Достапни линкови

Правото на абортус ќе влезе во францускиот устав


илустрација
илустрација

Францускиот претседател Емануел Макрон сака да го измени францускиот устав, така што до следната година „правото на жените на абортус ќе стане уставно загарантирано право“.

Со тоа Франција би станала првата земја која експлицитно го означила пристапот до абортусот како уставно право, што пак се гледа како одговор на укинувањето на правото на абортус во Соединетите Држави минатата година, пишуваат светските медиуми.

Ветување на 8 март

На крајот на октомври, Макрон најави дека неговата влада планира во наредните денови да поднесе нацрт-закон, кој ќе биде претставен до Советот на министри до крајот на годината и ќе го вклучи правото на абортус во Уставот на земјата.

Застапувањето за уставниот статус на абортусот е, како што истакнува „Политико“, продолжение на она што Макрон го вети на 8 март, по повод Меѓународниот ден на жената.

Макрон рече дека иницијативата на Франција треба да се гледа како „универзална порака за солидарност кон жените чии права на абортус се повредени“.

Како што истакнува бриселскиот портал, ова е директно упатување на поништување на пресудата „Роу против Вејд“ од страна на Врховниот суд на САД минатата година.

Ревизијата на уставот во Франција бара или референдум или одобрување од најмалку три петтини од членовите на двата дома на парламентот обединети во Конгресот, пишува Ле Монд.

Прекинувањето на бременоста беше декриминализирано во Франција во 1975 година, а последователните закони оттогаш имаат за цел да ги подобрат условите за абортуси, особено преку заштита на здравјето и анонимноста на жените, како и намалување на финансискиот товар на постапката за жените.

Анкетата на јавното мислење од ноември 2022 година покажа дека 89 отсто од испитаниците го поддржале предлогот правата на абортусот да се прогласат за уставни. Според владините податоци, додава весникот „Ле Монд“, минатата година во Франција биле извршени 234 000 абортуси.

Победа за „сите жени“

Ветувањето на Макрон дека во францускиот устав ќе го запише правото на жената на абортус доаѓа откако рестрикциите во други земји ја поставија Франција на патот кон безусловно гарантирање на правото на прекинување на бременоста, пишува „Гардијан“.

Нацрт-текстот, додава британскиот весник, беше поддржан од големо мнозинство во националното собрание во ноември минатата година, пред да биде усвоен од Сенатот во февруари и покрај противењето на десничарските партии, кои тврдеа дека француските права за абортус не се загрозени.

Неколку политички партии, од левицата до центристичката, почнаа да се залагаат за уставување на правата за абортус по одлуката на Врховниот суд на Соединетите Држави во јуни 2022 година да ја поништи пресудата „Роу против Вејд“ од 1973 година.

Во исчекување на крајот на процесот, францускиот министер за родова еднаквост, Беранже Кујар, досегашниот напредок го нарекува „победа на сите жени и силен симбол испратен во другите земји во светот каде што нашите права губат подлога“.

Полска на пример, има некои од најстрогите закони за абортус во Европа, истакнува „Гардијан“ и додава дека тамошните закони дозволуваат прекин на бременоста само во случај на силување, инцест или закана по здравјето или животот на мајката. Ограничувањата беа дополнително заострени во 2020 година кога Уставниот суд на Полска пресуди дека абортусите врз основа на дефекти на плодот се неуставни.

Внимателна формулација

Патот до ревизија на Уставот во Франција не е лесен и бара или јавен референдум или одобрување од три петини од двата дома на парламентот, односно Националното собрание и Сенатот.

Макрон ја избра втората, брзата рута, пишува „Форбс“.

Со воведување законодавство во име на владата и заобиколување на потребата легислативата да доаѓа од самите пратеници, Макрон ќе може да свика специјален конгрес за гласање во Версај.

По одобрувањето, членот 34 од францускиот устав ќе биде изменет со формулација во која се вели дека „законот ги одредува условите под кои се остварува слободата на жената, која и е загарантирана, да прибегне кон абортус“.


Според извештаите, како што истакнува „Форбс“, внимателно била разгледана формулацијата во нацртот, при што „слободата на жените“ се фаворизира пред „женските права“ со цел законот да биде усвоен од поконзервативниот Сенат.

Иако Франција најверојатно ќе биде првата земја што ќе усвои сопствен устав во корист на сигнализирање на поддршка за пристап до абортус, таа секако не е сама што презема чекори кон полиберални закони за абортус, истакнува американското списание.

Според Центарот за репродуктивни права, 60 отсто од 1,12 милијарди жени на репродуктивна возраст сега живеат таму каде што абортусот е главно легален.

Во јули 2022 година, Европскиот парламент усвои резолуција со која правото на абортус се прогласува за основно право, пишува Форбс, додавајќи дека само четири земји го укинале правото на абортус во изминатата деценија: Ел Салвадор, Никарагва, Полска и САД.

Пионерски потег

Иако абортусот е легален во Франција до 14-та недела од бременоста и е целосно покриен со системот за здравствено осигурување во земјата, Французинките се обидоа дополнително да ги заштитат своите права, особено по ограничувањето на тоа право во САД, пишува „Вашингтон пост“.

Одлуката на американскиот Врховен суд беше „многу шокантна во Франција“, вели Матилде Филип-Геј, професорка по право на Универзитетот Жан Мулен Лион.

Веднаш по овој случај се роди движење, а жените побараа од парламентот да дејствува, особено да се промени Уставот. Таа истакна дека сегашните активности се неопходни за доброто на иднината.

Стефани Хенет Ваучес, професорка по право на Универзитетот во Париз, Нантер, рече дека има и други земји чии устави зборуваат за репродуктивна автономија или за правото да се носат одлуки за децата, „но не постои устав кој навистина експлицитно го штити правото на абортус“.

„Тоа, исто така, покренува навистина интересни теоретски прашања за тоа зошто уставите толку молчат за човечката репродукција кога, знаете, сите политички заедници се егзистенцијално зависни од репродукцијата“, рече Ваучес.

„Ако Франција или некоја друга земја го впише правото на абортус во уставот, тоа навистина би бил пионерски потег“.

И додека е тешко да се промени уставот во Франција, уште потешко е тоа да се направи во Соединетите Држави, каде што три четвртини од државите треба да се договорат за каков било амандман, истакнува весникот од Вашингтон, додавајќи дека активистите за правата на абортусот во САД моментално се борат против забраните и другите чекори за ограничување на пристапите во различни земји.

„Сигурно сме многу далеку од уставен амандман кој го гарантира правото на жената да избере абортус. Всушност, Америка се движи во друга насока“, вели Адам Винклер, професор од УКЛА специјализиран за американско уставно право, истакнувајќи дека сè уште е можно тоа да се промени - со текот на времето.

XS
SM
MD
LG