Достапни линкови

Отказ за бремена вработена - потврден прв случај на дискриминација


 Магдалена Стојмановиќ Константинов
Магдалена Стојмановиќ Константинов

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација потврди дека приватна фирма не и го продолжила договорот на вработена само поради тоа што e бремена. Дискриминацијата е забранета со повеќе закони и конвенции, но не ја препознал Трудовиот инспекторат. Жената правдата ќе ја бара и на суд.

Кумановчанката Магдалена Стојмановиќ Константинов изминатите месец дена ги поминува во грижата кон своето бебе како мајка која во моментов е на породилно отсуство. За радио Слободна Европа сведочи дека за малку ќе останела без платено боледување од државата. Имала непрекинат стаж повеќе од две години, но „Просветно дело“, фирмата во која последнa била вработена со договор на определено време, ден пред истекот на договорот ја известила дека не и го продолжува.

За несреќата да биде уште поголема било 17 февруари, петок попладне па условот да нема прекин во работниот стаж за да може да го користи правото на породилно отсуство, изгледал недостижен. Ова уште повеќе ја налутило и било причина да почне да ја бара правдата пред државните институции.


„ Се одлучив на макотрпна борба за докажување на тоа дека бремени жени се обесправени и дискриминирани, а работодавачите особено во приватен сектор покажуваат големо самоволие. Тие немаат никаква обврска да информираат со отказен рок дека не ти го продолжуваат договорот на определено време и како во мојот случај, остануваш без работа на улица и тоа во момент кога си им кажала дека си бремена. Со ова го губиш и правото за породилно бидејќи не треба да имаш прекин на стажот во изминатите шест месеци. Знам дека не сум единствена и не е единствена фирма која го прави ова, а всушност е сериозно бидејќи ни ја загрозуваат финансиската сигурност. Замислете на една идна мајка и бебе им го кратиш правото кое е законски, уставно па и со меѓународни конвенции загарантирано“, вели Магдалена Стојмановиќ Константинов за Радио Слободна Европа.

Од тука започнала и борбата за докажување на дискриминација. Се заинтересирала и невладината „Гласен текстилец“ која пуштила претставка до Државниот трудов инспекторат. Но, тој не утврдил неправилности. И самата Магдалена после еден месец поднела претставка до инспекторатот врз основа на тоа дека се чувствувала дискриминирано, но го добила истиот одговор како и невладината.
„Инспекторката излегла само еднаш на терен, иако има две различни претставки иако се за ист случај. Мене после еден месец ми беше испратен ист заклучок како и оној на „Гласен текстилец“ и покрај тоа што мораат по секоја пријава одново да извршат увид ако се разликуваат основите по кои се поднесени. Сметам дека увидот беше оскуден, а членовите од законот толкувани селективно“, вели Магдалена.


Следниот чекор бил во Комисијата за спречување и заштита од дискриминација каде конечно деновиве доби позитивен одговор. Комисијата утврди „потежок облик на дискриминација по основ на пол, род и бременост.

Комисијата со спротивен став и од трудовиот инспекторат

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација за прв пат донела решение со кое се прифаќа дека една трудница ја загубила работата само поради тоа што одлучила да стане мајка. Во обемното образложение се вели дека работодавачот не докажал дека има друга причина за да не се продолжи договорот на вработената, а тајмингот кога се случило ова се поклопува со информацијата дека таа ќе стане мајка.


„ Работодавачот не успеа да докаже дека не продолжувањето на договорот се случи заради објективни околности, на пример, намален обем на работа. Утврдивме дека компанијата цела година објавува огласи за повеќе позиции. Не успеа да докаже и дека непродолжувањето било поради неквалитетно или ненавремено завршување на работни обврски. Напротив еднаш и бил продолжен договорот, а ова буквално се совпаѓа со сознанието дека работничката останала бремена“, вели за Радио Слободна Европа, Весна Бендеска која е известител за овој случај во Комисијата.

Земјава е потписник на повеќе конвенции за заштита на работничките од дискриминација при мајчинство, но овој сектор е регулиран и со домашното законодавство. Прва е Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените на ОН. Исто така особено битна е и Конвенцијата за заштита на мајчинство на Меѓународната организација на трудот каде според членот 8 товарот на докажување дека нема дискриминација поради бременост се префрла врз работодавачот. Ова е олеснителна околност за жените бидејќи потенцијалниот „дискриминатор“ мора да докаже дека постојат други околности поради кои жената ја загубила работата.

Но, и според нашиот Закон за работни односи кога трудовиот инспекторат има претставка за дискриминација поради бременост мора да го гледа членот 9 во кој јасно пишува дека тоа е недозволено, вели Бендевска.


„Инспекторката излегла и донела решение, а не обезбедила писмени документи. Констатирала дека по член 101 од законот работодавачот не ја избркал работничката туку едноставно не и го продолжил договорот без притоа да увиди дека во ист закон согласно кој работи инспекторатот во членот 9, кој е најзначајниот за заштита од дискриминација, се забрануваат сите облици на дискриминација. Не ни побарала мислење од втората страна, ни документ иако работодавачот тврдел дека и понудиле промена на работно место, а таа одбила и поради тоа не и го продолжиле договорот“, објаснува Бендеска за РСЕ.

