Достапни линкови

Некои бојкотираат, некои на настава, МОН не отстапува од дигиталните учебници


илустрација, празна училница
илустрација, празна училница

Учениците во неколку основни и средни училишта низ државата и денеска ја бојкотираат онлајн наставата. Бојкотот е револт кон најавената реформа во образованието којашто се однесува на замена на печатените учебници со дигитални.

Во дел од училиштата во земјава денеска повторно имаше делумен бојкот на наставата. Наставата претежно ја бојкотирале основните училишта, но има информации дека и некои средни училишта се влучиле во бојктот.
Бојкотот на наставата е инициран од фејсбук група „Учебници и настава мора да има" која апелира до родителите да ги повикаат своите деца преку отсуство од часовите со физичко присуство или со онлајн настава да изразат незадоволство од реформите. Групата брои над 70 000 членови.

Од групата се заканија дека доколку Министерството за образование не ги чуе нивните барања најавија дека в недела ќе излезат на протест низ сите градови во земјава. Бараат да се стопира носењето на Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, кој го усвои Владата на 27 април и за кој во Собранието треба да организира јавна расправа, а стручни претставници непосредно да учествуваат во негова ревизија и интервенции.

Драгана Спасевска, една од огранизаторите на бојкотот преку фејсбук групата, вели дека дел од родителите и учениците веќе добиле закани и одредени притисоци.

„Се работи за закани од типот на намалени поведенија, некои ученици се повикани на разговор кај директорите, се пишуваат неоправдани изостаноци, но сето ова ќе помине, најважната работа е да го стопираме законот. Ние имавме пропуст на наставата од цел месец во септември, па никој не реагираше зошто нема настава, сега реагираат за два дена отсуство“, ни изјави Спасевска.

Таа очекува средба со министерката за образование Мила Царовска во следниве неколку дена, а во спротивно Спасовска најавува интензивирање на бојкотот во форма на мирни протести.

„Ќе организираме мирни протести каде сите засегнати страни ќе го изразат своето незадоволство, а потоа прашањето ќе се решава и правно, преку граѓански иницијативи со собирање потписи и правно решавање на овој проблем директно во Собранието“, категорична е Спасевска.

Бојкотот на наставата ќе продолжи се додека организаторите не остварат средба со министерката за образование.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека реакциите на толку голем број граѓани треба да бидат сфатени сериозно и дека надлежните треба да размислат како ќе постапат во иднина.

„Законот нема да го коментирам, но она што е симптоматично во целата работа е немањето слух од МОН и минстерката Царовска кога гледа дека луѓето се организираат, револтирани формираат групи и сакаат да го сопрат овој процес. Формирање група од 100 000 луѓе која сака да го сопре овој начин на работа не е некоја банална работа и навистина треба да размислат“, вели координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.

Министерката Царовска пак, пред неколку дена во Собранието го обвини ВМРО-ДПМНЕ дека стои зад бојкот на наставата на дел од средношколците тој ден, бидејќи како што образложи граѓаните ќе имаат можност да изберат меѓу дигитални и печатени учебници со Предлог-законот за учебници и други наставни и дидактички материјали во основно и средно образование, усвоен од Владата.

Сојузот на средношколци го осуди бојкотот на наставата и го нарече манипулација која оваа организација не ја поддржува. Сојузот на средношколци демантира дека е организатор на бојкот на наставата поради дигитализацијата на учебниците и дека тоа се лажни вести со кои одредени групи манипулираат со јавноста.

„Сојузот никогаш не организирал ниту, пак, повикал на бојкот поради дигитализацијата на учебниците. Нема потреба од такви појави. Дигитализацијата на учебниците се однесува само на четврто одделение, кои ќе бидат дигитални од септември, а многу години ќе поминат додека отпочне процесот на дигитализирањето на наставните материјали во средното образование. Не можам да тврдам дека бојкотот е изманипулиран од политичките партии, но се гледа дека има обид да се партизира оваа прашање“, изјави Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци.

Од Министерството за образование денеска потврдија дека помали групи на ученици од неколку училишта во државата не ја посетуваат наставата организирана со физичко присуство, односно не се вклучени во онлајн наставата.

„Апелираме до нив и до нивните семејства, да ја променат таквата одлука и заедно со сите други ученици да се вратат на часовите и на процесот на стекнување знаења, што впрочем треба да биде нивен приоритет и единствена грижа. Секое неоправдано отсуство предизвикува импликации во педагошката евиденција која ја водат наставниците за образованието и поведението на учениците, а воедно потоа тоа отсуство треба да се надоместува преку организирање на дополнителна настава, соопштија од МОН.

Од министерството повторуваат дека промените во основното образование се целосно во интерес на учениците и унапредување на образованието, а дигитализацијата на материјалите за учење е тренд насекаде во светот кој како што додаваат, не смее да ја одмине нашата земја.

Како дел од новата реформа во образованието надлежните најавија електронски учебници како замена за печатените. Од нив ќе учат учениците од четврто до деветто одделение во основните, но и учениците во средните училишта.

Од МОН претходно соопштија дека доколу од било кои причини некој ученик не е во можност да ги користи електронските учебници, училиштата имаат должност да ги испечатат и во хартиена форма да им ги доделат книгите, што значи материјалите за учење ќе му бидат достапни на секој ученик. Заштедата на средства по основ на печатење на учебници, ќе се релоцира за поддршка на општините за набавка на електронски уреди токму за овие ученици.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG