниту во Влада, ниту во Министерството за животна средина и просторно планирање, никој повеќе не зборува во јавноста за овој План, иако ќе треба да се излезе со финалните анализи, кои се причините поради кои не ја исполнил целта, што од ветеното во Планот е исполнето, а што не и зошто, и дали некој конечно ќе преземе одговорност за неисполнувањето на планот и неостварените цели“, наведуваат од „О2 Иницијатива.“

На прашање на РСЕ, кога може да се очекува во Скопје да има зима со намалено аерозагадување од 50 проценти, министерот Нуредини рече дека не може да даде точна прогноза до кога, бидејќи ,според него, потребно е сите индивидуално да преземат мерки и акции, вклучително централната и локалните власти.

„Побаравме од Владата и од министерот за правда да го промени Законот за прекршоци и да ги исклучи казните за загадување на животната средина. Тоа всушност неодамна помина на Влада, поточно помина оваа недела, сега ќе оди во Парламентот и јас верувам дека сите во Парламентот ќе го поддржат законот, бидејќи кој и да загадува, за тоа треба да биде казнет и постојат одредени рамки во кои индустријата може да работи“, вели Нуредини.

Аерозагадување во Скопје. 10.11.2020
Аерозагадување во Скопје. 10.11.2020

Тој додава дека ќе предложат и други амандмани и закони, односно дека еден од клучните кој ќе има влијание врз намалувањето на аерозагадувањето ќе биде амандманот на Законот за квалитет на амбиентниот воздух.

„Со овој амандман, ќе ги задолжиме општините да имаат планови за управување и готови акциски планови. Секоја општина, која има повеќе од 35.000 жители и оние со помалку од 35.000, но кои имаат историско загадување, исто така ќе треба да имаат план за управување. Тоа значи дека доколку одредени лимити се надминати, тие ќе бидат овластени да го менуваат сообраќајниот систем, да ги менуваат работните часови, дури ќе бидат овластени да го ограничат работењето на некои компании (фабрики).“, вели Нуредини.

Според него, тоа ќе биде една од клучните работи за менаџирање на ситуацијата, но дека ќе работат на развивање на системот за загревањет на домаќинствата, на мобилноста, но и дека истовремено ќе има повеќе проверки за индустријата.

„Исто така, побаравме буџетот на државните инспектори за животна средина да биде зголемен, за да има повеќе инспектори на терен, за да можат да прават повеќе проверки и да бидат сигурни дека фабриките не загадуваат. Ова се само некои од законите“, вели тој.

Тој најавува измени и на Законот за животна средина, идентификување на сите историски индустриски жешки точки, нов Закон за отпад за подобро управување со отпадот и помалку горење на отпад.

„Ние ги предлагаме политиките и очекуваме сите други институции да бидат вклучени во процесот, од полицијата, до јавниот обвинител, локалните инспекторат, да ги исполнат нивните обврски и да делуваат“, вели Нуредини.

Македонија има долгогодишен проблем со загадувањето. Воздухот, особено во грејната сезона, е високо загаден скоро во сите градови во земјата, посебно во Скопје, Тетово, Струмица, Битола...

Проблем е и загадувањето на водите и почвите. Депониите со илјадници тони линдан, канцероген пестицид забранет пред неколку децении од Обединетите нации, сѐ уште се лоцирани во некогашниот хемиски гигант Охис, на неколку километри од центарот на Скопје.

Линданот ги загадува почвите, подземните води и се разлетува низ воздухот во главниот град Скопје.

Депонијата на Охис е најопасна од 16-те дефинирани еколошки жешки точки. Од вкупно 16, таа е меѓу трите еколошки жешки точки кои се наоѓаат во главниот град Скопје, заедно со депониите на фабриките „Охис“ и „Макстил.

Меѓу другите жешки точки во земјава се депонијата на троска на топилницата за олово и цинк во Велес, па потоа следуваат Бучим, Лојане, рудниците за олово и цинк Саса и Тораница, Злетово во Пробиштип, термоелектраните РЕК Битола и РЕК Осломеј, Фени индустри, поранешната фабрика за гипс во Велес, Годел, ОКТА и Тане Цалески.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG