Достапни линкови

Сиљановска-Давкова води во изборната трка, Пендаровски втор


Гласање во првиот круг од претседателските избори
Гласање во првиот круг од претседателските избори

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ е во водство во првиот круг од изборите, покажуваат податоците на ДИК. Изборниот ден, според оценките на ДИК и првичните реакции од партиите поминал во демократска и фер атмосфера, без поголеми нарушувања на изборниот процес.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова води во првиот круг од претседателските избори, покажуваат првичните нецелосни резултати на Државната изборна комисија (ДИК).

На речиси 72,21 отсто обработени гласови, таа освоила 251.461 глас или 39,25 отсто. Втор е актуелниот претседател и кандидат на СДСМ и коалицијата За европска Македонија, Стево Пендаровски со 123.265 гласа – 19,24 отсто.

Кандидатот на ДУИ и Европскиот фронт и актуелен министер за надворешни работи Бујар Османи има 92.885 гласа што е 14,50 отсто. Зад него е кандидатот на коалицијата Вреди, Арбен Таравари со 66.917 глас – 10,45 отсто.

Според податоците на ДИК, Максим Димитриевски од ЗНАМ е следен по бројот на освоени гласано – 53.982 или 8,43 отсто. Билјана Ванковска од Левица, пак, има 28.671 гласа – 4,48 отсто, а последен е Стевчо Јакимовски од Гром и коалицијата Храбро за Македонија со 5.467 – 0,85 отсто.

Oд ДИК претходно најавија оти со првични резултати би излегле околу полноќ.

Изборниот ден започна во 7 часот, а заврши во 19 часот вечерва кога се затворија речиси сите 3.508 избирачки места.

Според оценката од Државната изборна комисија (ДИК) и првичните реакции од изборните штабови на партиите, денот на гласање поминал генерално мирно, а одѕивот е поголем од тој во првиот круг од првиот круг претседателски избори во 2019 година.

Податоците на ДИК, за излезноста до до 18.30 часот покажува дека таа изнесувала 48,38 отсто од граѓаните со право на глас. Во првиот круг во 2019, пак, одѕивот беше 41,67 отсто.

Право на глас на овие избори имаа 1.814.317 граѓани.

„Гласањето се одвиваше мирно и без поголеми инциденти на гласачките места. Уважени се 134 приговори кои се усвоени и е овозможено избирачкото право на гласачите. На телефонската линија има 10 јавувања, а преку видеоповик информации побараа осум лица со оштетен слух“, рече претседателот на ДИК, Александар Даштевски.

Првиот круг претседателски избори - мирен со незначителни проблеми
please wait

No media source currently available

0:00 0:02:56 0:00

Гласањето поради прекини подолги од еден час, беше продолжено само на четири избирачки места, по едно во: Демир Хисар, Липково, Делчево и Могила.

Најголема излезност, според ДИК, имало во Новаци од 71,07 отсто, а најмала во Центар Жупа – 16,9 отсто.

Први реакции од партиите

Први со реакција за изборниот ден по затворањето на избирачките места излегоа од штабот на ВМРО-ДПМНЕ, од каде порачаа дека со големата излезност граѓаните покажале дека „знаат и умеат да ја проценат важноста на овие избори“. Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Тимчо Муцунски оцени дека изборниот процес поминал генерално во фер и демократска атмосфера со низа помали прекршувања кои, како што рече, „се предизвикани од партиите на власт и нивните активности“.

„Овој изборен ден е почеток на крајот на оваа власт и враќањето на Македонија на народот. Процес кој повторно Македонија ќе ја направи горда“, рече Муцунски.

Демократски изборен ден во фер и демократска атмосфера, е оценката која ја дадоа и од СДСМ.

„Уверени сме дека граѓаните и денеска и на 8 мај поддржуваат и ќе ја поддржат европската иднина за Македонија, иднина во која Македонија е дел од европското семејство и горда членка на ЕУ“, рече портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.

Од ДУИ оценија дека имало слободни избори кои се одржале во демократи дух и компетентна атмосфера.