Мислењата кои ги носи Комисијата се задолжителни и за институциите и за фирмите. Она што го препорачала во овој случај е компанијата во иднина да се воздржува од одлуки кои продуцираат нееднаков третман и дискриминација по основ на пол, род и бременост. Исто така треба да организира обука за менаџментот за дискриминација во работните односи и тоа Комисијата се нуди да ја одржи бесплатно.

Од фирмата „Просветно дело“ за Радио Слободна Европа изјавија дека не сакаат да се соочат со прекршочни пријави, па ќе ги почитуваат препораките на Комисијата, кои за нив се задолжителни. Менаџерскиот тим беше на годишен одмор, па повеќе детали за случајот нема. Кога во февруари работничката го обелодени на социјалните мрежи, „Просветно дело“ демантираше дека Магдалена е „избркана“ поради бременоста, туку дека едноставно договорот за вработување и истекол.


Неколку случаи чекаат решение, судската пракса неповолна за жените

Многу сличен случај на оној на Магдалена Стојмановиќ Константинов е во рацете на Комисијата од каде велат дека собираат докази за да донесат конечно мислење. Имале случај и со претставка во државна институција, но кога побарале одговори од таму, двете страни се договориле, односно работодавачот ја увидел грешката.

Случај кој излезе во јавност беше и оној на младата мајка Филимена Бошковска, која доби отказ среде породилно отсуство и барање да ги врати на државата парите од боледувањето. По интервенција и на невладиниот сектор институциите увидоа дека потфрлиле. Но, многу жени не успеале да добијат одлуки во своја полза, и покрај тоа што се одлучиле да одат и на суд.

Според истражувањето на невладината организација „Млади правници“ за периодот од 2014 до 2017. Кај нив се обратиле 20 работнички на кои договорот за вработување на определено време не им бил продолжен иако тие совесно и одговорно ги извршувале своите работни обврски. Пред бременоста договорите за вработување им биле редовно продолжувани и некои од работничките биле наградувани и унапредувани.

Во повеќе идентификувани случаи работното место на кое работеле не е укинато, напротив веднаш е пополнето со нов работник. Отвориле четири судски постапки за заштита од дискриминација по основ на пол и личен статус – бременост.

И покрај тоа што биле речиси идентични, со еден случај е утврдена дискриминација по основ на пол и бременост, додека во друг, идентичен судот утврдил дека не постои дискриминација.


„Ваквата судска пракса не создава правна сигурност и ќе мора да се изедначи. И за тоа е битно ова прашање да го одржуваме отворено, бидејќи законот овозможува да се вклучат многу чинители. На пример во последниот случај, ако жената побара заштита од нас и на суд законот нуди можност и комисијата да се вклучи во судската постапка ние би биле вмешувачи, застапувајќи една од страните, а нашето мислење пак може да го користи за прибирање надомест за претрпена штета“, вели Бендеска.


Законот за работни односи (ЗРО) забранува давање отказ поради бременост (член 101). Сепак со истата одредба е уредено дека оваа забрана не се однесува на престанокот на договорот за вработување поради истек на времето за кое е склучен (член 101 став 3), што им овозможува на работодавачите формална законитост на постапувањето. Поради тоа, се поставува прашањето дали оваа законска можност се злоупотребува од страна на работодавачите, се вели во истражувањето на „Млади правници“.


Министерството за труд и социјална политика веќе 3 години работи на новиот закон за работни односи. Со него најави дека ќе има породилно отсуство и за татковци, но и дека договорот за вработување на определено ќе може да се склучи најмногу до две години во непрекинат период.

Од Министерството не одговорија на неколку прашања кои Радио Слободна Европа им ги постави за случајот на Магдалена, но и за тоа дали досегашниот закон ги штити доволно бремените работнички.

Во меѓувреме, Магдалена Стојмановиќ Константинов ќе ја тужи фирмата поради дискриминацијата. Вели дека ќе оди на суд бидејќи мора да се воспостави судска пракса за да се донесат повеќе пресуди во корист на дискриминираните жени.

Од Комисијата наведуваат дека жените не се решаваат да тужат бидејќи не веруваат во системот, се плашат или не се доволно едуцирани. Ги повикуваат ако се посомневаат дека договорот за работа не им е продолжен бидејќи останале бремени, да се обратат и кај нив, во Комисијата против дискриминација.

  • 16x9 Image

    Билјана Николовска

    Билјана Николовска како новинар започнува да работи во локална радио станица, а кариерата ја продолжува во националната ТВ Телма од 2006 – 2023 год. Добитник е на награда за најдобар дописнички прилог, и на повеќе награди за истражувачки стории доделени од домашни новинарски организации како и од Европската Унија. Автор е на документарен филм  и серија стории кои откриваат корупција, организиран криминал и нарушување на човековите права. Како истражувачки новинар за Радио Слободна Европа започна да работи во мај 2023 година.

XS
SM
MD
LG