Достапни линкови

Ангел Димовски Чауш: Секогаш сум сакал повеќе да дадам отколку да земам од уметноста


Македонскиот уметник Ангел Димовски Чауш во своето ателје во Скопје
Македонскиот уметник Ангел Димовски Чауш во своето ателје во Скопје

Својата петта деценија творештво македонскиот уметник Ангел Димовски Чауш ја одбележа со големата ретроспективна изложба што се одржа во МАНУ и неодамна со добиената наградата за најдобра скулптура „Боро Митриќевски“ што му ја додели ДЛУМ.

Ангел Димовски Чауш, како што вели самиот, е „скулптор, сликар и графичар, а понекогаш се‘ заедно“. Уметник во вистинскиот смисол на зборот. Творец. Еден од оние што постојано е во движење и кој „не страда од недостиг на инспирација“. Кој од поодамна и од искуство заклучил дека дека „ја има најубавата професија“. И, конечно кој никогаш не престанал да патува. Ни мисловно, ни физички. Дури и во својата седма деценија од животот.

Инаку, роден е 1952 година во Крнино, Велес. Факултет за применета уметност, отсек вајарство, завршил во 1973 во класата на професор Димо Тодоровски. Во следните четири години студирал Историја со археологија на Филозофскиот факултет, за да со отворањето на Факултетот за ликовна уметност во 1980 година се префрли на оваа високошколска институција на отсекот за вајарство со театарска , филмска и телевизиска сценографија. Дипломирал во класата на професорот Петар Хаџи Бошков во 1984 година.

Самостојно изложувал во земјава и во странство, а остварил и повеќе студиски патувања во земји како Франција, Италија, Шпанија, Германија, Грција, Египет, Турција, САД...

Голем број на негови дела се наоѓаат во приватните колекции на познавачи на уметноста од Америка, Европа и од Африка... а од 1984 година член е на ДЛУМ и од 2002 и на Француското друштво на ликовни уметници LA MAISON DES ARTISTES. Живее и работи како слободен уметник во Македонија и во Франција, а деновиве како и многу години наназад лесно можете да го најдете на Азурниот брег.

„Танчерката на Дионис VII“ - Награда за најдобра скулптура „Боро Митричевски“ од ДЛУМ

Димовски, неодамна за делото со наслов „Танчерката на Дионис VII“ ја добивте наградата за најдобра скулптура „Боро Митриќевски“ што ја доделуваат ДЛУМ и семејството на доајенот на македонската уметност. Што ви значи вам ова признание и колку признанијата можат реално да бидат стимул за еден творец во кариерата?

За еден искрен творец на полето на ликовната уметност, најважното нешто е самиот чин на творење, затоа што тоа е професија која се работи со огромна љубов, и ако тој труд биде уште крунисан со награда, како признание на сработеното, задоволството е уште поголемо. Меѓутоа добивањето на награди е секогаш многу поважно и со поглеми емоции се доживува во младоста, кога како млад уметник сеуште го бараш вистинскиот пат и израз, и тогаш наградата е потврда да продолжиш напред со поголем елан и енергија. Оваа награда сепак ми е посебно драга што го носи името на нашиот доајен во ликовната уметност, академик Боро Митриќески. Тој беше голем творец на полето на вајарството и беше мој многу близок пријател, колега и другар, и многу често беше гостин во моето атеље а и јас во неговото, каде што имавме неисцрпни дискусии на тема уметност.

Што е она што како порака, како емоција, видување... сакавте да го покажете со награденото дело? Станува ли збор за скулптура креирана како единка од некоја серија или можеби само изблик на моментот во вашето творештво?

Награденото дело „Танчерката на Дионис VII“ е едно од серијалот од 10 скулптури насловени „Танчерките на Дионис“ кои се дел од последната моја изложба во ликовниот салон на МАНУ оваа година. Во овој серијал се претставени 10 млади разиграни и разголени девојки занесени во својата игра при гмечењето на грозјето, несвесни за својот еротски набој и сензуалност кој го испраќаат кон публиката, која сето тоа го чувствува.

Кога би се свртеле назад кон годините, децениите зад себе што е она што би го заклучиле: дека доволно сте дале и зеле од уметноста што ја творите независно од тоа што во меѓувреме се измешаа работите и што вистинските вредности се замаглени, а и критиката никако да го најде излезот од лавиринтот на локалниве (не)прилики?

Ова моја последна изложба ми беше и еден вид јубилејна, 50 години творештво. Кога ќе се вратам наназад во тие пет децении, ќе се забележи голема творечка активност и максимална посветеност кон уметноста, реализирани многу дела, многу изложби, добиени многу признанија и награди. Секогаш сум сакал повеќе да дадам отколку да земам од уметноста, сум бил задоволен од тоа што уметноста ми давала мир и спокој во душата, и тоа ми било сосема доволно. За жал во ова време-невреме што го живееме, поместени се сите критериумите на вредности па така што незнам колку реално се валоризира целокупниот труд од публиката и критиката.

