Додека Скопје и Софија истражуваат осомничени „службеници кои работеле за поткопување на разговорите меѓу Македонија и Бугарија во интерес на Русија“, а 68,9 отсто од Бугарите (според февруарското истражување на Галуп интернејшанал Балкан) велат дека Софија треба да ја задржи тврдата линија во однос на пристапните преговори на Македонија со Европската унија, останува отворено прашањето што е следно на релација Софија - Скопје. Војната во Украина и утврдувањето на геостратешката позиција на Софија во однос на Москва и Брисел, го стави ветото за Македонија во втор план во Бугарија, но не го исфрли од анализите за евентуални последици од следните чекори на релација Софија - Скопје.
Бугарскиот премиер Кирил Петков пред една недела изјави дека Бугарија за прв пат добила сериозна поддршка од Брисел за новиот приод кон Скопје, а потоа, како што пренесоа вести.бг и БТА, кажа и дека со македонскиот колега Димитар Ковачевски утврдиле цели и динамика, па некогаш невозможното - сега е можно со брзи чекори. Оптимист е и претседателот на бугарското Народно Собрание, Никола Минчев, кој вели дека е оптимист за засилување на преговорите со Македонија, а кои паднале во сенка од февруари.
Бугарското вето за старт на преговорите на Македонија за членство во ЕУ опстојува веќе две години. Бугарија инсистира на признавање бугарски корени на македонската историја и јазик, што за македонската страна е неприфатливо. Едно од барањата на Софија е и внесување на Бугарите во Македонија во македонскиот Устав, нешто за што се уште нема конечен одговор од официјално Скопје. Од официјален Брисел велат дека вратата за преговори е отворена веднаш штом Македонија и Бугарија ќе се договорат.
Темата „Македонија“ не може да свика мнозинство во Народното Собрание
Сепак, како што велат дел од бугарските аналитичари, меѓу кои и политикологот Димитар Ганев, темата Македонија во бугарското Народно собрание не може да свика мнозинство, но дека може да има решение преку Советот на министри, односно преку Владата, што е потег ризичен за коалицијата на Петков.
„Опозицијата ќе отвори многу моќен фронт во коалицијата со Бугарската социјалистичка партија (БСП) и со партијата Има таков народ (ИТН), доколку 'Промените продолжуваат' и инсистира без компромис да го укине ветото на преговорите со Република Северна Македонија и тоа може да биде блиску до колапс на коалицијата“, изјави Ганев во емисијата „Офанзива“ на Нова ТВ.
Според него, за оваа тема клучни ќе бидат претседателските избори во Франција, по што „ќе има развој“.
Петков: Процесот да се забрза во текот на следните неколку недели
Сепак бугарскиот премиер во своите изјави кажува пократки рокови за нови придвижување на работите. Тој по неодамнешната средба со премиерите на Македонија, Романија и на Црна Гора, рече дека Северна Македонија има место во европското семејство и дека „бугарската влада е посветена да го постигне тој резултат што е можно побрзо“.
„Има неколку пресвртници што треба да ги расчистиме, вклучително и заштита на правата на малцинствата. Работиме во тесна координација со европските партнери кои во многу случаи служат како трета страна во преговарачкиот процес и чекаме конкретна формулација да се вметне во преговарачкиот договор. Нашите односи се многу подобрени во последните три месеци, токму затоа што толку многу зборуваме“, премиерот Петков.
Според него, постои и заедничка цел и во актуелната криза со војната во Украина, и, како што вели, „Западен Балкан мора да тргне по патот на влез во ЕУ“.
„Овој процес мора да започне за Република Северна Македонија и Албанија. Очекувам овој процес да се забрза во текот на следните неколку недели. Што се однесува до билатералните средби меѓу поединечните министри, ќе потпишеме дополнителни меморандуми. Сакам јасно да кажам дека имам намера брзо да одам напред и оптимист сум дека ќе го оствариме сето она што го планиравме со Димитар Ковачевски“, изјави Кирил Петков на 28 март.
Ангел Димитров вели дека е направен само мал чекор напред
Сепак, бугарската опозиција не го штеди Петков поради ваквите ставови, особено што официјално не се изјаснил за пописот во Македонија според кој во Македонија има „само“ 3500 Бугари, наспроти оние над 87.000 издадени бугарски пасоши на македонски граѓани, како што вели поранешната шефица на бугарската дипломатија Екатерина Захариева во изјава во емисијата „Брисел 1“ на „Бугарија он-ер“, а пренсе Днес.бг..
Со критика и минимален оптимизам е и копретседателот на мешовитата историска комисија на Бугарија и Македонија, Ангел Димитров.
