Достапни линкови

Абази: Немам лични контакти со соселанецот Ахмети


Ислам Абази
Ислам Абази

Функцијата му е предизвик и нема лични контакти со лидерот на ДУИ, Ахмети, изјави новиот шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Ислам Абази. Начинот на кој што е избран го смета како гаранција дека нема да има надворешни влијанија. Првата честитка му стигна од ДУИ.

Освоените 66 гласа се голема одговорност и мотив за што подобро и професионално да раководам со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција-ОЈО ГОКК, порача денеска новиот шеф на институцијата Ислам Абази, во неговото прво јавно појавување. Тој на функцијата ќе ја наследи Вилма Русковска, која иако повторно се кандидираше доби само 14 гласа од колегите. Од останатите кандидати Деса Пауновска доби 10 гласови, а зад Абази беше обвинителот Ермон Незири со освоени 64 гласови.

Абази кој доаѓа од Вишото обвинителство- Гостивар беше единствениот од четворицата кандидати за оваа функција кој немаше своја програма, не комуницираше со медиумите, не дебатираше со колегите и до денес не се појави во јавност.

Тој вели дека иако немал програма бил во постојана комуникација со обвинителите и им ја изложил неговата визија за тоа како планира да раководи. Новата функција, како што рече му е предизвик, а не е точно дека имал блиски контакти со лидерот на ДУИ, Али Ахмети.

„Јавно обвинителската функција е неспоива со вршење на друга јавна функција или членување во политичка партија. Спрема тоа никој пат не сум бил, ниту пак сум член на било која политичка партија. Ниту пак во моето досегашно работење сум оставил впечаток дека јас имам одредени да кажеме релации или позиции со одредена политичка партија“, рече Абази.

Потекнува од истото село со Ахмети, Зајас, но вели дека немаат лични контакти, како ниту со некои други личности од ДУИ. Иако додава дека не е забрането да се дружи со функционери, доколку нема некаква постапка против нив.

За прв пат шеф на ОЈО ГОКК по измените на Законот за јавни обвинители, се избра од страна на Советот на јавни обвинители по спроведено гласање од страна на сите јавни обвинители во земјава.

„Затоа е овој начин на избор на јавен обвинител да нема никакви надворешни влијанија, ни политички, ни бизнис, лоби групи“, рече тој.

Според него, гласовите кои ги добил кажале за неговата кариера и неговиот професионален ангажман. Абази информира дека најпрвин ќе се запознае со состојбите, а приоритет му е да ги пополни испразнетите места на обвинителите, да ги пополни местата во истражниот центар и да воведе дигитализација на обвинителството. Во однос на предметите на неговата претходничка Русковска, рече дека е неблагодарно да коментира додека не се запознае со работата на обвинителството.

Кој е Абази?

Абази кариерата како обвинител ја започнал во обвинителството во Кичево, а на функцијата бил избран во април 2012, според одлуката објавена во службен весник. Кариерата потоа ја продолжил во Вишото јавно обвинителство Гостивар каде преминал во декември, 2013 година. За виш јавен обвинител во Гостивар бил избран во ноември 2018 година.

Абази според анкетниот лист кој може да се најде на страницата на Државната комисија за спречување на корупција кога станал виш обвинител пријавил дека поседува стан од 105 метри квадратни во Кичево и возило. Неговата сопруга исто така поседува возило, а неговите родители имаат куќа во селото Зајас, како и стан во Кичево.

Колегите со пофални зборови

Поранешниот обвинител Константин Кизов, кој бил претседател на Советот на јавни обвинители кога Абази бил избран за обвинител и во Кичево и во Гостивар има само пофални зборови за новиот шеф на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Кизов вели дека Абази пред да стане обвинител работел како стручен соработник во судот во Кичево каде резултатите му биле на завидно ниво. Според него, Абази на ист начин се покажал и како обвинител.

„Сметам дека и на ова работно место како обвинител на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ќе покаже резултати. Тоа е мое мислење за Ислам Абази затоа што како обвинител го познавам. Тој не се експонира си ја врши работата чесно и во согласност со законот и сметам дека така и ќе продолжи и не се сомневам во тоа“, вели Кизов.

Претседателот на Советот на јавни обвинители, Антонио Јолевски откако беа соопштени разултатите од гласањето изјави дека очекуваат Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција да си ја завршува работата како што треба и оти новиот шеф ќе ги преземе сите мерки за да функционира според оние задачи и задолженија кои ги има.

„Дека ќе се гони криминалот, односно ќе се завршуваат повеќе предмети кои се во надлежност на тоа Обвинителство“, додаде Јолевски.

Претседателот на Комисијата Влатко Ѓеоргиев, за Абази кажа дека е исклучително добар човек и исклучително добар професионалец.

Честитки од заменик министерот за правда

Заменик-министерот за правда од редовите на ДУИ, Агим Нухиу е првиот функционер кој му честита на Абази и посочи дека со чинот на непосредно гласање Македонија влегува во уште поподготвено ниво во борбата против организираниот криминал и корупцијата.

Тој порача и дека очекува поголем напредок во оперативната соработка со меѓународните партнери и координација на активностите меѓу релевантни тела за борба против организираниот криминал и корупцијата со цел подобрување на ефикасноста на спроведување на законите.

„Со нетрпение очекуваме напредок во истражните постапки, гонењето и казнувањето на случаите на организиран криминал и перење пари со фокус на конфискација на имотот стекнат преку криминал“, порачува Нухиу во порака на Фејсбук.

Советот на јавното обвинителство во рок од седум дена треба да одржи седница на која ќе го именува на функцијата јавниот обвинител што добил најмногу гласови. Шеф на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција се избира на секои четири години.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG