Десетици илјади етнички Срби кои живеат и работат во Косово, но тврдоглаво ја отфрлаат официјалната валута на земјата, имаат една недела да го отфрлат динарот во нивниот секојдневен живот.
Веќе две децении, охрабрени од Белград и неволно игнорирани од Приштина, жителите на 10 општини со претежно етнички Срби се држат до српската валута за сè, од платите и пензиите до лекарски сметки, ресторани, па дури и такси.
Јадранка од Северна Митровица стравува дека повеќе нема да може да ја зема пензијата на Косово, туку дека секој месец ќе мора да оди во Рашка, пограничен град во Србија.
„Не знам кој е виновен, но вака да направат, не знам, немам зборови“, вели оваа жителка од северот на Косово, која пензијата ја добива во динари од буџетот на Србија.
На 17 јануари Централната банка на Косово објави дека од 1 февруари единствена валута за готовина и платежни трансакции ќе биде еврото. Како што велат, ваквата одлука донеле врз основа на Уставот на Косово и законот.
Но, ова сега го отвора прашањето како сега од српскиот буџет ќе се исплаќаат плати, пензии, детски додаток или социјална помош на вработените во српските институции во Косово.
Динарот, инаку официјалната валута на Србија, досега можеше да се користи во трговските објекти во сите српски области на Косово.
Веста дека повеќе нема да може да се користат динари е „хорор“ и „уште еден облик на притисок“ за пензионерката Мирјана од Северна Митровица.
Косовската влада: Тоа не може да влијае на односите со Србија
Вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, вели дека посебно значење на регулативата на Централната банка на Косово е определувањето на валутата што е дозволено да се користи во сите банкарски и небанкарски трансакции и дека во случајот на Косово, тоа е само еврото.
„Секој граѓанин на Република Косово кој постојано се спротивставуваше на тоа, беше на страната на прекршителите на законот“, напиша Бислими на Фејсбук.
Според косовскиот вицепремиер оваа уредба „не е производ на политичките преговори во Брисел и како таква не може да влијае на завршувањето на процесот на нормализација на односите меѓу Република Косово и нашиот северен сосед“.
Според него, транспарентноста на увозот на девизи, нивното претворање во евра и трансфер до крајните корисници, не може да влијае на понудата на потенцијалните корисници како и на намалување на нивната куповна моќ.
„Инсистирањето парите да продолжат да се преместуваат преку државните граници во торби и приватни автомобили, а потоа да се дистрибуираат преку нерегистрирани и нелиценцирани канцеларии, не само што наликува на идеја од 19 век, туку има за цел да ги држи во континуирана зависност граѓаните кои имаат корист од тоа“, изјави косовскиот вицепремиер.
Српска листа: „Протерување на Србите“
Српска листа, најголемата партија на Србите во Косово, објави дека укинувањето на динарот значи „протерување на Србите без употреба на оружје“.
„Ако имате на ум дека десетици илјади Срби живеат и преживуваат на Косово и дека сите српски институции функционираат благодарение на финансиските придонеси на нашата држава Србија, тогаш можете да замислите што би се случило со нашиот народ ако динарот би бил укинат, па (премиерот на Косово Аљбин) „Курти би сакал да им стави крај на животот на Србите на Косово и Метохија“, се наведува во соопштението.
Тие ја повикаа Меѓународната заедница да реагира.
Увоз на пари само преку Централната банка на Косово
Во регулативата на Централната банка на Косово, стои дека увозот и извозот на банкноти и монети евра, како и на други валути, ќе се увезуваат во Косово исклучиво преку Централната банка на Косово.
Досега, динари на Косово пристигнуваа од Србија преку Народната банка на Србија, која има трезор во Лепосавиќ, општина со српско мнозинство на северот на Косово. Тие пари ги транспортирала компанијата за транспорт на пари „Хендерсон“.
Регулативата на Централната банка на Косово, исто така, наведува дека другите валути, освен еврото, можат да се користат во Косово само како вредност за чување во физичка форма или на банкарски сметки во валути различни од еврото, за вршење меѓународни плаќања со различни валути од еврото и за девизните активности.
„Замена на валута во Република Косово може да се врши само преку институции кои се лиценцирани од Централната банка на Косово и ја нудат оваа услуга“, се вели во соопштението.
Досега динари користеа Банката Поштански штедилници, НЛБ Комерцијална банка и Јавното претпријатие Пошта Србија.
Нема сметки во косовските банки
Миливоје од Северна Митровица нема сметка во косовска банка, а најавата дека динарот ќе се укине ја смета за „катастрофална“.
„Србија мора да направи нешто итно. И тука е крајот на приказната, знаете сè, слушнавме сè, државата мора итно да се вклучи“, вели тој.
Платата во динари ја има земено и неговиот сограѓанин Горан, кој додава дека Косово и Србија треба да најдат решение за обичните луѓе да не трпат последици.
„Сè ни беше познато од моментот кога престана со работа Комерцијална банка, колку што знаеме и како што сме информирани немала дозвола за промет на динари, сето тоа ни беше јасно одамна. Чија е таа игра?“, прашува Горан.