„Секако дека ние очекуваме длабока победа, голема победа за нашиот д-р Бујар Османи, сите информации од терен тоа го потврдуваат. Тоа што сме го сработиле завреме на кампања како Европски фронт тоа се покажа и докажа и денес и олекуваме да се потврди и со броење на гласачките ливчиња. Очекуваме победата голема и историска“, изјави портпаролот на ДУИ, Арбер Адеми.

Од опозициската коалиција Вреди, пак, на прес-конференција излезе претседателскиот кандидат Арбен Таравари кој оцени дека тоа што на овие избори има поголема излезност од претходни зборува за „промените што доаѓаат“.

„Како Вреди сме пресреќни дека добивме гласови генерално од Албанците. Сега промените веќе се во кутиите кои веќе се отвораат. Се надевам дека нашите набљудувачи ќе ги контролираат и нема да дозволат да има злоупотреби и да се гарантира дека секој глас што е даден на демократски начин ќе излезе на површина. Гласот на граѓанинот никако не треба да се злоупотребува“, рече Таравари.

МВР и Обвинителство: Мирен изборен ден

Според досегашните проценки и од Министерството за внатрешни работи (МВР) и од Јавното обвинителството, изборниот процес поминал мирно и без поголеми нарушувања. Од МВР досега информира за одредени неправилности кои биле регистрирани на некои гласачки места меѓу кои повеќето инциденти со фотографирање на гласачкото ливче.

По затворањето на гласачките места, од Јавното обвинителство соопштија дека на нивната електронска адреса не пристигнала ниту една пријава за кривично дело поврзано со изборите, а од информациите од терен денот „поминал мирно“ и „не се забележани посериозни инциденти кои би имале обележја на кривично дело против изборите и гласањето“.

„Од новиот претседател очекувам решавање на корупцијата“

Екипите на Радио Слободна Европа во текот на денот посетија повеќе избирачки места во Скопје. Едно од нив, беше гласачкото место со број 2517 во Општината Центар каде скопјанецот Златко Арнаудовски, по гласањето, ги сподели неговите очекувања од идниот претседател.

„Супер е организирано, на граѓаните им посакувам успешен ден. Од новиот претседател очекувам повеќе работи: да инсистира на решавање на проблемот со корупцијата, да инсистира на тоа младите да се задржат дома и да имаат добро образование“, изјави Арнаудовски.

Мирно беше и на гласачкото место 2880 во општината Чаир. Гласачите кои ги сретнавме таму посакаа претседателот да биде личност која ќе води грижа за сите граѓани подеднакво.

Овие избори ги набљудуваа 915 домашни набљудувачи, 544 се меѓународни набљудувачи, има 84 преведувачи и 58 странски новинари.

Според македонскиот изборен систем, претседателот на Републиката се избира на општи и непосредни избори, со тајно гласање за мандат од 5 години, со право на најмногу два мандати.

Изборот на Претседател речиси секогаш се спроведува водва изборни круга. Во првиот круг победник е кандидатот кој ќе освои мнозинство (50% + 1 гласач) од вкупниот број регистрирани гласачи во Избирачкиот список. Доколку ниту еден од кандидатите не го постигне бараното мнозинство, во рок од 14 дена се спроведува втор круг на гласање во кој влегуваат двајцата кандидати со најмногу гласови во првиот круг.

Во вториот круг ќе биде избран кандидатот кој освоил мнозинство од вкупниот број гласови, при што е потребно најмалку 40% од регистрираните гласачи да го оствариле своето право на глас. Доколку ниту еден од кандидатите не ги исполни двата услови, целата изборна постапка се повторува.

  • 16x9 Image

    Александар Самарџиски

    Александар Самарџиски ја започнал новинарската кариера во дневниот весник „Нова Македонија“ во 2014 година. Потоа работел како новинар во порталот „Плусинфо“ и во интернет-изданието на „360 степени“. Од септември 2023 година работи како новинар во Радио Слободна Европа. 

XS
SM
MD
LG