Планиравме да се иселиме со сопругот и кога се венчавме, избрав да го земам неговото презиме во оригиналната форма. Во светот, нема машка и женска верзија. Презиме ко презиме, не ме прави ни помалку женско ни повеќе машко, вeли тиктокерката од Охрид, Симона Србиноска, која пред четири години стана Симона Ковачески.
Фармацевтката Маја од Валандово, веќе 13 години го има презимето на сопругот. Но, наместо Нунова, се презива Нунов.
„Сакавме да заминеме во странство и тоа беше причината за ваквата одлука. И нашата ќерка се презива Нунов“, вели Маја.
Според податоците кои ги добивме од Управата за водење на матични книги, 15250 бракови се склучиле во 2023 година. Од нив, 2122 жени го задржале моминското презиме, а 2931 го додале презимето на сопругот
Имало 7868 бракови каде презимето на сопругот завршува на „ски”, „ов” или „ев”. А 1903 жени избрале презимето кое го додале или зеле од сопругот, да биде во машки род.
„Тоа значи дестабилизација на нормата на женското презиме во Македонија и одење против традицијата. Се дестабилизира нешто што во својата основа го има словенското презиме“, вклучително и македонското, смета ономастичарката, Елка Јачева-Улчар од Институт за македонски јазик.
Женската форма на презиме е традиција
Работејќи на нејзината книгата, „Презимето кај Македонците“, била изненадена од споделените искуства на помлади жени кои стапиле во брак последниве десетина години.
„Во матичните служби ги прашувале во каков род сакаат да го земат презимето, што просто за мене е многу чудно и нејасно зошто тоа се прави. И мислам дека тоа е еден помодарски тренд којшто зазема сѐ поголеми размери. Во таа смисла, треба да се направи интервенција во Законот за личното име, во тој контекст и на презимето. И да се држиме построго до употребата на женската форма на презимето“, вели Јачева-Улчар во разговор со Радио Слободна Европа.
Најчесто образложение на оние кои ја земале оригиналната форма на презимето на мажот, било како она на Симона и Маја – дека планираат да се селат, па причините се од техничка природа.
„Но, голем дел од нив си остануваат во Македонија, така што мислам дека тоа не е никаков аргумент. А друго, тоа не треба нив да ги засега, затоа што постојат многу познати жени во светот коишто го земаат женскиот род на презимето, па немаат никаков проблем, а живеат во странство. Ќе ја спомнам тенисерката Мартина Навратилова, на пример“, додава ономастичарката.
Во минатиот век, мажените жени не се идентификувале по своето лично име, туку по името на мажот, па дури таквите форми станале основа на некои презимиња. Такво е на пример, презимето Костојчиновски, во чија основа лежи име изведено од името на мажот Коста, Костојца, па потоа презимето Костојчиновски, потсетува македонистката.
„Од една страна ние зборуваме, нели, за еманципација на жената, а од друга страна, пак, држењето на оваа форма на машкото презиме, како да се знае, како белег дека се работи за мажена жена. Мислам дека малку и младите жени некако како да сакаат преку презимето да ја изразат својата посебност, што и веќе не е некаква посебност со оглед на толку големиот број вакви презимиња во Македонија во последно време“, додава Јачева-Улчар.
Презимиња „како во Шпанија“?
Друг пример кадешто Законот за лично име дозволува слобода се случаите кода детето има две презимиња уште од раѓање - едно од мајката, друго од таткото. Дури нема ни ред кое е прво, а кое е второ.
Кое презиме ќе го земе детето на двајца кои од деца носат по две презимиња, се прашува македонистката, забележувајќи дека македонскиот закон за лично име е прилично либерален, а треба да биде подециден, поконкретен и поограничувачки.
„Тоа всушност ја оневозможува еднозначноста на антропонимиската формула. Нашата е сведена на лично име плус презиме. Вака како што е тргнато, не знам на што ќе се сведат за 20, 30 години, ваквите сложени, двочлени презимиња. И затоа мислам дека тоа треба законот да го регулира“, децидна е Јачева-Улчар.
Законот за лично име неколку пати е менуван и дополнуван, последен пат во 2016 година. Со тие измени, се прецизирани роковите и постапката за постапување по барањата, потребните документи и се предвидува прекршочна глоба за службени лица ако не достават докази и податоци во законски определен рок.
Останува одредбата дека личното име се состои од име и презиме и може да содржи повеќе зборови.