Достапни линкови

Тензии во Чашка поради паралелката на албански јазик, наставата не почна


Чашка, 23.01.2024
Чашка, 23.01.2024

Тензично беше изутрината (23.01.2024) пред ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка, меѓу полицијата и родители што вчера и денес го продолжија протестот, почнат уште во првото полугодие, против, како што велат, „незаконско воведување паралелка на албански јазик во училиштето, незаконско назначување на в.д директорката и незаконски огласи за вработувања“ .

Тензии имало и вчера, вели Цвета Пешевска, претседателка на Советот на родители во ОУ „Тодор Јанев“, за Радио Слободна Европа(РСЕ).

Турканици пред основното училиште во Чашка
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:18 0:00

„Вчера (22.01) полицијата се обиде да направи кордон за да влезе в.д.директорката. Тука имаше реакција од граѓаните. Денеска повторно, преку кордон се обидоа да внесат наставници на што ние се спротиставивме. На една жена и се слоши. Дојде и Брза помош“, изјави Пешевска за РСЕ.

Според неа, на протестот има околу 30 жители на Чашка и уште толку полицајци.

Второто полугодие во ова училиште воопшто не почна.

„Не мрзневме два и пол месеци за сега да попуштиме. Поднесовме претставки секаде, се обративме до сите институции, никој не нѐ слуша ниту презема мерки“, вели Пешевска.

Советот на родители бара итна оставка на в.д.директорката Елена Николова и поништување на огласите за вработувања. По оставката, според Пешевска, би разговарале да се најде решение за паралелката со албански јазик.

РСЕ не успеа да добие став од в.д.директорката Николова.

Во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка нема настава од 22 ноември, кога родителите почнаа да протестираат, а учениците да губат часови.

Но, проблемот почна од август 2023, кога Министерството за образование и наука(МОН) му ги одзеде ингеренциите врз училиштето на градоначалникот на Чашка, Горан Стојановски и Министерството за образование наложи да се отвори паралелка на албански јазик за неколку првачиња.

Стојановски смета дека неговата општина се соочува со нафрлен проблем - таков што не треба ни да постои.

„Проблемот не е меѓуетнички, затоа што нема ни простор ни клима за такво нешто. Повеќе е меѓупартиска битка за гласови, оти по парламентарните избори напролет, ќе бидат важни локалните избори. На населението во Чашка му е јасно што се случува и не реагира“, изјави Стојановски за РСЕ по протестот на дел од родителите во декември 2023.

Според родителите Македонци - министерот за образование Јетон Шаќири насилно и притивзаконски сака да отвори албанска паралелка во училиште според чиј Статут наставата се одвива на македонски јазик, иако има и други училишта во околината во кои наставата е на албански јазик. Според родителите Албанци, тие имаат уставно право да учат на мајчин јазик.

Советот на родители предложи наставата за првачињата на албански да се префрли во село Сливник, опција што Министерството за образование не ја прифати.

Во ОУ „Тодор Јанев“ учат 210 ученици. Од нив, 65 се од албанска етничка заедница. Тие со организиран превоз доаѓаат од селата Бањица, Отиштино, Горна Чашка, Еловец, Голозинци, Бусилци, Крива Круша и Ново Село.

Во конкретната населба Чашка, каде е училиштето, живее македонско население за разлика од селата, кои се од разбиен тип и каде претежно живеат албански семејства. Тоа е номадско население кое наесен и во зима се симнува околу Чашка.

За време на претходните тензии, во средината на првото полугодие од учебната година,од МОН соопштија дека во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка е постапено според барањата на дел од жителите откако сите останати услови се исполнети (простор и пари) и се отвора паралелка на албански наставен јазик.

„Непотребно е мешањето на политиката во овој и слични случаи, затоа што со тоа се наштетува на најдобрите интереси на младите, да имаат квалитетно образование достапно на својот мајчин јазик“, соопштија тогаш од МОН.

Халит Ферати, директор на Државниот просветен инспекторат (ДПИ), смета дека политиката од почеток вмешала прсти во случајов. Инспекторатот е телото кое треба да врши надзор над квалитетот во образованието и примената на законите.

„Таму не се проблем законите и функционирањето на училиштето, колку што е проблем една толпа која протестира против албанскиот јазик и против директорката. Тоа е само алиби на луѓе од партии да го нарушуваат редот и мирот. Од тие што протестираат, 7-8 се вработени во општина. Со Чашка управува градоначалник од СДСМ во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Се прави блокада по етничка основа за градоначалникот да биде херој“, изјави Ферати за РСЕ, по протестот во Чашка минатиот месец.

Последните локални избори во 2021 ги обединија партиите на Албанците од власта и опозицијата и тие настапија со заедничка советничка листа за Чашка. Наспроти нив се советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, кои според локалните познавачи, си даваат поддршка при гласањето на одлуките.

XS
SM
MD
LG