Достапни линкови

Ниту збор за слободата на медиумите во медиумската соработка меѓу Кина и Србија


Поздравни пораки за посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија, кога беа потпишани повеќе меморандуми и договори, меѓу кои четири од областа на медиумите и информациите, Белград, 6 мај 2024
Поздравни пораки за посетата на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија, кога беа потпишани повеќе меморандуми и договори, меѓу кои четири од областа на медиумите и информациите, Белград, 6 мај 2024

Живот без слобода на говор, социјални мрежи и со уште поголема репресија од страна на државниот апарат, тоа е рецептот што кинеските медиуми би можеле да им го понудат на оние во Србија.

Вака Тамара Скроца, новинарка и член на Советот за печат, ги гледа договорите што одредени медиуми во Србија ги потпишаа со кинеските медиумски куќи на 8 мај.

За време на дводневната посета на кинескиот претседател Си Џинпинг на Србија, беа потпишани околу 30 билатерални и комерцијални договори, меѓу кои четири од областа на медиумите и информациите.

Од кинеска страна, потписници се Кинеската медиумска група-КМГ (China Media Group-KMG) конгломерат на државни медиуми и новинската агенција Ксинхуа, кои се во државна сопственост и директно се контролирани од владата.

Документи за соработка потпишаа три медиумски куќи од Србија: Јавниот сервис Радио-телевизија на Србија (РТС), издавачката куќа Политика, која е делумно во сопственост на државата и приватната новинска агенција Танјуг.

Скроца додава дека „не е јасно што им нудат српските медиуми на Кинезите“.

„Зборуваме за медиуми кои не работат на ист пазар, ниту во исти културни и политички околности“, смета таа.

Соработка со кинеските колеги истиот ден договори и Министерството за информации и телекомуникации. Договорот го потпиша и Службата за информирање на претседателот на Србија.

„Тоа воопшто не ме изненадува, тие се целосно во согласност со духот што владее во кинеските медиуми, па мислам дека се таму во природен аранжман со Кинезите“, рече Скроца.

Кина е на самото дно на табелата за слободата на медиумите - таа е рангирана на 172 место од 180 земји на листата на Репортери без граници (РСФ).

Во извештајот објавен на почетокот на мај од таа меѓународна организација за мониторинг на медиумите, се посочува дека Кина е меѓу 10-те најопасни земји во светот за медиумските работници.

Во исто време, според извештајот, слободата на медиумите во Србија достигна најниско ниво од создавањето на Светскиот индекс за слобода на медиумите во 2002 година, односно во последните 22 години.

Србија е на истата листа, на 98-то место, од вкупно 180 земји, како претпоследна во конкуренција на сите земји членки и кандидати за членство во Европската Унија.

Што одговорија од РТС?

РТС размени Договор за продлабочување на соработката со кинеската медиумска групација. Радио телевизија на Србија за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека од 2013 година потпишале повеќе меморандуми за соработка со медиумски куќи од Кина.

„Главна тема на овој договор е размена на содржини и копродукција што планираме да ги направиме“, посочуваат од РТС.

Тие додаваат дека од 2017 година, еден од каналите на РТС има редовен термин за емитување на кинески документарни филмови.

„Досега емитувавме повеќе од 200 кинески документарни филмови за историјата на земјата, обичаите, кујната, културата, специфичните занаети, знаменитости и секојдневниот живот на луѓето“, додаваат тие.

Посочуваат дека соработуваат со јавните медиумски сервиси ширум Европа и дека имаат медиумски договори со медиуми во други земји, меѓу кои Бугарија, Турција, Азербејџан и Унгарија.

„Вообичаена деловна практика на јавните служби ширум светот е потпишување билатерални медиумски договори при големи државни посети“, посочуваат тие.

Тамра Скроца смета дека размената на содржини поврзани со културата и другите области не е проблематична.

Проблемот, оценува таа, е што „ниту од РТС, ниту од другите медиуми што ги потпишаа договорите, нема да слушнеме каква е всушност медиумската ситуација во Кина“.

„Проблемот не е што ќе имаат во програмата, туку што нема да имаат, затоа што само со тоа се комплетира сликата. Ако пласираме само слики од фолклорот и природните убавини на Кина, всушност не ги информираме граѓаните на Србија за вистинската состојба на работите“, објаснува Скроца.

