По повод Денот на независноста на Украина, во организација на Амбасадата на Украина и Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, денеска во центарот на Скопје се одржа марш, кој започна во паркот „Жена борец“, а заврши пред „Алеја на Украина“ каде беше интонирана украинската химна.
На настанот, свои обраќања имаа Амбасадорката на Украина, Лариса Дир, градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, и Претседателот на Здружението на Украинците „Лесја Украинка“, Олександр Урбанович.
Како што информираа претходно од украинската Амбасада, „овој ден втора година по ред се слави во услови на војна од големи размери на Русија против Украина“.
Руските трупи започнаа инвазија врз Украина од земја, воздух и море на 24 февруари минатата година и се уште трае. Овој напад е окарактеризиран како најголемата агресија од една држава врз друга во Европа од крајот на Втората светска војна.