Достапни линкови

СЗО и ОН апелираaт за прекин на огнот во Газа


Спасувачи бараат преживеани во урнатите згради во Појасот Газа
Спасувачи бараат преживеани во урнатите згради во Појасот Газа

Израелската војска ги засили воздушните напади во Газа на 29 октомври, вклучително и во близина на нејзината најголема болница, додека илјадници луѓе очајни за храна и основни производи упаднаа во складишта за помош во опколената енклава.

Интернетот и телефонската конекција денеска беа обновени за многу луѓе во Појасот Газа, откако израелските напади ги урнаа повеќето комуникациски мрежи на територијата доцна во петокот.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху во саботата најави „втора фаза“ во војната и рече дека Израел е решен да ги врати 229 заложници земени од Хамас за време на неговото крваво дивеење на 7 октомври.

Според Министерството за здравство во Газа, под контрола на Хамас, бројот на загинати Палестинци надмина 7.700, од кои повеќето се жени и деца.


Повеќе од 1.400 луѓе беа убиени во Израел за време на ненадеен упад на милитантите на Хамас, вклучувајќи најмалку 310 војници, според израелската влада. Досега се ослободени четворица од 229-те заложници.

ОН апелираат за прекин на огнот во Газа

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш го повтори апелот за итен хуманитарен прекин на огнот во Газа и повика на безусловно ослободување на сите заложници и доставување одржливо помош за луѓето на територијата.

Гутереш, кој е во официјална посета на Непал, ги осуди „ужасните напади извршени од Хамас“ и рече дека „никогаш нема оправдување за убиствата, повредените и киднапирањата на цивили“.

Гутереш, рече дека жали за потегот на Израел да ги интензивира своите воени операции во Газа.

Тој, исто така, ги потсети Израел и Хамас за нивните обврски според меѓународното хуманитарно право.

„Отсекогаш сум бил доследен во мојот повик за строго почитување на добро воспоставените принципи и правила на меѓународното хуманитарно право. Заштитата на цивилите е најважна. Светот е сведок на хуманитарна катастрофа што се случува пред нашите очи“, изјави Гутереш.

СЗО со повик за прекин на огнот

Шефот на Светската здравствена организација Тедрос Аданом соопшти дека по воспоставувањето на интернет конекцијата успеле да комуницираат со тимот на агенцијата во Газа.

„Тие рекоа дека последните две ноќи биле крајно напнати со многу воздушни напади - без гориво, вода, струја, поврзување и безбедно засолниште за евакуација“, напиша Аданом на социјалната платформа X, позната претходно како Твитер.

Тој додаде дека тимот на СЗО, како и другите во Газа, остануваат небезбедни и повика на итен хуманитарен прекин на огнот. Портпаролот на СЗО Тарик Јашаревиќ рече дека агенцијата има 30 вработени во Газа.

Портпаролот на палестинската Црвена полумесечина рече дека болницата Ал-Кудс во градот Газа примила два повика од израелските власти во неделата наутро со барање за евакуација.


Во соопштението објавено од организацијата се вели дека повиците претставуваат „јасна и директна закана дека болницата мора веднаш да се евакуира, во спротивност ќе сносат целосна одговорност за животите на сите во болницата“.

Портпаролот Небал Фарсах рече дека 12.000 луѓе во моментов се згрижени во болницата.

Одделот за интензивна нега е претежно окупиран од деца повредени во најновите воздушни напади.

„Повеќето од нив се поврзани со машини за кислород. Евакуацијата на нив би било нивно убиство,“ изјави таа.

Израелската војска не даде коментар веднаш во неделата. Војската им порача на околу 1 милион луѓе да се евакуираат во јужниот дел на Појасот Газа пред очекуваната копнена инвазија.

СЗО соопшти дека е невозможно да се евакуираат пациентите без да се загрозат нивните животи.

Илјадници луѓе во Газа упаднаа во магацините со хуманитарна помош

Илјадници луѓе во Газа упаднаа во магацини и дистрибутивни центри за помош, соопшти Агенцијата на Обединетите нации за помош и работа со палестинските бегалци (УНРВА).

Во централниот и јужниот дел на Појасот Газа, тие зеле пченично брашно и други предмети како што се хигиенски производи, соопшти УНРВА.

Една од локациите се користи за складирање на залихите за помош кои влегуваат во Појасот Газа од Египет во хуманитарни конвои.

„Ова е загрижувачки знак дека граѓанскиот поредок почнува да се урива по три недели војна и строга опсада на Газа. Луѓето се исплашени, фрустрирани и очајни“, изјави директорот на УНРВА во Газа Томас Вајт.

Ситуацијата со снабдувањето во Газа беше многу лоша дури и пред да избие војната и оттогаш значително се влоши во услови на блокада и масовно раселување.


„Масовното раселување на луѓето од северниот дел на Појасот Газа на југ изврши огромен притисок врз тие заедници, додавајќи дополнително оптоварување на распаднатите јавни услуги. Некои семејства примија и по 50 роднини кои се засолнија во едно домаќинство,“ рече Вајт.

Околу 80 камиони со разни стоки влегоа во Појасот Газа од Египет преку граничниот премин Рафах од почетокот на војната пред три недели. Вчера не можеше да влезе ниту еден конвој поради дефектот на интернет и комуникациските услуги.
XS
SM
MD
LG