ВМРО-ДПМНЕ собира потписи за поднесување на иницијатива до Собранието за престанување на важењето на законот за попис согласно Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните и кога ќе ги собере потписите ќе ги поднесе во Собранието кое потоа треба да ја стави на дневен ред точката.
Истото, односно постапка во парламентот за законот за попис, опозициската партија може да го направи и преку своите пратеници, но со собирањето на потписи од граѓаните, како што вели портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски, сака да покаже дека против ваков попис се и многу граѓани.
„Многу е важно на власта да и се укаже и практично на некој начин да се освести дека впрочем не само опозицијата како политичка партија е против овој закон и против на некој начин избрзан попис во ек на пандемија туку дека и граѓаните и целата јавност е против нивното самоволие “, вели Арсовски за Радио Слободна Европа.
Пописот е тема во јавноста речиси една декада, откако во 2011 година, кога и требаше да се спроведе, тогаш владејачките ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ го стопираа веќе почнатиот процес во кој прво имаше несогласувања Македонците и Албанците, членови на комисијата, кои подоцна преминаа и во партиски и политички препукувања. Најавите тогаш беа дека ќе се одржи за половина или за една година. Законот за попис се донесе оваа 2021 година од актуелното владејачко мнозинство на СДСМ и ДУИ, но ВМРО-ДПМНЕ смета дека не е добро да се одржи за време на пандемија со коронавирусот, а и дека законското решение овозможува само како што велат политичко, а не статистичко пребројување.
Сега, опозициската инијатива со собирање потписи треба да помине неколку фази. Прво, според член 66 од Законот за реферундум и други облици на граѓанско изјаснување треба да се соберат најмалку сто потписи во оваа прва фаза. Потоа, кога ќе се соберат, треба да се поднесат до претседателот на Собранието кој најмногу за три дена треба да го извести подностителот на инцијативата за понатамошната постапка. Собранискиот спикер има можност да побара мислење и од Уставниот суд кој пак треба да ја соопшти својата позиција за 15 дена. Ако иницијативата е уредна, претседателот на собранието треба да го извести премиерот кој пак, како што пишува во Законот, го известува органот на државна управа надлежен за евиденција на избирачкото право.
Потоа би требало да почне и собирањето на потписите, најмалку 10 000, за иницијативата да се смета за успешна. Законот предвидува Собранието без расправа да донесе одлука за граѓанската иницијатива најмногу во рок од 30 дена од денот на приемот на предлогот.
„Мислам дека се може да се заврши до наредниот месец и иницијативата да влезе во собраниските процедури“, вели Арсовски кој нагласува дека бројката граѓански потписи ќе биде доста висока.
Но, на крај повторно се зависи од пратеничките гласови, па ако има мнозинство, законот за попис би бил одложен, а ако не тој ќе се спроведе за два месеца, како што е сега предвидено.
Според Алберт Муслиу од Асоцијацијата за демократски иницијативи АДИ се работи за легитимен чекор на опозицијата.
„Ова е политички потег кој ќе си го користат и за внатрешно партиско пребројување и организирање и за сопствена агенда. Инаку за поништување на законот може и пратениците да си потегнат иницијатива да ја стават на дневен ред и ако имаат мнозинство да ја изгласаат, што не верувам бидејќи пред скоро време беше донесен законот“ вели Муслиу.
Законот за попис беше донесен кон крајот на минатиот месец со 62 гласа „за“, без ниту еден „против“ и „воздржани“.Владејачката коалиција предводена од СДСМ доби поддршка за Законот од Алијансата за Албанците и Алтернатива, а за законот не гласаше ВМРО-ДПМНЕ.
Подоцна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски предложи пописот да се одложи за шест до 12 месеци кога, како што рече нема да има ниту избори, ниту ваква кризна ситуација. Неговиот предлог е да се спроведе електронски попис.