Струмичанката Ристена Врговска има 12 години и желба да плете уште откако имала 10 години.
„Почнав откако за Нова година добив пакетче со игли за плетење во него. На интернет видов плетени мечиња и добив идеја да пробам. Моите први чанти беа од волница и многу се растегнуваа. Потоа дознав дека има конец кој не се растегнува толку многу и сега правам чанти со таков конец“, вели основката.
Учела од интернет, но и од бабите, а другарките биле зачудени бидејќи им било чудно некој на таа возраст да сака да плете.
„Старите занаети и сега може да вршат многу работа затоа што на младите им е интересно кога нешто е направено со раце, кога е ретро. На интернет гледам дека има многу на моја возраст кои плетат чанти“, додаде Врговска.
Таа е најмладата учесничка во проектот „Платформа за женско семејно претприемништво“ на здружението „Добредојде Македонија“. Ова здружение поддржано од амбасадата на Словенија во земјава им даде шанса на 35 девојки и жени од Скопје, Струмица и Струга, бесплатно да научат да шијат, плетат и везат. Поминаа неколкумесечна интензивна обука.
Најмлада од скопската екипа е 16-годишната Неда Стефанова. Учи на природно-математичка насока во приватна гимназија, но повеќе е заинтересирана за креативното. На обуката учела да шие.
„Особено поради фактот дека денес уметност може да се направи со пишување на неколку букви на компјутер, нешто вакво, кое е физичко и не е толку лесно да се направи, како со вештачка интелигенција и слично, многу е корисно. Ова е малку поцврста можност за мојата иднина отколку нешто како дигитален дизајн што ми беше првичен план“, вели Стефанова.
Таа е сигурна дека старите занаети може да бидат алатка за успех во новото време.
„Сите трчаат нанапред и забораваат колку може да се корисни овие занаети и колку ќе се оштети целиот свет ако тие изумрат бидејќи се битни за секојдневниот живот. Некои од жените во тимот беа многу среќни што на оваа возраст јас сум заинтересирана“, истакна средношколката.
Професорката Шпреса Ќура од струшкото средно училиште „Нико Нестор“ која со учениците во текстилно-кожарската насока работела на делот со кроење и шиење, вели било предизвикувачки бидејќи се млади, па треба малку да се поттикнат. Но, откако влегле во процесот, веднаш тргнало на добро. На нејзината ученичка, 16-годишната Диора Мена, посебно важна ѝ е уникатноста.
„Луѓето не сакаат да бидат идентични и секоја рака отсликува нешто различно. Секој има свој стил на работење. Имаше полесни и потешки модели, но сите успеавме да ги реализираме со помош на професорката“, сподели средношколката од „Нико Нестор“.
Колешката на Ќура, професорката Славица Негриеска, со учениците фокусирала на плетењето.
„Знаеме дека плетењето и везењето се во изумирање во Македонија, за жал, но со ваква можност, кај учениците се разви поинаков дух. Бараа и споделуваа туторијали на Јутјуб и цело слободно време го користеа за плетење. Некои навистина се пронајдоа и видоа дека нивните вештини биле длабоко скриени и вака излегоа на површина. Дури ни јас не бев свесна дека ги имаат во себе. Вака може да си обезбедат сопствена егзистенција“, вели Негриевска.
Оние кои имале од кого да учат дома, го комбинирале знаењето со тоа што го нашле онлајн. Таков е примерот на 18-годишната Евдокија Џероска од село Пискупштина, струшко. Таа овде гледа шанса за заработка.
„Нешто знаев претходно, а нешто заедно со тимов научивме. Имам баба која многу се трудеше и многу ми помогна за да успеам во сето ова. Потоа се вклучив во проектов преку класната. Младите во денешно време се малку заинтересирани за нешто вакво, но ова е нешто од кое може да се заработува и е можност за самовработување“, вели Џероска.
Стефани Нацевска студира нутриционизам на Природно-математичкиот факултет (ПМФ), а Љубица Апостолова е на Архитектура. Но, и двете се по шиењето и модниот дизајн.
„Мајка ми шиеше кога бев мала и мене ми беше многу интересно, па сакав да научам. Претходно имав гледано туторијали, но немав пробано. Мислам дека ова не е тренд, но индивидуално има желба кај некои да се занимаваат со ова. Мене лично ми беше баш интересно“, вели 22 годишната Нацевска.
Да сакаш да се занимаваш со рачна изработка е исклучок, се согласува другата студентка.
„Рачните изработки се тренд во светот според тоа што го гледаме на интернет, не знам во Македонија дали е така. Но, мислам дека нема многу луѓе кои сакаат да се занимаваат со рачна изработка и занаетчиство“, додаде студентката Апостолова.
Нивните креации се презентираа на модната ревија „Во ритамот на македонските традиционални занаети и креации“ која се одржа 9 декември, во Скопје. Модели беа жени од јавниот живот и сопруги на дипломати.
Во Скопје менторираше модната дизајнерка Катерина Тошева. Во Струмица, девојките и жените ги водеше Ивана Ангова, а во Струга, професорките Славица Негриеска и Шпреса Ќура. Главна менторка на целиот проект беше модната дизајнерка Ирина Тошева.
Освен на ревија, учесничките го покажаа и понудија сработеното и на базар.