Резултатите не се такви какви што очекувавме, разликата ќе биде околу 130.000. Очекувавме помалку, но утре е нов ден, од утре повторно почнуваме со средби со граѓани кои ги пратикувавме и досега и почнуваме практичнo од нула, истакна вечерва кандидатот за претседател поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски, на прес-конференција по завршување на првиот круг од гласањето на претседателските избори.
„Тргнуваме од нула, од почеток. Моја задача ќе биде, како и во изминативе 20 дена, да го промовирам концептот во кој длабоко верувам, а тоа е интегрирана држава, без поделби. Ги охрабрувам граѓаните кои не излегоа во првиот круг, да учестуваат во вториот круг, затоа што веруваат дека победникот ќе се решава во вториот круг. Очекувам уште поголем одѕив и уште поголем бројка да го препознаат концептот – демократска, просперитетна држава, рамноправна со сите нации“, подвлече Пендаровски.
Нагласи дека нема да бара никаков договор со никаков пол субјект за т.н. механичко префлување на гласовите.
Димитриевски: ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор
Претседателскиот кандидат на движењето ЗНАМ Максим Димитриевски вечерва на прес-конференција порача дека по завршување на парламентарните избори, ЗНАМ ќе биде политичкиот фактор за стабилноста во државата, без кој нема да може да се формира идната влада во државата.
„Факт е дека дека јас и ЗНАМ вечерва освоивме повеќе од 80 илјади гласови. Регистриравме политички субјект кој што постои нешто повеќе од три месеци и се етаблираше со граѓанската поддршка на трето место во политичкиот блок и сметам дека тоа е одличен појдовен резултат за понатамошна борба“, рече Димитриевски.
Тој додаде дека при отпочнување на преговорите за формирање на следното парламентарно мнозинство ќе ги дадат нивните предлози за тоа што значат национални црвени линии до сите политички партии.
Не очекувавме ваков резултат, јасно е дека луѓето нè казнија и тоа го прифаќаме. Ова е тежок удар за европската перспектива, но не е доцна да се смени правецот. Откажувањето не е опција за нас, нема да се откажеме од европската иднина, рече Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, на прес-конференција по првичните неофицијални резултати од претседателските избори во Северна Македонија.
Првичните резултати се дека кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска Давкова е во убедливо водство пред кандидатот на СДСМ, Стево Пендаровски.
Ковачевски рече дека имаат уште две недели да испратат порака до секој граѓанин дека единствениот начин за суштинска и вистинска промена е европската интеграција на Северна Македонија.
Сиљановска-Давкова со двојна предност пред Пендаровски во првиот круг
Со предност од над 150.000 гласа, кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „Твоја Македонија“, Гордана Сиљановска-Давкова, влегува во вториот круг од претседателските избори во Северна Македонија во кој ќе се соочи со актуелниот претседател Стево Пендаровски, кандидат на СДСМ и коалицијата „За европска Македонија“. Двајцата беа директни ривали и на изборите пред пет години.
Вториот круг ќе се одржи на 8 мај, кога граѓаните паралелно ќе гласаат и на парламентарни избори.
Според првичните нецелосни податоци од ДИК, на 90 отсто обработени гласови, Сиљановска-Давкова освоила 324.150 граѓани (39,95 отсто од вкупниот број гласови), додека Пендаровски 162.062 (19,91 отсто).