„За жал, има мал напредок од состанокот на Историската комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија. Направен е оптимистички исчекор во однос на претходните години. И тоа беше на претходната средба“, изјави Димитров на 4 март, а пренесе бугарската агенција БГНЕС.
Ковачевски: Да се шутне топката во вистински правец
Според македонскиот премиер Димитар Ковачевски, за Македонија, „задоцнетиот процес на интеграција во ЕУ е извор на системска ранливост, чиишто ефекти се прелеваат на целиот регион, а злонамерните актери лесно и вешто го искористуваат“. За него е важно да се одржат првите меѓувладини конференции и да се отпочнат пристапните преговори и со Македонија и со Албанија сега, за време на француското претседателство со ЕУ.
„Ако ништо не се случи до јуни ќе страда самиот политички моментум. Многупати во меѓусебните разговори со европските колеги го слушам аргументот за влијанието на изборните циклуси. Политичката поддршка, како и насекаде, се важни за вас, како и за нас. Тогаш зошто да се ризикува да се изгуби посветен партнер подготвен да ја направи вистинската работа? Каква порака би испратило тоа до останатите земји и народите од Западен Балкан?“, изјавил Ковачевски на редовниот брифинг со амбасадорите на земјите членки на ЕУ на 5 април, а соопштија од македонската Влада.
Според него, малку е потребно за да се шутне топката во вистинската насока и да се постигне заедничка победа и за Македонија и за Западен Балкан и за Бугарија и ЕУ во целина.
Реакции има, но не и детали за аферата
Исто како и шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи, ни македонскиот премиер Ковачевски не открива детали за случајот со „службениците кои работеле против преговорите на Македонија и Бугарија“. Тој изјави дека се преземени мерки за македонските службеници за кои има сомнеж дека работеле против добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија.
„Со министерот за надворешни работи од првиот ден имавме информација за тоа што се случи и тоа беше предадено на службите за безбедност што се задолжени за таа проблематика. Детали не можам да откривам, бидејќи се работи за класифицирани информации. Премиерот Кирил Петков даде јавна изјава дека постојат лица кои работеле против нивните интереси (интересите на Бугарија), а потоа и против добрососедските односи и против постигнувањето на евентуален договор. Како што е познато, во Бугарија има истрага, а јас немам причини да не му верувам на премиерот на Бугарија бидејќи тој тоа многу транспарненто го соопшти во обем на кој може да се соопшти, бидејќи се работи за класифицирани информации и истрага. За нашите службеници преземени се активности, но не можам да ви кажам други детали“, изјави премиерот Димитар Ковачевски на завчерашната прес- конференција во Битола.
Ден претходно, бугарскиот премиер Кирил Петков, изјави : „Агентите што беа откриени како руски шпиони во бугарската Државна агенција „Национална безбедност“ (ДАНС), работеле против добрососедските односи на Бугарија со Северна Македонија и со Западниот Балкан“.
„Тука треба сите да се замислиме зошто руската држава инвестирала средства преку нејзината шпионска мрежа за таа цел“, изјави Петков, а пренесе бугарски „24 часа“.
- Стејт Департмент по изјавата на Петков: Време е да му се даде приоритет на Западен Балкан
- Пендаровски: Tреба да му се верува на Петков за руските агенти кои работеле против Скопје и Софија
- Османи: И кај нас и во Бугарија ќе има обиди на „спојлери“ да го попречат подобрувањето на односите
Македонскиот претседател Стево Пендаровски по изјавата на бугарскиот премиер рече дека „треба да му се верува на Петков за руските агенти кои работеле против Скопје и Софија“ и дека „сите треба да се запрашаат дали долгорочен бугарски интерес е Македонија да стане дел од ЕУ или да остане една исклучена земја“.
И американскиот Стејт Департмент реагираше по изјавата на Петков: „Сега е време да се даде приоритет на мирот и безбедноста на Западен Балкан“.
Прашањето за „руското влијание“
Моментот со руското влијание и македонските евроинтеграции пред 20-ина дена го актуелизираше и копретседателот на историската Комисија од бугарска страна, Ангел Димитров, кога во колумна за бугарски БГНЕС ги повика ЕУ и САД да не ја критикуваат само Бугарија, бидејќи Македонија можела да биде „тројански коњ“ на Москва.
По повод таа колумна, македонскиот историчар Димитар Љоровски од Институтот за национална историја, чија специјалност меѓудругото се националните движења на Балканот во 19 и почетокот на 20 век, за Радио Слободна Европа изјави дека „оваа анализа на Димитров единствено води кон актуализација на историјата, а поврзано со моменталните случувања во Украина. Целта е, според него, да се стекнат подобри позиции за Бугарија пред европските и западните сојузници. Тој гледа нелогичности и од историска гледна точка во врска со поврзаноста на Македонија со Русија.