Како и со какви амбиции вие своевремено влеговте во вашата уметничка авантура? Што е Ангел Димовски Чауш – скулптор, сликар ... или творец кој сака во различни медиуми и со различни техники да ги побара вистините, да ги изрази емоциите. Да ја живее уметноста во нејзината суштина?

За мене уметноста е магија и кога влегов во светот на уметноста бев заслепен и занесен од таа магија. Во уметноста не влегов со некои големи амбиции освен тоа да бидам во центарот на магијата и да живеам во тој магичен свет. Не сакам визуелната уметноста да ја делам на вајарство или сликарство, јас сум едноставно творец во уметноста кој ги користи сите расположливи медиуми, така што јас сум скулптор, сликар и графичар а понекогаш се заедно. Понекогаш правам спој од сите наведени дисциплини. Посебно во моите тврорби слики-објекти, каде што скулптурата и сликарството се испреплетуваат.

Ангел Димовски Чауш - „Тера депонија“ слика - објект, комбинирана техника 2017 година

Во месец март годинава, одбележувајќи ги сопствените пет децении во творештвото, во Ликовниот салон на МАНУ на вашата самостојна изложба претставивте 60-на дела – скулптури, цртежи, слики, објекти ... изработени во различни материјали, бронза, дрво, алуминиум, мермер... па дури и некои од последниве години досега не изложувани пред публиката. Што вам лично ви покажаа оваа поставка? Задоволен ли сте од реакциите на културната јавност?

Творењето е радост за еден уметник, меѓутоа човекот- уметник е социјално битие и има потреба таа радост да ја сподели со своите најблиски ( семејството, пријателите) и пошироката публика . Затоа се тука изложбите како еден завршен свечен чин. Оваа година во март месец беше моето последно претставување пред публиката, мојата 18-та по ред самостојна изложба во ликовниот салон на МАНУ. На изложбата сакав да се претставам во сите техники во кои што творам. Иако се наоѓавме сеуште во пандемија и малку бев скептичен во однос на посетеноста, сепак на вечерта на отварањето, Ликовниот салон беше претесен да ги прими посетителите, што ми претставување посебно задоволство.

Колку новите творби ви отвораат простор за нови уметнички авантури. Ќе имате ли желба, сили, инает... за нови и свежи потраги? Од каде по толку многу време во уметноста ги црпите инспирациите?

Уметникот кој твори редовно не страда од недостиг на инспирации, затоа што едно ново дело секогаш ви носи безброј нови идеи за нови дела. Оваа година иако ќе наполнам веќе седум децении живот, сеуште сум полн со желба и енергија за нови идеи и ново творештво. Мислам дека еден човечки век е многу краток период за еден уметник да реализира се што носи во душата, секогаш ќе остане недоискажан.

Конечно, со толку многу искуство зад себе дојдовте ли до некаква своја констатација што значи да се биде денес уметник? Особено ако знаеме дека културата и уметноста посебно одамна се на опашката од некаква општествена хиерархија кај нас.

После толку долг период на творење и стекнато големо искуство, доаѓам до констатација дека ја имам најубавата професија. Цел живот да работиш нешто што неизмерно го сакаш, и затоа никогаш не си уморен од работата. Секој нов ден влегувам среќен и орен за работа во моето атеље. Иако сум свесен дека уметноста кај нас е одамна на маргините на општеството, меѓутоа тоа е секогаш така во кризни времиња. Прво страда културата и уметноста. Уметниците се чудни суштества, тие се многу истрајни и никогаш не се предаваат.

Од таму што вие лично би им советувале на младите творци, на колегите кои допрва треба да го изодат патот до афирмација? Како го советувате и својот син Стефан Димовски во неговите заложби да го пласира сопственото творештво пошироко и надвор од постојаниве граници?

На младите творци на кои допрва им претстои да го изодат патот до афирмација би им советувал да бидат упорни на тој пат, да не се предаваат, да не потклекнуваат лесно, да се бескомпромисни и да веруваат во себе и своите идеи. Ме радува тоа што и мојот син Стефан Димовски тргна по тој пат на уметноста, и успешно и стабилно го гази. Истото ова што го кажувам се однесува и за него. Во однос на пласирањето на својот труд на интернационалниот пазар, мислам дека младите се повични на тоа поле, и во ова време на компјутери кога цел свет им е на дланка, во таа насока треба од нив да учиме.

