Достапни линкови

Партиите не ги „фермаат“ жените


Жени има во македонската политика, по неколку и во владите, но никако да стигнат ниту до лидерска позиција во поголемите политички партии, а далечно изгледа дека жена ќе седне во премиерската фотеља. Дали има простор жена да влезе во елитиниот, доминантно машки клуб на политиката во Поткастот „Зошто“ разговараме со поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска.

Според комплетниот политички амбиент во државата поранешната пратеничка Ѓулистана Марковска смета дека уште долги години нема да имаме жена премиер, но можеби поголеми се шансите да добиеме жена претседател. Тоа го објаснува со уставните ингеренции на претседателот на државата.

Се уште има секситички пристап кон политиката, која се гледа како машка професија. Дури и во говори ќе слушнете – ајде да бидеме мажи и тоа да го решиме, и покрај тоа што жените ги решаваат проблемите, смета Марковска.

Воведувањето квоти за жени кандидати на политичките партии го зголеми нивниот број во Парламентот. Но очигледно тоа не го реши проблемот во партиите. Па така жени лидерки на големите политички партии нема, само на помалите.

Треба едукација на жените дека не треба да се задоволуваме со малку, па зошто и не да бидат лидери на партии.

Ѓулистана Марковска себеси не се доживува како феминистка. Но верува дека жените ќе донесат поинаков начин на размислување во политиката.

Жена во премиерската фотелја - има ли шанси?
please wait

No media source currently available

0:00 0:19:00 0:00
Директен линк

Најголемата вина за оваа состојба ја гледа токму кај жените.

Се уште се помируваат со ситуацијата каква што е и очекуваат некој друг за нив да размислува, а треба да ги преземат работите во свои раце. И треба да се спроистават на секој сексизам и понижување. Имаше една ситуација во Собрание кога рекоа еве сега само жени дискутираат како на чешма, но добија остар одговор и се повлекоа.

  • Дали жената ја подржува другата жена во политиката?

Не. Имам впечаток дека жените во политиката се најголемите ривалки и конкурентки. Тука е ривалитетот особено присутен и повеќе отколку кон маж и тоа не можам да го објаснам.

Ѓулистана Марковска гостинка во поткастот Зошто
Ѓулистана Марковска гостинка во поткастот Зошто

Поранешната пратеничка, а и кандидат за градоначалник на минатите избори, Ѓулистана Марковска вели дека идната премиерка ќе се разликува со поинаков пристап, поинаков начин на убедување и бранење на своите стратегии и политики. Желбата за компромис и да се удоволи на сите е она што ги разликува од мажите премиери.

Но најпрво треба да има повеќе министерки во Владата.

Од осамостојувањето на државата и првата Влада на Кљусев во која немаше ниту една жена, во последната Влада има само 4 жени на највисоките владини позиции. Ако се следи оваа прогресија, тоа значи дека ќе требаат уште некаде 45 до 52,5 години за да се стигне до некаков паритет во владата.

Почитувани, слушајте не, следете те го поткастот Зошто на Слободна Европа. Кликнете на поткаст Зошто и на Спотифај, Јутјуб, Ејпл и Гугл, а на нашите социјалните мрежи давајте ни идеи и теми кои сакате да ги слушате.

  • 16x9 Image

    Сања Васиќ

    Новинарската кариера ја почнува во весникот „Нова Македонија“ во 1991, а потоа продолжува во телевизија Телма како уредник  и водител во информативната програма каде минува најголем дел од кариерата. Работела и во македонската редакција на Гласот на Америка во Вашингтон, била локален дописник на странски новински агенции, како и предавач и обучувач на медиумски проекти. Во Радио Слободна Европа е од јули 2022.

XS
SM
MD
LG