Вистинската состојба, вели таа, е дека Кинезите живеат во тотален медиумски и информативен мрак.

„Тие се светска економска и суперсила, но во исто време тие се општество на најрадикална можна репресија. Општество во кое нема слобода на говор“, заклучува Скроца.

Влијание врз уредувачката политика?

Тамара Скроца смета дека е проблематично што договорите меѓу медиумите се реализирани како дел од официјална посета на највисоко ниво.

„Тогаш, што всушност значи тоа и дали тогаш можеме да зборуваме за независноста на медиумите кога медиумите потпишуваат некои договори во присуство на двајцата претседатели за време на таквата посета“, прашува Скроца.

Освен РТС, договори потпишаа и Танјуг и Политика.

„Претпоставувам дека имало избор од најголемите медиуми во Србија, но едноставно секој што ја следи медиумската сцена во Србија знае за каков медиум се работи - благо кажано, медиуми кои се блиски до власта“, вели Скроза.

Танјуг е името на поранешната државна новинска агенција, која ја користи приватната компанија „Точно“ (Тачно).

Во 2021 година со одлука на Владата таа компанија се стекна со десетгодишни права на користење на името и имотните права на Танјуг, кој е затворен. Меѓу сопствениците на компанијата „Точно“ се и фирмата „Минакорд“ на пејачот Жељко Јоксимовиќ и приватната Радио-телевизија Панчево.

Компанијата „Точно Доо“ е делумно финансирана од министерството и јавните претпријатија кои ја ангажираат оваа компанија за услуги на новинска агенција, како и медиумски мониторинг на нивните активности, покажуваат јавно достапните податоци.

„Политика“, најстариот дневен весник во земјава, го издава компанијата „Политика на вести и списанија“.

Половина од таа фирма од 2022 година е во приватна сопственост на фирмата „Медиа 026“ од Вучак кај Смедерево, чиј сопственик е бизнисменот Бобан Рајиќ. Рајиќ е сопственик на уште еден весник - Вечерње новости. Другата половина од „Политика“ е во сопственост на државното акционерско друштво.

Ниту Танјуг, ниту Политика не одговорија на прашањата на РСЕ за тоа како ќе изгледа нивната соработка со кинеските колеги и какви придобивки очекуваат од неа.

Скроца укажува на нетранспарентноста на најавената соработка.

„Не знаеме што подразбира тоа, ниту што медиумите ќе можат и нема да можат да направат поради таквите договори - дали тоа ќе влијае на нивната уредувачка политика или дали тоа е само обична размена на медиумска содржина“, забележува таа.

Кинески медиумски промотори на иницијативата на Кси

За време на посетата на претседателот Си Џинпинг на Србија на 8 мај, кинеската медиумска група и РТС организираа настан посветен на „промоција на културната размена“ меѓу двете земји.

Претседателот на кинеската медиумска групација, Шен Хаиксионг, по тој повод изјави дека Кинескта медиумска групација „секогаш се залагала за подобрување на културната размена“ и „зближување на двата народа“, и најави уште поблиска соработка со медиумите во Србија.

Во Србија веќе постои прокинески наратив, истакнува Тамара Скроца и додаде дека очекува „ситуацијата да биде уште подрастична по потпишувањето на договорот и меморандумот“.

Кинеските медиуми играат значајна улога во промоцијата на иницијативата „Појас и пат“ - кинескиот државен проект инициран од претседателот Кси Џинпинг, со цел навлегување на земјата на Запад.

Десетгодишнината од таа иницијатива беше одбележана со меѓународен форум во октомври 2023 година. На форумот, меѓу другото, кинеската медиумска групација одбележа „нова фаза на соработка“ со странски партнерски куќи. Се наведува дека има потпишано договори со 682 медиумски организации во 151 земја.

Тамара Скроца истакнува дека во Србија веќе постои прокинески наратив и очекува уште такви содржини.

Што е Кинеска медумска групација?

Кинеската медиумска групација-КМГ (China Media Group) е основана во 2018 година како чадор организација на државните медиуми, која ги вклучува кинеските национални и меѓународни радио и телевизиски сервиси.

Кинеската медиумска група е под директна контрола на Централниот оддел за публицитет на Комунистичката партија на Кина, или како што се нарекува и „оддел за пропаганда“. Директорот на КМГ, Шен Хаиксиунг, е заменик-шеф на тој партиски оддел.