Неодамна бевте доста активен околу вонредното собрание на ДЛУМ на кое за претседателка беше избрана вашата колешка Јана Манева Чуповска. Очекувате ли Друштвото сега да тргне по нови смерници кон враќање на сопствениот кредибилитет? Ќе се вложите ли и лично во таквите настојби? Што треба според вас да се стори?

Член сум на ДЛУМ веќе 40 години, и во неколку наврати бев и во раководството на ДЛУМ, а еднаш и претседател на уметничиот совет. Сведок сум на многу успеси и падови на друштвото. Деновиве имавме вонредно собрание за избор на нов претседател на ДЛУМ, после немилиот настан со претходниот претседател Филип Фидановски, кој ја разниша нашата доверба, проневерувајки финансиски средства од касата на ДЛУМ, кои и онака се секогаш скромни. Избравме нов претседател меѓутоа старите проблеми остануваат. ДЛУМ е препуштен сам на себе. Иако секогаш новото раководство влегува секогаш со елан да се избори со наталожените проблеми, институциите не застануваат зад нас доволно. Се сеќавам на времето на социјализмот, врз кој сега сите фрламе со дрва и камења, ДЛУМ беше институција која на повисоко ниво се грижеше за уметноста и уметниците. Ликовната култура беше на повисок пиедестал, достоинствено помогната од државата. Не сум голем оптимист дека нешто подобро не чека. Останува на младите поборбено да ги истакнуваат наталожените проблеми и да се борат за нивно решавање, јас тука можам да помогнам само со совет, ако некој воопшто побара, но немам енергија да се борам со ветерници.

Конечно, успеваме ли да држиме чекор со стремежите на светската уметничка сцена? Што според вас на македонската ликовна сцена, на нашите творци им недостига во тенденциите за засилен пробив на меѓународно ниво – талент или галеристи, помагатели...

За пробив на нашите уметници на меѓународна сцена им е потребна оригиналност, да не трчаат слепо по западната култура која е во длабока криза, и во таа криза се раѓа една идиотска дегенеративна уметност, која нашите уметници ја величаат како нешто прогресивно и позитивно, а во реалноста е тотално безвредна со чест на мали исклучоци.

Нашите уметници секогаш каскаат позади “прогресивните светски трендови”. На нашите уметници им е потребно да понудат нешто од нашето поднебје и од нашето напластено богато минато, а не слепо да трчаат по западната култура.

Претпоставувам дека овие констатации својот корен го имаат во вашата потреба да се движите, да патувате ...да го изучувате светот околу себе и уметноста во директните контакти со луѓето. Ја продолжувате ли приказната или...

Во младоста бев опседнат со патување. Како млад уметник секогаш наоѓав некоја “тезга” и секој заработен динар го користев за некое мое патување. Сите мои патувања впрочем беа еден вид на студиски патувања. Основна цел на тие патувања беше посета на најзначајните културно уметнички споменици, галерии, музеи и се она што е поврзано со уметноста воопшто. На тој начин запознав многу земји низ Европа, Африка и Азија. На тие патувања во многу туристички места сретнував многу уметници кои изработуваа портрети и карикатури и уметнички сувенири за туристите. Па така и јас добив таква идеа, и на тој начин можев да си ги финансирам патувањата. Во далечната 1982 година со тогашниот мој другар Оливие Златку исто така ликовен уметник, решивме да заминеме на југот на Франција, поточно на Азурниот брег како најпозната туристичка дестинација со своето култно место Сан Тропе. Една сезона останавме таму, а следната година ја сменивме локацијата во Сан Рафаел, кој се наоѓа во непосредна близина, и така таа приказна трае се до денес 40 години. За време на овој долг период поминат во Франција имам направено безброј контакти со колеги уметници, и љубители на уметноста. Мојата работа може да влезе сигурно и во Гинисовата книга на рекорди бидејќи за време на овој 40 годишен период имам изработено разни дела како портрети, карикатури, акварели, акрилици, можеби грубо пресметано околу 50.000 дела на број се распространети буквално низ сите точки на оваа наша планета земја. Од оваа моја работа јас сега сум веќе и француски пензионер, меѓутоа приказната продолжува понатаму и јас сеуште одам во Франција, и кога овој разговор ќе биде објавен јас веќе ќе бидам во Сан Рафаел.

И, за крај ја планирате ли новата средба со публиката од сега? Кога би се случила таа и што притоа вие би претставиле од купот во сопственото ателје?

Активно учествувам скоро на сите групни излагања на ДЛУМ. Секогаш новите идеи ги изложувам на овие изложби, а кога ќе се соберат повеќе нови дела тогаш планирам самостојна изложба. Бидејќи оваа година веќе се претставив со самостојна изложба, ново самостојно претставување би се реализирало во догледно време.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG