Достапни линкови

Стејт Департмент: Забрана за влез на Кочо Анѓушев во САД


Кочо Анѓушев
Кочо Анѓушев

На поранешниот заменик премиер Кочо Анѓушев му е забранет влез во Соединетите Американски Држави, како што е наведено, „поради вмешаност во значителна корупција“, соопшти Стејт Департментот.

„Додека ја извршуваше функцијата вицепремиер, Анѓушев ја злоупотреби својата службена положба во корист на неговите приватни деловни интереси, поткопувајќи ја довербата на јавноста во Северна Македонија во владините институции и во јавни процеси. Денешната акција покажува дека САД стојат со оние во Северна Македонија кои бараат одговорност од корумпирани јавни функционери“, се вели во соопштението објавено на интернет страницата на Стејт Департментот.

Стејт Департментот им забрани влез во САД и на неговата сопруга Елизабета и на децата Ангел и Огнен.

Во соопштението пишува дека и оваа ознака за Анѓушев „ја потврдува посветеноста на САД за борба против корупцијата, која му штети на јавниот интерес, го попречува економскиот просперитет на земјите и ја намалува способноста на владите ефективно да одговорат на потребите на својот народ“.

По соопштението од Стејт Департментот се огласи и американската амбасадорка Ангела Агелер која на социјалната мрежа „Х“ порано позната како Твитер, напиша дека денешната одлука на Стејт Департментот е уште еден доказ дека Соединетите Држави ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во оваа земја и во регионот, без разлика на нивната позиција, политичка определба или времето на злоупотребите.

„Ќе следуваат повеќе означување за корупција, но факт е дека нашите напори и нашите санкции не можат да ја поправат епидемијата на корупција во Северна Македонија“, напиша Агелер.

По оваа информација, Анѓушев соопшти дека „нема никаква основа за ограничување на неговиот влез во САД“.

„Силно ги негирам сите сомневања изразени во документот објавен од почитуваниот Стејт Департмент и сакам да известам дека ќе ја обжалам одлуката и ќе ги искористам сите правни лекови наведени во самиот документ во правец на повлекување на оваа одлука, која ја сметам за непотребна во рамките на заложбите на нашите пријатели, Соединетите Американски Држави, за борба против корупцијата“, се вели во соопштението.

Додава и дека „четири години по неговото самоиницијативно повлекување од Владата, нема никаков судски процес за било кој сегмент од неговото работење“. Во соопштението Анѓушев кажува и дека има фирми во Велика Британија, Германија, Холандија и во САД, плаќа данок во Соединетите Американски Држави и дека е „партнер и соработник со значајни економски субјекти и личности во САД“.

Анѓушев беше вицепремиер од 2017 до 2020 година, во владата предводена од Зоран Заев, како премиер.

Анѓушев e сопственик и извршен директор на групацијата „Феро Инвест“и фабриката „Брако“.

Американското економско списание Форбс во 2014 го прогласи Анѓушев за еден од петте најбогати Македонци.

Претходно оваа година, Агенцијата за меѓународен развој на САД соопшти дека корупцијата во Северна Македонија „продолжува да ја нагризува довербата во институциите, ја слабее одговорноста и транспарентноста, го попречува економскиот раст и придонесува за политичка кревкост и нестабилност“.

Европската комисија во извештајот минатиот месец констатира дека корупцијата останува „присутна во многу области и е прашање за загриженост“ и дека „не е постигнат напредок“ по ова прашање во последните месеци.

Во Индексот на перцепција на корупцијата на „Транспаренси интернешнал за 2022 година“, Северна Македонија имаше 40 поени од 100( на скалата 0 означува најкорумпирана, а 100 најмалку корумпирана земја), рангирајќи ја на 85 место меѓу 180 земји во истражувањето, веднаш над Белорусија и Молдавија.

XS
SM
MD
LG