На крајот на декември минатата година, клиентите на НЛБ Комерцијална банка биле известени дека нивните сметки ќе бидат префрлени во еден од градовите во Србија, бидејќи филијалите во Косово се затвораат.
РСЕ имаше увид во овие електронски пораки што НЛБ Комерцијална банка ги испрати до корисниците во Косово. Тие не одговорија на прашањето на РСЕ зошто донеле одлука да ги затворат своите филијали во српските области на Косово.
Оние кои имале сметки во оваа банка во Грачаница кај Приштина добиле известување дека од 31 јануари 2024 година нивната сметка ќе биде префрлена на Куршумлија, а дека договорите за услуги, броевите на сметките и платежните картички ќе останат непроменети.
Клиентите на НЛБ Комерцијална банка на северот на Косово добија известување дека нивната сметка ќе биде префрлена во банка во Рашка.
Исто така, се известуваат клиентите дека низ целиот регион има достапни НЛБ банкомати од кои може да се подигнат пари без провизија.
Можно е да се конвертираат пари преку банкарски сметки
Поранешниот заменик-гувернер на Централната банка на Косово, Сокол Хаволи, објаснува дека од 1 февруари динарот нема да може физички да се користи за секојдневно купување, туку дека ќе може да се депонира на банкарски сметки или да се замени за еврото.
Тој смета дека никому не треба да му се забрани да прима плата во која било валута, туку дека еврото ќе се користи за трансакции.
„Валутите кои не се во евра можат да дојдат во Косово во валутата што е договорена, а потоа кога ќе ги повлечете за купување, тие мора да се претворат во евра, бидејќи еврото е официјална валута“, објаснува Хаволи.
Хаволи вели и дека Србија ќе може да им исплати плати на своите работници во Косово, доколку двете страни се договорат за тоа.
Радио Слободна Европа стапи во контакт со неколку банки во Косово - ПроКредит, БКТ, Рајфајзен, НЛБ, ТЕБ - со прашање дали нивните клиенти можат да отворат динарски сметки. Но, негативен одговор доби само од БКТ банка со дополнение дека динарите во нивните филијали не можат да се менуваат ниту за евра.
На ова прашање не одговори ниту Асоцијацијата на косовските банки.
Дали е можно алтернативно решение?
Од друга страна, професорот по економија на Универзитетот во Приштина, Мејди Бекташи смета дека е потребно уште малку време за да се спроведе одлуката за забрана на плаќање во готовина во динари.
„Многу Срби од Косово добиваат помош, пензии и плати од државата Србија, а алтернативно решение треба да се најде преку преговори на надлежните институции“, изјави професорот Бекташи за РСЕ.
Во овој случај, додаде тој, двете влади и Централната банка на Косово треба да постигнат договор со Народната банка на Србија за претворање на средствата што доаѓаат во динари во евра.
Како пример, Бекташи споменува дека Владата на Косово финансиски им помагала на припадниците на албанската заедница во општините на југот на Србија: Прешево, Медвеѓе и Бујановац.
„Во повеќето случаи оваа помош оди преку Централната банка или комерцијалните банки. Бидејќи Владата на Косово нема динари, трансакциите се вршеа преку Централната банка (Народната банка на Србија), каде што еврото беше претворено во динари. Општините во Прешевската Котлина средствата (помошта на Владата на Косово) ги добиваа во динари“, објаснува тој.
На Косово има НЛБ банка, што би требало да значи дека тие што платата ја земаат во динари без провизија ќе можат да ја подигнат во евра.
Дали беше легална употребата на динари?
Поранешниот гувернер на Централната банка на Косово, Фехми Мехмети за Радио Слободна Европа изјави дека употребата на динарот е неуставна и незаконска.
Тој прецизираше дека динарот во Косово е укинат со уредба и административното упатство на УНМИК (Привремена управа на ОН на Косово), а прво е воведена германската марка, а потоа еврото.
Од друга страна, Нојкиќ, кој во повоениот период беше и пратеник во Собранието на Косово, го тврди спротивното.
„Постоеше уредба за употреба на монети (различен вид пари)“, вели тој.
Тој додава дека од 1999 година динарот легално влегува во Косово, дека е пријавен во царината на Косово од каде што ја добиле декларацијата.
Тој смета и дека е пропуштена можноста да се воведе употреба на динарот преку Законот за Централна банка на Косово.
Нојкиќ заклучува дека ваквата состојба во која се укинува динарот не требало да се случи и дека тоа е последица на неактивното учество на Србите во институциите на Косово.
Лајчак го информираше Брисел
На 17 јануари специјалниот пратеник на ЕУ за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, за белградската ТВ Пинк изјави дека за укинувањето на динарите разговарал со вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими и дека за тоа го информирал Брисел.
Тој изјави дека сега се анализира ситуацијата и оти очекува наскоро ЕУ да излезе со заеднички став. Тој изрази надеж дека ќе се најде решение кое нема да има негативни последици.
Претходно српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека косовските власти имаат намера да го укинат динарот и да направат „упад во Поштенската штедилница“.