За производство на добро и квалитетно македонско вино потребни се љубов и голема посветеност, услови имаме, но ни недостасува добра промоција за развој на домашниот вински туризам, вели Александар Клинчаров, сопственик на малата семејна винарија „Клинчарови“ сместена во селото Ресава, Тиквешко.
Овој производител на вино кој е еден од ретките кои има сопствен лозов насад планира годинава да произведе 3, 5 тони литри вино. Заедно со сопругата, двете ќерки, дедото и бабата произведуваат еколошко, чисто вино.
„Виното бара специјални услови на производство. Тоа е посебна култура. Тоа бара посебни услови за производство, прием и преработка на грозјето и начинот на чување. Тоа бара и инвестирање, вложување во опрема. Сега за сега, се е на наш грб, сами со наши средства инвестираме, но се надеваме на помош и од државата за некои неповратни средства, грантови за да може да аплицираме на повикот и да учествуваме“, вели Клинчаров.
Во изминатата година 40 мали винарии од земјава се регистрирале како семејни бизниси. Освен во Тиквешкиот регион кој е познат по производството на вино, мали винарии се регистрирани и во Битола, Прилеп, Куманово, Скопје.
Претседателот на Здружението „Тиквешки семејни винарии“, Горан Јаковлевски вели дека законските олеснувања и можноста да го продаваат своето вино во продавниците или угостителските објекти во земјава, била една од причините поради која винариите се регистрирале како семејни бизниси.
Тој вели дека и од овој бизнис може да се заработи и додава дека интерес за вински туризам постои како кај домашните, така и кај странските туристи, претежно од соседна Србија.
„Нормално дека има простор за заработка. Ако нема заработка никој нема да работи. Луѓето сакаат да пробаат нови вина, ние нудиме и дегустација на вина кога некој ќе ја посети винаријата, разговараме за тоа како се прави виното и сл. Она што ни недостига е промоција. Ние засега се трудиме да се рекламираме само преку социјалните мрежи, ограничени сме со средства, но се трудиме добро да ги презентираме и виното, и културата и македонската традиција. Има интерес од домашните винољубци, но штета е да не им понудиме на пример на српските туристи кои се движат кон Грција да не им понудиме алтернатива да дојдат кратко до нашите објекти и да уживаат во овие наши прозводи, вели Јаковлевски.
Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот велат дека го промовираат домашниот вински туризам и работат на заеднички проект со Србија и Црна Гора наречен „Пат на вранецот“ која е автохтона сорта вино, карактеристична за сите три земји.
„Отворањето на малите семејни винарии е одличен старт за отпочнување на ено-гастро туризмот во државата кој во овие пандемсики времиња може да дојде како освежување на туризмот, зголемување на ножевањата и задржување на туристите една нож повеќе во тие подрачја. Меѓудругото Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во гатрономскиот водич има одредено дел кадешто ќе бидат промовирани поголем број на вински региони и сорти на вино кои можат да се најдат во земјава, но и со збогатување на содржините на онлајн рекламирањето во Косово, Албанија, Турција, Србија, Бугарија и Полска ќе се потрудиме да побудиме дополнителен интерес и на странските туристи да ги посетат не само семејните винарии, туку да отпочнеме една друга перцепција и развој на винскиот туризам во државата“, вели директорот на АППТ, Љупчо Јаневски.
Јаневски вели дека во соработка со туристичките агенции веќе има интерес и од нив, па одделни тур-оператори во своите понуди го вклучиле и винскиот туризам и нудат вински тури. Па така се нудат еднодневни, но и дводневни викенд тури низ семејни винарии во Кавадарци и Неготино. Се посетуваат винарниците, се дегустира во соби за дегустација, а опција е и ноќевање.
Цената на едно шише вино произведено во малите семејни винарии во моментот се движи од две до шест евра. Овие винопроизводители велат дека иако Македонците се познати како големи консументи на пиво, сепак знаат да препознаат добро вино и да уживаат во дегустација на истото.