Достапни линкови

Собранието на Советот на Европа го поддржа членството на Косово


Гласање за членство на Косово во Советот на Европа
Гласање за членство на Косово во Советот на Европа

За одлуката гласаа 171 пратеник, од кои 131 беа „за“, 29 беа „против“, додека 11 беа воздржани. Ниту еден од амандманите предложени од Србија не беше усвоен.

Мнозинството пратеници на Парламентарното собрание на Советот на Европа на пленарната седница во Стразбур на 16 април го поддржа членството на Косово во оваа организација посветена на човековите права и развојот на демократијата.

Сега останува на министрите за надворешни работи на Советот на Европа да одлучат дали ќе го прифатат Косово како најнова членка на организацијата или не.

Следниот состанок на Советот на министри ќе се одржи во средината на мај. Советот на министри за надворешни работи на Советот на Европа се состанува еднаш годишно, традиционално во мај.

Сепак, во дипломатските кругови се шпекулира дека членството на Косово можеби нема да биде на дневен ред на министерскиот состанок во мај.

Тоа се однесува и на активноста на петте земји - САД, Германија, Велика Британија, Франција и Италија - кои го поддржуваат Косово, но сакаат Приштина да се движи кон формирање Заедница на општини со српско мнозинство (ЗСО).

Во пресрет на гласањето за извештајот за членство на 16 април, како услов по членството во Советот на Европа се споменува формирање Заедница на општини со српско мнозинство, но се дознава дека италијанската делегација предложила амандман на овој извештај, барајќи од Косово да формира Заедница пред да влезе во Советот на Европа.

Како течеше расправата?

Извештајот го состави грчката пратеничка Дора Бакојани, а неговиот нацрт беше одобрен од Комисијата за политика и демократија на оваа организација во март.

Бакојани во обраќањето пред Собранието истакна дека Косово „без оглед на некои недостатоци“ е функционална демократија и ги исполнува условите за прием. Таа рече дека и правниците го потврдиле ставот дека Косово ги исполнува основните услови за членство во Советот на Европа.

Осврнувајќи се на формирањето на Заедницата на општини со српско мнозинство на Косово, таа оцени дека тоа е прашање што е „во внатрешна надлежност на Косово и нема врска со прием во Советот на Европа“.

Затоа Бакојани порача дека Советот на министри треба да го покани Косово да стане членка на Советот на Европа.

Таа изјави и дека нејзиниот извештај не го опфаќа прашањето за признавање или непризнавање на Косово и дека од неа не се бара да се занимава со прашањето за државјанството.

Бакојани истакна дека доколку е така, нема да се согласи да прави извештај и ќе се прилагоди на позицијата на нејзината земја, Грција, која не ја признава независноста на Косово.

И Бакојани и другите говорници, вклучително и правни експерти, ја поздравија одлуката на косовската влада да ја спроведе одлуката на Уставниот суд за земјиштето на манастирот Дечани. Беше наведено и дека прашањето за експропријација ќе се следи внимателно во постпристапниот процес.

Што беше кажано за време на дискусијата?

Мнозинството претставници кои учествуваа на дебатата го поддржаа членството на Косово во Советот на Европа.

Германскиот претставник Франк Швабе го пофали извештајот и повика Косово да добие членство, додека Золт Немет од Унгарија, претставник на Европската конзервативна партија, рече дека е против презентираниот извештај.

Како една од главните причини тој го наведе неформирањето на заедницата на општини со српско мнозинство.

Во меѓувреме, Јулијан Булаи, претставник на Романија, која не ја признава независноста на Косово, рече дека го поддржува членството на Косово и дека очекува земјата да ги исполни обврските што произлегуваат од членството.

„Нашата борба не е за држави, туку за правата на поединците. Ние ги браниме правата на поединците, а не на државите и етничките групи. Косово е подготвено и заслужува да биде примено во Советот на Европа, но мора да обезбеди соодветна заштита на Српската заедница“, рече Булаи.

Пјеро Фасино од Италија рече дека правата на српското малцинство може подобро да се заштитат доколку Косово биде дел од Советот на Европа, а зборувајќи за заедницата на општини со српско мнозинство, тој рече дека стравува дека ова тело нема да личи на Република Српска во Босна и Херцеговина.

И грчкиот претставник Алексис Цирпас изјави дека го поддржува членството на Косово во Советот на Европа.

Билјана Пантиќ -Пиља од Србија го критикуваше презентираниот извештај, велејќи дека не може да се игнорира прашањето за формирање заедница на општини со српско мнозинство.

„Ако дозволите да влезе во Советот на Европа без да се формира заедницата, тогаш таа никогаш нема да биде основана“, рече Пиља.

Црногорската пратеничка Маја Вукиќевиќ, инаку член на проруската Демократска народна партија, се изјасни против членството на Косово во Советот на Европа.

Ден пред гласањето имаше бројни консултации во Стразбур за да се види какво е расположението. Имаше состанок на делегации на политички партии, додека делегациите на Србија и Косово ги вложија последните напори да ги убедат пратениците што е можно повеќе да гласаат за нивната страна - во случајот со Косово, да одобрат позитивно мислење за членство, а во случајот со Србија против.

Во седиштето на Советот на Европа е и делегација на Собранието на Косово, а состаноци на различни нивоа имаше и министерката за надворешни работи на Косово, Доника Гервала.

Впечатокот на делегатите на неколку членки на Советот на Европа, со кои разговараше РСЕ е дека на седницата ќе може да се обезбедат поволни гласови за Косово.

Но, беше забележано дека во последен момент имаше потег на некои членки кои го признаваат Косово како држава, но засега не се сигурни во нивната поддршка за прием на Косово во Советот на Европа.

Ќе биде предизвик и да се обезбеди присуство на доволен број пратеници за да се обезбеди потребниот кворум. За тоа мора да присуствуваат најмалку една третина од вкупниот број пратеници на Парламентарното собрание.

XS
SM
MD
LG