Глобалната телевизиска мрежа (CGTN) и Кинеското радио меѓународно емитуваат програми на повеќе од 40 јазици и имаат филијали низ целиот свет.

Во 2018 година, американскиот Стејт департмент, меѓу другото, нареди на американската филијала на CGTN и новинската агенција Ксинхуа да се регистрираат како странски агенти во Соединетите Држави, додека во 2020 година ги назначи како „странски мисии“. Со ознаката „странска мисија“, од нив се бара да обезбедат списоци на сите вработени и мора да бараат одобрение за купување на кој било имот во САД.

Тој потег тогаш американските власти го опишаа како „потиснување на комунистичката пропаганда“.

Во Унгарија сличен договор

На 2 мај, пред европската турнеја на Кси Џинпинг, кинеската новинска агенција Ксинхуа потпиша меморандум за разбирање со унгарската ATV Media Group. ATV беше опишан во извештај на Ксинхуа како прв приватен ТВ канал во Унгарија.

Како што е најавено, договорено е да се зајакне соработката на повеќе нивоа и во повеќе области, вклучително и размена на вести и други информативни содржини и комуникација со персоналот.

Медиумската соработка е опишана како „консолидација на мостот на пријателство“ меѓу двете земји.

Кинеската Ксинхуа соработува и со светските агенции како Ројтерс, а на еден од последните медиумски самити во Кина, во декември 2023 година, беа потпишани договори за соработка со медиумски организации и владини оддели на Аргентина, Филипините, Русија, Бурунди и Барбадос.

На тој самит, директорот на Ксинхуа, Фу Хуа, потсети дека новинската агенција потпишала договори за соработка со „повеќе од 3600 институции ширум светот“, вклучувајќи медиуми, државни институции и универзитети.

Кина како „затвор за новинарите“

Во извештајот на Репортери без граници, Кина беше опишана како „најголемиот затвор за новинари во светот“ со повеќе од 100 новинари во затвор, додека режимот „спроведува кампања на репресија против новинарството и правото на информации ширум светот“.

Според истиот извештај, мејнстрим медиумите се во државна сопственост и директно се контролирани од владата, додека одделот запропаганда на кинеската Комунистичка партија секојдневно испраќа уреднички упатства до медиумите, заедно со листа на цензурирани теми.

„Во очите на режимот, функцијата на медиумите е да бидат гласноговорник на партијата и да пренесуваат државна пропаганда“, известуваат од „Репортери без граници“, додавајќи дека државните медиуми ја шират пропагандата на режимот „ширум светот“.

Оваа меѓународна новинарска организација укажува дека режимот целосно неказнето го крши правото на информирање. Се вели дека кинеските власти, со цел дополнително да ги замолчат, ги обвинуваат новинарите за „шпионажа“, „поттикнување на рушење на државата“ или „предизвикување кавги и неред“, и дека овие наводни злосторства можат да се применат на речиси секоја активност.

„Кинескиот режим користи надзор, принуда, заплашување и малтретирање за да ги спречи независните новинари да известуваат за прашања што ги смета за „чувствителни“, се заклучува во извештајот.

Каква е состојбата со слободата на медиумите во Србија?

Србија од година во година паѓа на табелата на Репортери без граници.

Оваа организација оценува дека новинарството во Србија „се соочува со сеприсутни лажни вести и пропаганда“.

„И покрај цврстата правна рамка, новинарите се изложени на политички притисок, а злосторствата извршени против нив остануваат неказнети“, се додава.

„Во политичкото опкружување кое стана уште пополаризирано по антивладините протести во 2023 година, новинарите често се мета на напади од владејачката елита, а овие напади се интензивираат на одредени национални ТВ канали“, наведуваат од Репортери без граници.

Исто така, се додава дека новинарите кои известуваат критички за владата имаат ограничен пристап до информации од јавен карактер и интервјуа со владини претставници и дека тие „често работат во рестриктивна средина и имаат тенденција да бидат цензурирани“.

Кога станува збор за финансирањето на медиумите, „Репортери без граници“ посочуваат дека најголемиот дел од медиумите своите приходи ги обезбедуваат од реклами и нетранспарентни државни субвенции.

„Пристапот до овие средства е претежно под контрола на владејачката елита и е придружен со пристрасност во известувањето“, се заклучува во последниот извештај на Репортери без граници.

XS
SM
MD
LG