Достапни линкови

Борел: Србија и Косово ќе разговараат како да го спроведат планот на ЕУ


Средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак, Брисел 27 февруари 2023
Средба на српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел со шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел и специјалниот пратеник Мирослав Лајчак, Брисел 27 февруари 2023

Во Брисел српскиот претседател Вучиќ и косовскиот премиер Курти се согласија веќе да не преговараат околу предлогот на ЕУ за нормализација на односите, туку да продолжат да разговараат како да се имплементира. Следната средба на Вучиќ и Курти ќе се одржи во Северна Македонија на 18 март.

Лидерите на Србија и Косово начелно го прифатиле предлогот на Брисел, но ќе им бидат потребни повеќе разговори за да утврдат како да го спроведат. Ова е наведено во соопштението од кабинетот на шефот за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел по средбата со српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти во Брисел.

По неколкучасовните разговори Борел најави дека ЕУ наскоро ќе го објави својот план за нормализирање на односите меѓу двете земји. Борел признава дека ќе треба уште многу да се работи за да се договори како да се спроведе Анексот за имплементацијата во основа ќе води кон фазата на спроведување на планот и ќе биде потребна уште една лидерска средба во средината на март.

Борел и претставникот на ЕУ за дијалогот Косово-Србија, Мирослав Лајчак, на 27 февруари во Брисел ги примија лидерите на овие две земји. На преговарачката маса беше предлогот на ЕУ, насловен „Договор за нормализација меѓу Косово и Србија“.

ЕУ денеска ги потсети двете страни на нивната обврска за спроведување на сите претходни договори за дијалог, кои остануваат валидни и обврзувачки, а во меѓувреме, како што е наведено, специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак ќе ги посети Косово и Србија за да ги продолжи денешните разговори и да се подготви за следната средба на високо ниво.

Според нацрт предлогот во кој увид имаше РСЕ, предлогот на ЕУ вклучува заложба на двете страни да ги почитуваат сите досега постигнати договори во дијалогот за нормализација на односите, како и заложба да не се попречуваат меѓусебно во интегративните процеси.

Двете страни се согласија да се воздржат од какви било некоординирани дејства што би можеле да доведат до обновени тензии на теренот и да ги нарушат овие преговори, се додава во соопштението.

Вучиќ- имавме тежок состанок

По средбата српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека денешниот состанок бил тежок и дека се договориле да продолжат со преговорите.

„ Верувам дека ќе имаме многу средби во наредниот период“, рече Вучиќ.

„Колку што разбрав, ќе треба да се сретнеме на територијата на Северна Македонија на 18 март. Потоа (шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел ќе го посети регионот“, рече Вучиќ.

Вучиќ изрази надеж дека е можно да се постигнат некои компромиси и да се работи на имплементација на постоечките договори.

„Но, се плашам дека можеме да останеме заглавени во нешто што е одамна потпишано“, изјави Вучиќ пред новинарите.

Тој додаде дека на средбата инсистирал на темата „ Заедницата на општини со српско мнозинство, но како што вели, Курти не беше подготвен да го прифати тоа сега.

„ Ќе видиме дали ќе го прифати во иднина“, рече Вучиќ.

На новинарско прашање дали Србија е подготвена да го признае Косово, Вучиќ одговори дека Србија е во Обединетите нации, но дека Косово не е.

„ Секогаш сме ја почитувале Повелбата на ОН и нашиот Устав, а според неа Косово и Метохија е дел од Србија“, рече Вучиќ.

Српскиот претседател посочи дека ЕУ очекува извештај за тоа дали Белград и Приштина постигнале нешто до 23 и 24 март, кога ќе се одржи Европскиот совет.

„И во согласност со тоа ќе ја третираат европската интеграција на двете земји“, додаде Вучиќ.

Курти- Постигнат договор за содржината на европскиот предлог, ама не го потпишавме

Курти по средбата потврди дека страните се договориле за содржината на европскиот предлог.

„Тоа беше потврда дека европскиот предлог е прифатлив и непроменлив. Следува планот за имплементација. Ние сме на добар и еднонасочен пат за нормализирање на односите. Тоа е договор на симетрија, добрососедство и соработка во иднина“, изјави Курти.

„Не потпишав затоа што другата страна не беше подготвена да потпише. Мислам дека е штета што не беше потпишан вечерва, бидејќи се договоривме“, додаде тој.

За подготвеноста Косово да ги спроведе договорите за Заедницата на општините со српско мнозинство на Косово, Курти рече дека за ова зборувал претходно.

„Тоа е член 10, тоа е последната реченица од практично последниот член, и јас сега одговорив на ова“, им рече тој на новинарите во Брисел.

Претходно, по неодамнешните средби со дипломати, Курти и Вучиќ сигнализираа поддршка за планот, но и се пожалија на одредени аспекти од договорот.

Косово и Србија повеќе од десет години водат дијалог за нормализација на односите со цел да се постигне конечен договор. Сепак, страните имаат различни очекувања за тоа како би требало да изгледа тој договор. Косово инсистира на меѓусебно признавање, а Белград бара компромисно решение.

Заедницата на општини со српско мнозинство беше договорена во 2013 година, додека во 2015 година беа договорени принципите по кои треба да се формира.

XS
SM
MD
LG