Достапни линкови

Украински жени во руско заробеништво: „живееше доволно долго“


Викторија Андруша и Људмила Хусејнова
Викторија Андруша и Људмила Хусејнова

„Живееше доволно“, „доста ти е“, „жива ќе те запалиме“... Овие се дел од заканите кои на свој грб ги почувствувале две од многуте Украински кои биле затворени од руските сили. Викторија Андруша и Људмила Хусејнова раскажуваат каков „третман“ добиле во руски притвор

Три дена откако руските сили се префрлија преку границата во Украина, движејќи се кон главниот град, Викторија Андруша, 26-годишна наставничка по математика и компјутерски науки, им помагаше на нејзините родители кои живееја во село на околу 90 минути источно од Киев.

Руските трупи извршија претреси од куќа до куќа во селото Стариј Бикив. Во куќата на нејзините родители ја пронашле Андруша и нејзиниот мобилен телефон на кој имало фотографии и видеа од руска воена опрема.

„Тие само рекоа, имате статус на „стрелец-забележувач“, улога позната и како артилериски набљудувач, односно на некој кој помага да се насочи артилериски или минофрлачки оган кон непријателска цел. И токму луѓето со овој статус најмногу ги мразеа“, изјави таа за Курент тајм.

Ја уапсија. Следните шест месеци Андруша трпеше тепање, струјни удари, врзување очи, исцрпеност, глад, бескрајна досада и застрашувачка неизвесност. Таа не знаеше дали некогаш ќе излезе жива.

Украинските власти проценуваат дека повеќе од 25 000 Украинци моментално се држат во руско заробеништво од кои некои, во Донбас и Крим, се држени уште многу пред целосната инвазија во февруари 2022 година. Од таа бројка, 126 се жени, 80 од нив цивили, заклучно со 30 јуни.

Андруша е една од нив. Људмила Хусејнова е друга.

„Ова беше најстрашното нешто за мене“

Људмила Хусејнова, 61-годишна поранешна инженерка за безбедност на работното место, рече дека била уапсена од непознати мажи на 9 октомври 2019 година, повеќе од две години пред целосната инвазија, во Новоазовск, крајбрежен град Доњецк западно од руската граница.

„Бев застаната до еден автомобил. Тие скокнаа по мене и ме турнаа во тој автомобил. Ме одведоа до мојот дом, го пребараа, најдоа украински книги, украинско знаме, а потоа ми ставија торба преку глава и ме однесоа во непознат правец“, рече таа во интервју на 4 јули во Киев.

Хусејнова вели дека била однесена до градот Доњецк, на околу два и пол часа возење на север, со торбата сè уште на главата и без објаснување што ќе и се случи. Таа на крајот била донесена во затвор познат под името „Изолација“ во поранешна фабрика во која подоцна беше сместен центар за современа уметност.

„Кога ме донесоа таму, ме принудија да се соблечам. Кога почна малтретирањето и ме фрлија во ќелија, а друга девојка ми кажа за какво место се работи“, се сеќава Хусејнова.

„Не ми беше дозволено да седам или да легнам од 6 наутро до 10 часот навечер. Во близина беа поставени многу жешки светилки, на блиска оддалеченост од мојот кревет кои доколку го погледнете имате чувство дека ги горат очите“, раскажува оваа Украинка.

„И првите четири дена, она што го слушнав беа страшни крици. Само се молев на Бога тоа да не се врисоци на моите роднини. Ова беше најстрашното нешто за мене“, вели Хусејнова.

Од своја страна, Андруша рече дека била донесена во центар за притвор преку границата, во рускиот регион Курск, каде што и биле врзани очите и рацете.

„Само не клекнаа на колена и рекоа сега ќе стреламе“, рече таа во интервјуто снимено на 29 јуни.

Кога приведените пристигнале во притворот, сите поминале низ процесот на „прием“, рече таа. Таа раскажува дека приведените биле носени во внатрешен коридор каде што немало надзорни камери и дека биле тепани.

„Толку за тебе“

Таа рече дека била толку многу претепана, вклучително и шокирана со пиштол за шок, што во еден момент изгубила свест.

Таа се сеќава како нејзините киднапери велеле: „Веќе живееше малку. Па, доволно ти е“.

„Имаше момент кога реков дека веќе се онесвестувам и губам свест“, се сеќава таа и додава:

„Не ми веруваа и ми се заканија: Сега жива ќе те запалиме“, вели Андруша.

Од првиот ден од нејзиното заробеништво, Андруша рече дека од неа и од другите затвореници се очекувало да ја научат руската национална химна и биле укорени или казнети за какви било грешки или прекршувања.

„Не дај Боже да кажете некаде погрешен збор, да пеете тивко или нешто слично“, рече таа.

„Посебно ме изнервира нивната песна чичко Вова. Оваа песна беше само за пофалба на рускиот претседател Владимир Путин. Имаше моменти кога ме принудија да научам поезија. А една од овие песни беше наречена „Простете ни, драги Руси“.

Андруша рече дека често плачела.

„Кога плачев, го правев така да не ме видат чуварите. Потоа имаше момент кога едноставно не изнесоа во ходникот и вклучија видео за Мариупол, кога го покажаа бомбардираниот град и ги покажаа децата кои живееја во подрум. Тогаш сите овие емоции само излегоа надвор," вели Андруша.

„Сè уште не ми се јаде“

Гладот и жедта биле секојдневие во притворските центри.

„Имаше денови кога ни даваа само две мали парчиња леб за цел ден. И вода, и тоа е се“, вели Андруша.

Друг пат, раскажува таа на заробениците им давале каша од јачмен што според нејзините зборови била мешана со некаква земја и измет од глувци и било невозможно да се јаде.

Како последица на тоа, младата Украинка сè уште не може и не сака да јаде. Андруша, која беше ослободена од руско заробеништво на 22 септември 2022 година, продолжи да работи како учител.

Хусејнова, која сега живее во Киев и волонтира во невладина организација која се бори за правата на притворените жени, беше ослободена на 17 октомври 2022 година.

XS
SM
MD
LG